Кому му треба овој град?

24.08.2019 02:15
Кому му треба овој град?

Сериозно мислев дека запрепастувачките информации за најновата македонска државна контроверза ќе предизвикаат контраефект, некаков вид на протест, или барем „протест“, ако не повеќе тогаш барем еднакво бројни коментари, или дури побројни и позајадливи од оние упатувани во времето на инсталацијата на она монструозно „Скопје 2014“. Или барем од времето на „гушкањето“ на ГТЦ. Ништо од тоа, молк, штама… би рекол засрамувачка, безобразна, кичерска во душа. За мене неразбирлива, ама за другите не баш зашто ми велат дека најголемиот дел од „гушкачите“ и „протестантите“ се ухлебија, вработија жени и деца, па што такво ќе протестираат? Да го загубат и тоа што го добија со „тешка мака“, со едно или две гушкања, со рецитации или свирење гитара? Можеби имаат право – не овие сегашниве калкуланти молчаливци туку оние кои ми ја објаснуваат „ситуацијава“! Ок, прифатено!

Но, тоа ми го дава правото да се сомневам и во нивните претходни реакции, односно во интринсичната пресметаност на сите нивни потези во времето на режимот, но и пред тоа, во сите нивни „авангардности“? Немам причина да мислам поиинаку. Иако, еве, можам (дури и вака јавно) да ги преиспитам сопствените ставови. Ајде нека биде, можеби јас грешам! Испадна дека „бранителите“ на сонцето од Вергина врз македонската канализација се единствените кои имаат нешто да кажат во државава!

А овој молк, согледан малку од поширок ракурс, вели дека овој град очигледно никому не му треба, па следствено е дефинитивно оставен да ја живее својата клиничка – или архитектонска, како сакате – смрт. Што пак, како факт, мислам дека не мора посебно да го објаснувам зашто (особено) секој вработен жител на „градов“ (наводниците се намерни, а намерно не инсистирам ни на терминот граѓанин!) секое утро, и попладне, лично ја доживува неговата смрт. Но, повторно, нема глас против, нели, или барем јас не сум слушнал, а не сум баш толку глув. Ја чекаме неговата дефинитивна смрт, општиот колапс на сите функции, па некој да реагира? Или нема ни тогаш да го гледаме тој филм? Токму затоа и прашањето од насловот: му треба ли некому овој град? Ако сите молчиме на неговата очигледна смрт, значи дека не ни треба, нели?

Или имаме резервни градови? Знам, многумина ги имаат, и села дури, ама колкумина – ги немаат? Ако ова Скопје во 1963 година имало околу 250-300.000 жители – денес сигурно има барем двојно повеќе – колку од тие првобитни жители останале во градов и со текот на животот придонеле за зголемувањето на неговата популација? Исто толку, помалку, повеќе…? Не знам дали некаде има такво истражување, веројатно не зашто ние не сме особени љубители на истражувања, за тоа треба умствен напор, но да претпоставиме дека останале барем исто толку, од кои што, ајде да речеме, се иселиле, во странство или во внатрешноста , барем една третина, тоа сепак ќе рече дека во овој и ваков град останале барем 200.000 жители родени тука?!

Не знам, не сум сигурен во мојава математика, ама допуштам, еве, нека сме и дупло помалку, нека сме и 100.000 полнолетни жители на овој град родени тука во некое време помеѓу педесетите години на минатиот век и крајот на векот. Тоа сепак не е мала бројка. Стотина илјади (свесни) граѓани можат целосно да ја сменат современата историја на еден град, па нека тој град се вика и Скопје, со сите негови наталожени проблеми. А се наталожило многу, ама изгледа се наталожиле црнила и кај нас па, едноставно, не нѐ интересира ништо подалеку од нашиот праг? Ако овој град не му треба никому односно ако е продаден / предаден на урбаната и сите други мафии, а меѓу другите од него сме кренале раце и ние, тогаш и ова што се случува е малку. Утре дефинитивно ќе не задушуваат секакви бараби, ќе градат секакви криминалци, ќе подигаат „споменици“ секакви политикантски профитери … во дупли дози. И ние ќе седиме со скрстени раце. Машала!

Бидејќи сето ова веќе и денес е реалност. Зашто ако на еден одвратен „споменик“ кој што нема три благе везе со уметност, (а споменик денес, по дефиниција, би требал да има барем некаква уметничка „назнака“), уште помалку има врска – а особено сака да има врска, просто плаче за тоа – со (македонската) историја, култура, идентитет итн., плус кој што е тотална дивоградба, што ќе рече незаконски и манипулативен испрдок на еден налудничав режим, е ако на таков „споменик“ му влепите смешна налепница која што вели „Во чест на Александар Велики (или едокојси друг, може Филип Втори, може Олимпија итн., м.з.), историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“, што кажувате со тоа? Кажувате многу, премногу, и лошо, лошо до зла бога, за Градот, за нас, за државата…!

И повторно: знаеме ли кому ова му треба? Како што не разбравме ни кому навистина му требаше она од пред неколку години? Мислам на она „Скопје 2014“, се разбира, и сите негови пропратни „манифестации“. И за што навистина им требаше? (Освен за сега легализираната кражба од околу милијарда евра!). И зошто сега ние мораме да ја живееме нивната малоумна приказна? Или ни ние не сме многу поарни од нив?

Не знам, премногу прашања, а сите остануваат без одговор. Како и многу други работи во државава. Или, барем, без званичен одговор. Иако одговор имаше, во едно блиско минато, и беше громогласно ветуван: низ говори среде улици, преку мегафони, на митинзи кога се бараа гласови, кога пропаѓаше државата… ! И сето тоа така бргу се заборави? Целиов град заборави односно тие го заборавија градов? Не знам, не сум јас единствениот кој памети, сигурно, а и да подзаборавивме, последниве настани ни го освежија сеќавањето. А нѐ потсетија и да се завртиме назад и да ги побараме ветувањата, сега веќе заборавени и дека сепак останале запишани во некои, нечии приоритети, на званичните сајтови.

Еве што стои на сајтот на Владата на Северна Македонија: „Владата темелно ќе го преиспитува проектот „Скопје 2014“ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на „Скопје 2014“ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија“!

Дали со налепницата „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“ се исцрпеа сите планирани мерки и се донесе токму тоа аргументирано и научно мотивирано решение?

Слики: Свирачиња

Извор: Теодосиевски уметност

 

ОкоБоли главаВицФото