Борба за опстанок на Хонгконг

24.08.2019 00:40
Борба за опстанок на Хонгконг

Беше спарен августовски понедленик кога граѓаните на Хонгконг, од банкари, преку телевизиски водители, па сè до возачи на градските автобуси стапија во генерален штрајк. Градската метро мрежа, инаку позната по својота точност, беше блокирана зашто демонстрантите со часови ги држеа заглавени вратите на возовите; дури и меѓународниот аеродром беше речиси празен, зашто вработените останаа дома што приземји стотици авиони и предизвика последици ширум светот. Ова беше очајнички обид да се направи пробив по деветте залудни недели на антивладини протести започнати по повод законот за екстрадиција со кој граѓаните на Хонгконг стануваат подложни на кинескиот правосуден систем.

До средина на попладнето, Кери Лим, тврдоглавата управителка на градот, поддржана од Пекинг, обелодени дека нема намера нешто да направи за да ја разреши политичката криза, која досега предизвика на протестите на улиците да излезат два милиони луѓе, многукратни самоубиства и апсења на повеќе од 600 илјади луѓе, вклучувајќи ги и студентите кои би можеле да бидат осудени на дури 10 години затвор заради предизвикување нереди. Наместо тоа, таа на прес конференција застана во одбрана на кинескиот суверенитет над Хонгконг како „специјален административен регион“ и остро го нападна протестното движење, нарекувајќи го „рушители на Хонгконг“. За тоа време, нејзините полициски батаљони насилно ги разбиваа демонстрациите, демонстрантите беа напаѓани од вооружени насилници и беа удирани со автомобили. Новинарите крвареа. Полицијата соопшти дека само во понеделникот испукала повеќе од 800 полнења на солзавец.

Движењето против екстрадицијата, повеќе отколку кои било други протести во Хонгконг го отелотворува длабокиот страв околу прашањето за местото на овој град во светот на кој повеќе не му е потребен. Во текот на 22 години на пренесувањето на суверенитетот на оваа поранешна британска колонија во рацете на Кина, Хонгконг го оправдуваше своето постоење на крстопатот на двата светови, спојувајќи го западниот неолиберален глобализам со кинескиот авторитарен капитализам. Животот под овој присилен договор не бил ни малку лесен: истото она шурување помеѓу државата и бизнисот што Хонгконг го направи славен финансиски центар и најважен прозорец кон светот на кинескиот капитал – доведе до тоа овој град да има еден од највисоките Гини коефиценти во светот: еден од петмина луѓе живеат под линијата на сиромаштија, а заради астрономскиот раст на цените на недвижностите, просечен универзитетски образован човек мора да ја штеди целата годишна плата во текот на 13 години, за да си дозволи само аванс за стан. Наспроти тоа, дури и просечните граѓани на Хонгконг биле уверени дека нивната култура, јазик и начин на живот ќе можат да останат недопрени, сè додека градот служи како „прозорец кон светот“ за кинеската елита. Тоа секако изгледало како подобра опција во однос на можноста целиот град да биде проголтан од страна на Кина.

Но денес, овој прозорец се затвара. Кина веќе не зависи од Хонгконг што значи дека од него веќе не зависи ниту западот. Изгледа речиси апсурдно да се присетиме на надежта на прогресивните политичари од Хонгконг на почетокот на деведесеттите години, во време која БДП на градот изнесувал дури една четвртина од вкупниот БДП на цела Кина, дека еден ден, овој град ќе ја прошири либералната демократија и во остатокот на кинеската држава. Денешниот кинески БДП е триесет пати поголем од бруто домашниот производ на Хонгконг, а Кина е таа што го преобликува Хонгконг според сопствената слика, а не обратно. Во последните дваесет години, Пекинг систематски ги освојуваше најмоќните институции на Хонгконг, ги подмитуваше олигарсите, ги консолидираше монополите и наметнуваше гигантски инфраструктурни проекти, користејќи ја машинеријата што останала од поранешните колонијални господари, сето тоа со цел да ги оствари своите авторитарни амбиции.

Граѓаните на Хонгконг на сите овие промени регираа со мешавина на огорчени протести и помирливо прилагодување, истовремено негувајќи надеж дека на крајот ќе се дојде до некакво политичко решение. Трагичниот неуспех на „Движењето на чадорите“ од 2014 година, за време на кое демонстрантите организираа масовни протести во траење од 79 денови барајќи универзално право на глас, претставуваше тежок удар за овие очекувања. Сè понемилосрдното полициско насилство, јавно поддржано од Пекинг, со кое властите им одговорија на годинашниве протести, го потврди најдлабокиот страв на граѓаните на Хонгконг: дека нивните животи се неважна ставка во плановите на централната власт за иднината на овој град.

Меѓу демонстрантите се вкроени изреката「自己香港自己救, која во слободен превод гласи: „Едниствени ние саите може да го спасиме Хонгконг“. Слично како и многу други слогани во Хонгконг и оваа фраза функционира на повеќе нивоа: таа истовремено е и повик за мобилизација и болно признавање на егзитенцијалната излолација на овој град. Исто така, таа говори и за немоќта на глобалниот неолиберализам и неговите празни ветувања дека ќе ја заштити „слободата“ во (богатите) општества ширум светот. Наспроти кинеските пропагандистички обвиненија дека зад протестите стојат злите западни агенти, повеќето расположливи податоци покажуваат дека станува збор за незаинтересираноста на западот да се вмеша во кризата на кој било начин. Дури и кога демонстрантите очајнички посегнаа по „народната дипломатија“ – мавтајќи со странски знамиња, купувајќи странски весници, лобирајќи кај странските амбасади – британските и американските политичари не понудија ништо повеќе од неколку твитови, воздржани изјави и неколку симболични документи за поддршка, кои Доналд Трамп веднаш ги обесмисли гласно изговарајќи го она што другите го мислат: дека протестите се „нереди“ кои „Кина може да ги сопре кога ќе посака“.

Фактот што боговите на глобализмот не сакаат ниту да одговорат на повиците за помош кои стигнуваат од азиската капиталистичка тврдина, треба да претставува досега најјасен доказ за она што угнетените ширум светот одмана го сфатиле: неолиберализмот никогаш не бил рамка за мешународна солидарност, туку едноставно себична логика на глобална експлоатација. Ако совесните набљудувачи во Хонгконг и на други места сè уште не се подготвени да ја напуштат фантазијата од постстудената војна за светски мир заснован на слободниот пазар, тоа е само затоа што им се чини дека немаат друг избор. Кризата во Хонгконг покажува дека неолиберализмот е во опаѓање не затоа што победуваат прогресивците, туку затоа што го заменува понова и поефикасна идеологија на авторитарно капиталистичко насилство кое ширум светот ја консолидира својата моќ, газејќи ја загрижувачки фрагментираната опозиција. Оваа криза, исто така, покажува колку светот станал опасен во недостиг на кохерентна интернационална лева позиција.

Се чини дека за денешните жители на Хонгконг не постојат никакви очигледни патишта за спас, никакви постколонијални модели за самоопределување кои би го ослободиле градот од челичниот стисок на кинеската државна моќ. Дури и најпопуларниот слоган на протестите 「光復香港,時代革命」(кој најчесто се преведува како „да го ослободиме Хонгконг, револуција на нашите денови), идеолошки е неразбирлив: глаголот 光復 може да значи и „да обновиме“, па дури и „да вратиме“, заради што останува нејасно дали слоганот гледа во иднинанта или кон минатото. За да издржат, граѓаните на Хонгконг мора да пронајдат начин повторно да го стекнат својот историски субјективитет и да развијат позитивна визија за сопствениот дом. Истовремено, неопходно е меѓународната левица да соработува со граѓаните на Хонгконг во изработката на нова анализа, која нема само да ги транспонира преџваканите западни клишеа во контекстот на Хонгконг, туку ќе се одважи одново да ја осмисли антикапиталистичката и антиавторитарната политика на опстанок од перспектива на местото на крстопат помеѓу Истокот и Западот.

За да се постигне тоа, би било неопохдно да се преуреди светот. Ваквата солидарност од страна на американските левичари би барала повлекување на САД од нивната клучна улога – од Маршаловиот план, преку консензусот на Вашингтон и натаму во создавање и одржување на повоениот геополитички систем кој намерно го прегази тежнеењето кон самоопределување на државите од Третиот свет со логиката на глобалниот неолиберализам. Британските левичари можат да почнат од барање нивната влада да преземе одговорност за штетата која ја направила со своите поранешни колонијални системи, кои во меѓувреме станаа моќни алатки за угнетување и извлекување профит во рацете на новите авторитарци.

Малиот пограничен град од седум милиони жители не може самиот, своерачно да го растури хегемонистичкиот поредок во чијашто стапица паднал. Но неговата борба во овој критичен момент претставува итен повик за сите левичари да помогнат во разградбата на овие структури, истовремено, повторно промислувајќи ги моделите на општествена организација од оваа страна на капиталистичките модели на национални држави. Во тој случај можеби граѓаните на Хонгконг ќе бидат во состојба да се придружат кон изградбата на она што Берни Сандерс го нарекува „меѓународен прогресивен фронт“, во рамки на кој, како што пишува Сандерс „ќе направиме сè што можеме за да се спротивставиме на силите кои никому не даваат отчет – ниту на државните, ниту на корпоративните сили кои се обидуваат да нè поделат и меѓусебно раскараат“. Од смртта на овој неолиберален град би можела да настане еманципаторска историја.

Извор: Dissent