Планетата мораме самите да ја спасиме

23.08.2019 03:20
Планетата мораме самите да ја спасиме

За да се спаси планетата од климатските промени, научниците предлагаат сешто: да се засадат трилиoн нови стебла во шумите на површина колку што се САД; или да се лансира џиновски чадор во вселената кој ќе ја штити планетата од прегревање; или да се скрати работната недела во развиените земји...

По големото и катастрофалното невреме со силен ветер од над 100 километри на час, што однесе седум човечки жртви, на Халкидики се пребројуваат и санираат штетите. Во невремето животот го загубија вкупно седум лица, шест туристи од Романија, Русија и Чешка и еден рибар чие тело го лоцираше хеликоптер на грчката воена морнарица, а кој над 15 часа се водеше за исчезнат во морскиот дел на Каликратиа. Станува збор за најголема бура во последните 35 години и најголема штета на грчката инфраструктура во нејзината историја.

Невремето ја зафати и нашата држава. Во Преспа ветрот корнеше стебла и превртуваше приколки, уништени се покриви на десетици куќи на потегот од Претор до Долно Дупени, уништени се овошни насади... Ветрот дувал со брзина од 150 км на час.

Со бури и големо невреме овој и минатиот месец беа зафатени и Србија, Шпанија, Италија, Црна Гора... Во Италија е на сила жолтиот аларм поради можно ново невреме и појава на лизгање на тлото и поплави.

Ниедна држава не е изолирана од климатски промени. Нивна основна карактеристика е (ќе биде) зголемена просечна годишна температура, екстремните суши и изобилни врнежи кои ќе се сменуваат наизменично со ширењето на пустините. Во Македонија климатолозите предвидуват дека пустина ќе се протега од Криволак до Велес, и по долината на Брегалница до Свети Николе.

Планетата е загрозена. Дојдено е и до поместување на годишните времиња; пролетта се почнува порано отколку во календарот, влажните делови на планетата станаат уште повлажни, а сушните посушни. Дојдено е до комплетна редистрибуција на врнежите според географската широчина.

Според климатолозите, поради загрозување на планетата ќе настрадаат уште многу луѓе, а материјалната штета не може да се процени. Така ќе биде и во наредните месеци, години, векови... ако ние, луѓето кои ја населуваме оваа планета, не преземеме нешто за да ја спасиме.

Апокалиптични прогнози

Апокалиптични се лабораториските експерименти за тоа што може да ѝ се случи на планетата Земја поради климатските промени условени од прекумерното загревање и загадување и неконтролираната емисија на штетните гасови.

До 2050 година во многу европски градови ќе дојде до големи климатски промени. Швајцарските климатолози велат дека климата во Лондон ќе наликува на онаа во Барселона, 22 проценти на европските градови ќе се соочат со досега незабележани климатски промени во кои ќе се сменуваат сушните периоди со периоди на монсунски сезони.

Стручњаците за клима од Круотер лабораторија при истражувачката група на универзитет за наука и технологија во Цирих проценуват дека за една деценија Мадрид ќе наликува на Маракеш, Сиетл ќе има клима како Сан Франциско, во Токио климата ќе биде како во Шангај, во Стокхолм како во Будимпешта а во Париз како во Канбера. Се работи за прва глобална анализа на претпоставените климатски промени во големите градови како последица на глобално затоплување. Според нивните симулации, европските градови годишно во просек ќе се загреват за 2,5 степени целзиусови, а летата и зимите ќе бидат потопли за 3,5 и 4,7 степени целзиусови.

Ова се случува на целата Земјина топка. Во Индија од топлотниот бран страдале 5000 луѓе. Годинава таму се регистрирани 484 топлотни бранови за разлика од 2010 кога се регистрирани само 21. Научниците кои ја следат состојбата во оваа земја велат дека дури и ако во светот се намали емисијата на јаглерод диоксид, во некои делови на Индија ќе стане многу жешко, на граница на човековата издржливост.

Дали климата го менува светот или светот ја менува климата?

Ова е прашање на кое одговорот го бараат и обичните луѓе и научниците.

Швајцарската фондација Академија Енгелберг, на научен собир уште во далечната 2005 година, алармираше дека сите држави, а особено најразвиените, треба да посветат поголемо внимание на причините што ги предизвикуваат климатските промени. Фондацијата се заложи за тоа овие држави, конечно, не само да го потпишат Кјото протоколот што треба да ја спаси Земјата од „Климатската апокалипса“ туку и да го почитуваат.

Професорот д-р Клаус Хуг долгогодишен претседател на Фондацијата фигуративно објаснува дека планетата на која живееме не е „под гаранција“, па доколку нешто се расипе да може да се повика сервис што ќе го поправи расипаното. Ако сакаме и натаму да живееме на планетава, вели д-р Хуг, тогаш мораме сите да се грижиме за неа, а она што најмногу ја загрозува е токму промената на климата. Феноменот на брановите цунами кои во последните десетина години однесоа над половина милион жртви само во југоисточна Азија, е „играчка“ во споредба со климатските промени кои допрва нè чекаат по 2020 година, доколку и натаму се однесуваме несериозно кон нашата планета.

Научниците велат дека доколку просечната температура на Земјината топка се зголеми само за четири степени, тоа ќе доведе до топење на ледниците по планините, со што многу држави ќе останат без вода за пиење, бидејќи во ледниците се сконцентрирани 70 проценти од количество вода за пиење на планетата. Во некои делови на Европа температурите кои се забележани во последните лета беа за пет целзијусови степени над нормалните вредности за тој период од годината. Да се присетиме дека во 2004 година ваквиот топлотен бран во Франција предизвика смрт на 15.000 луѓе.

Научниците прогнозираат дека до крајот на векот ќе имаме константно топли лета со повисоки температури што ќе предизвикува метеоролошки турболенции.

Заклучокот се наметнува сам по себе: човештвото мора да се спаси од овие црни проогнози. Сер Дејвид Кинг, угледен британски климатолог, во една расправа на оваа тема во Кембриџ, предупреди дека промената на климата е најголем проблем на нашата цивилизација, многу посериозен од глобалниот тероризам кој се користи, меѓу другото, и во пропагандни цели, и тоа токму од најразвиените земји, за да се маргинализира прашањето на климатските промени.

Не постои планета Б

Пред два месеца по повод двата значајни датуми за планетата, Денот на планетата Земја и Денот против загадувањето, во земјите од Западна Европа се одржани бројни собири, протести и настани на кои централна тема беа климатските промени и загадувањето. Во Виена е одржан голем протест на младите (и не само на младите) на кој се собраа над 35.000 илјади луѓе. Организаторот беше младата активистка против климатските промени, Грета Тунберг, членка на младинско движење против климатските промени Fridays For Future. После прошетката по виенските улици активистите се собраа на Шварценбергплац каде извикуваа: „Нè има многу и сакаме да нè чуете“, „Нема иднина на мртва планета“, „Тука сме и гласни сме бидејќи ја уништивте природата“ „Не постои планета Б“ итн. Тие ги повикуваа жителите на Виена да се вклучат во битката против загадувањето така што ќе користат јавен превоз, ќе возат велосипеди, ќе одат пеш, ќе ја исфрлат пластиката, ќе рециклираат отпад и ќе штедат енергија.

Приклучувајќи се на одбележувањето на Светскиот ден на заштита на човековата околина еколозите и активистите од 140 земји во светот ги повикаа своите сограѓани да се освестат и да почнат да делуваат на заштитата на природата. Тие предупредија дека девет од десет луѓе на Земјината топка дишат загаден воздух. Нивните препораки се:

- Да користиме јавен превоз и да не се возиме сами во автомобил, туку да земаме сопатници;
- Да возиме велосипед или да одиме пеш;
- Да преминеме на хибридни или електрични автомобили и да го користиме такси превозот само од оние компанији кои имат електрични автомобили;
- Да ги гасиме моторите на своите автомобили кога стоиме на семафор;
- Да ја намалаиме потрошувачката на месо и млечните производи, со што би ја намалиле емисијата на метан;
- Да ги компостираме остатоците на органската храна и да го рециклирааме отпадот;
- Да штедиме енергија и да ги гасиме сијалиците кога не сме дома;
- Во домаќинствата и градежништво да користиме еколошки и неотровни бои и мебел од природни материјали.

Да се пошуми планетата

Научниците сметаат дека во моментов најефикасно решење за климатските промени е подигнувањето нови шумски комплекси. Тие велат дека на планетата има доволно простор да се засадат нови шуми на површина колку што е големината на САД и дека таквата шума би ја намалила количината на јаглерод диоксид во земјината атмосфера за 25 проценти. Том Кроутер, професор и основач на циришкиот истражувачки центар Кроутер лабораторија, го повика населението на планетата да посади нови трилион стебла за да се спаси планетата. Тој вели дека така би се неутрализирале две третини на емисијата на штетните гасови кои ја загреват планетата, за што директната одогoворност сносат луѓето.

Според мислењето на научниците од Академија Енгелберг, секој од нас може да даде свој придонес за да се сочува животот на земјата. На пример кога секој возач неделно со својот автомобил би поминувал само 15 километри помалку од вообичаеното, емисијата на јаглерод диксид во воздухот би се намалила дури за 13 проценти. Меѓу другото, тие препорачуват да се употребуваат машини за перење кои користат помалку вода, да се исфрлат автобусите како превозно средство за градскиот сообраќај, да се тушираме наместо да се бањаме во када, комплетно да го рециклираме сметот и помалку да ги користиме клима уредите и другите уреди со фреон.

Развиените земји се дволични

Академијата Енгелберг го отвори и етичкиот аспект на спречувањето на климатските промени, бранејќи ги сиромашните земји и земјите во развој. Во нејзината анализа за причините и за последиците на глобалните климатски промени во светот е нагласено дека развиените земји се однесуват дволично, дека се залагаат за зачувување на климата и за спречување на промените кои се резултат на загадувањето, а од друга страна, на неразвиените и на замјите во развој им продаваат застарени и највалкани технологии кои ја загадуват атмосферата, а потоа ги обвинуваат за еколошки катастрофи и бараат од нив строги нормативи во заштитата на човековата околина.

Во ваквото однесување најдалеку отиде Америка. На жалбите од страна на земјите во развој дека богатите не им помагаат доволно во развојот на еколошки планови и во унапредувањето на заштитата на околината, со која би се спречиле климатските промени, САД од своја страна ги обвинуваат земјите во развој дека самите се виновни за сè што им се случува, затоа што немат демократија и затоа што избират неспособни влади кои не знаат да се справат со еколошките и со другите проблеми.

Како да се заштити замјината топка?

Скратување на работната недела

Аутономи, независна, прогресивна тинк-тенк организација која тесно соработува со Европската комисија и нуди интересни предлози и решенија, потпирајќи се на податоците на ОН и ОЕЦД, во својата најнова студија за борба против климатските промени во Европа, укажува дека е неопходно Германија, Велика Британија и Шведска драстично да ја намалат работната недела. Директорот на истражувачкиот центар Аутономи, Вил Строн, вели дека за да се намали влијание на човековата околина и да се влијае врз климатските промени со намалување на емисијата на јаглен диоксид нужно е да се намали работната недела во овие три држави.

Тој вели дека е тоа сосема изводливо со оглед на брзиот развој на технологијата која ја намалува потребата за работна рака. Тој во својот извештај вели дека стопанствата на Германија, Велика Британија и Шведска за да го задржат и намалат нивото на емисијата на јаглен диоксид и со оглед на нивната продуктивност, треба драстично да ја намалат работната недела. Шведска за 12 часа, Велика Британија за девет и Германија за шест часа неделно. Тој вели дека со намалувањето на работната недела за уште еден ден, што го предлагаат некои политичари, нема да се постигнат значаји резулатати во намалувањето на емисијата на штетни гасови. Само на овој начин може да се очекува, вели тој, порастот на глобалната температура да се задржи на ниво под два степена целзијусови. Студијата своите заклучоци ги базира на податоците добиени од ОН и ОЕЦД за емисија на стакленички гасови во овие три земји. Англиските Лабуристи веќе ја прифатиле нивната сугестија и предлагаат работната недела во Британија да се намали на четири дена.

„Налудничави идеи“

Се слушаат најразлични предлози кои доѓаат и од високи научни кругови и референтни организации. Една од варијантите која беше изложена уште во 2005 година на Академијата Енгелберг е земјата да се заштити однадвор, со некој вид надворешна обвивка. За таа цел би требало да се напрви огромен штит во вселената, што ќе го апсорбира вишокот сончеви зраци и на тој начин ќе ја стабилизира климата на Земјата. За таа намена се предложени и разни „градежни материјали“. На пример, со космички ракети во земјината орбита да се исфрлат милијарда тенки метални плочки кои во наредните 100 години би „голтале“ извесно количество од сончевата енергија и би ја враќале назад во вселената.

Има и други предлози: со помош на авиони во горните слоеви на атмосферата да се постават супертенки метални завеси кои нема да им дозволат на сончевите зраци да допрат до површина на Земјата туку цело време ќе прават сенка. Некои научници како интервентно решение предлагат во стратосферата да се лансираат повеќе милиони метализирани балони исполнети со хелиум, налик на метеоролошките.
Сите се согласни во едно, дека на Земјината топка итно ѝ е потребен „чадор за сонце“, односно дека Земјината топка мора да добие ладовина. Еден таков космички „сонцобран“ би можел да задржи околу еден процент на сончевата енергија што би било доволно Земјината топка малку да се разлади.

Оваа идеја не е налудничава. Научниците се инспирирани од проучувањето на последиците на ерупциите на неколку вулкани во Индонезија, кога во горните слоеви на атмосферата дошло до висока концентрација на пепел, поради што речиси цели три години просечната температура во ова подрачје била за 30 проценти пониска во однос на другите подрачја на планетата.

Втората варијанта е земјата да се заштити одвнатре. Научниците ја проучиле можноста да се изврши модификација на океаните, за тие на вештачки начин да се приспособат да го издржат поголемото затоплување. Предлогот се состои во тоа на површината на морињата и океаните да пловат инсталации што создаваат облаци, а по водата да се посеат плантажи на алги кои ќе можат да ги голтаат штетните зрачења од атмосферата. Можеби сево ова изгледа премногу фантастично, но едно е сигурно - што и да се направи, мора да се направи што побргу. Во спротивно сите апокалиптични прогнози нема да бидат научна фантазија.

Глава во песок

Најразвиените земји, воедно и најголемите загадувачи на планетата, ја пикаат главата во песок и се прават невешти пред овој глобален проблем. Владимир Путин, лидер на земјата која е меѓу најголемите извознички на нафта, зборувајки минатиот месец „за климатските промени“ во еден од најзагадените градови во Русија, Јекатеринбург, го оспоруваше производството на струја од обновливи извори на енергија како еколошко и рече дека е тоа погрешен потег на човештвото. Тој не кажа дека производството на струја од ветерници е лошо, но го критикуваше овој начин на добивање енергија бидејќи страдале многу птици, а и самите вибрации од столбовите ги вознемирувале црвите под земја, што е лошо за човештвото, пренесе „Блумберг“.

Што со пластиката?

До крајот на оваа 2019 година од производството и палење на пластиката во атмосферата ќе се инјектират повеќе од 850 милиони нови кубни метри стакленички гасови, што е еднакво на загадување од 189 нови термоелектрани на јаглен со снага од по 500 мегавати се вели во швајцарската студија „Пластика и клима“ и се препорачува постапно воведување на забрана за употреба на пластика за еднократна употреба. Тие наведуват дека брз глобален пораст на индустријата на пластични предмети чие производство е евтино, не само што ја уништува природата, туку ги поткопува сите напори да се намали емисијата на штетните гасови и да се заштити здравјето на луѓето.

Тие ги испитувале сите фази на „животниот циклус на пластика“ почнувајќи од нејзиното производство и експанзија на петрохемиската индустрија и пресметале дека во наредните десет години драматично ќе се зголеми влијанието на пластиката врз климата. Во 2030 година, годишното производство на пластика ќе достигне 1,34 гигатона што е еднакво на емисија на штетни гасови од 295 термоелектрани на јаглен со снага од 500 мегавати што ќе генерира 56 гигатони емисија на стакленички гасови со што се доведува во прашање проекцијата за емисијата на штетни гасови да се задржи на сегашното ниво или да се намали.

Северна Македонија и климатските промени

Во Земјата во која еколошката свест на граѓните е на исклучително ниско ниво, а институциите без интегритет и професионален кадар, нормално е да се очекува климатските промени и еколошките проблеми да бидат на маргините на јавниот интерес. Тоа резултира Северна Македонија, повеќе од една деценија, да се наоѓа на врвот на еколошки најзагедените држави.

Првпат во 2016 година, таа се соочи со последиците на климатските промени кои предизвикаа огромни матерјални штети и човечки жртви. Најнапред од 6 до 10 август 2016 година поројните дождови кои ја зафатија скопската котлина однесоа 21 жртва и предизвикаа огромна матерјална штета, а надлежните практично до денес целосно не ги отстранија последиците. Потоа дојде екстремно студената зима со температурите пониски од 20 сепени што причини големи штети на земјделието.

Меѓународната заедница се обидува да помогне, но предупредува дека генерално степенот на ризик од последиците е голем бидејќи не постои сериозна стратегија туку се работи за инцидентни мерки.

На сериозни последици од климатските промени посебно врз земјоделието во Северна Македонија предупреди неодамна и германската организација „Џерманович“ која Северна Македнија во 2016 година ја рангира на осмото место на најзагрозените земји кои ќе ги почувствуват последиците од климатските промени, а според бројот на жртвите од климатските промени на 100 илјади жители ние сме на високо пето место во светот.

Според симулациите кои ги имат направено научниците од Природно-матемтичкиот факултет на УКИМ, просечната летна температура во наредните децении во Северна Македнија ќе се зголеми за 5,10 степени а количество на летните врнежи ќе се намали за 25 проценти што ќе придонесе за ширење на пустината.

На хидролошките станици во Северна Македонија веќе се регистрирани ниски протоци на вода. Споредбено, за периодот 1961-2000 година, средното ниво на четирите реки и трите езера е намален за 10-20 проценти, а максималниот проток на водата за 80 проценти. Според овие истражувања најзагрозени се регионите на источниот и југоисточниот дел на државата.

ИНСТИТУЦИОНАЛНА РАМКА

Во рамките на Министерството за животна средина на Република Северна Македонија формирана е проектна Канцеларија за климатски промени, а во рамките на Владата, Национален комитет за климатските промени, со цел да се следи и надгледува националната политика поврзана со климатските промени. Од делокругот на нивната работа засега постојат неколку документи и драфтови поврзани со подготовка на стратегија за редукција на емисијата на стакленички гасови, кои треба да бидат имплементирани како дел од националната стратегија за економски развој во рамките на која треба да биде и стратегија за енергетска ефикасност до 2020 година.
Декларативно во документите кои се испраќаат на увид во надлежните тела на ЕУ, Северна Македонија силно ја акцентира заложбата и потребата од засилување на националниот систем за управување со животната средина и засилување на капацитетот на администрацијата на централното и локалното ниво за побрзо усогласување на националното законодавство во областа на животната средина со законодавството на ЕУ.

Словенците немат проблем

Во регионот на поранешната заедничка држава СФРЈ и во европски рамки Словенија има најголем напредок во заштитата на човековата околина и спречувањето на последиците од климатските промени. Таа наскоро ке биде земја без ѓубре, бидејки сè се рециклира и од ѓубрето се произведува чиста енергија. Словенечката научна институција „Морска биолошка станица“ од Пиран ги симулирала и евентуалните штети од климатските промени и природните катастрофи во регионот. Евентуален земјотрес во Црна Гора, според нивните пресметки, би предизвикал цунами чии бранови не би биле уништувачки, а до Словенија и Трст би патувале цели шест часа.

Карикатури: повеќе автори