Дали афективното поврзување е преценет концепт во психологијата?

26.08.2019 00:49
Дали афективното поврзување е преценет концепт во психологијата?

Британското списание The Psychologist извесно време објавува статии од различни гостувачки психолози кои дискутираат за тоа кои психолошки конструкти според нивното мислење се преценети или потценети. Елизабет Мејн, псофесорка по психологија на Универзитетот Јорк, пред неколку години во категоријата преценето го вброи афективното поврзување.

Овој психолошки концепт стекна популарност и надвор од научните рамки и на интернет се достапни многубројни тестови кои откриваат дали за своите романтични партнери сте поврзани во сигурен, избегнувачки, преокупиран или дезорганизиран стил. Исто така, родителските брошури и сајтови ги предупредуваат новите родители дека односот кој ќе се развие со детето одредува колку ќе биде успешен и неговиот подоцнежен развој. Во таа смисла, се претпоставува дека детето кое е „сигурно поврзано“ со мајка си ќе развие сигурен стил на поврзаност и со сите други блиски личности во иднина.

Мејн предупредува дека токму тука лежи клучниот проблем зашто не постојат никакви докази дека видот афективна поврзаност која ја има детето со родителот во детството може да предвиди што било за неговиот подоцнежен развој и функционирањето. Таа ја наведува студијата од 2014 година која покажа дека раниот стил на поврзаност не подразбира дека ист таков ќе има и како возрасна личност, а камоли дека може да предвиди нешто друго.

Афективната поврзаност претставува квалитет на односот а не црта на личноста. Тоа значи дека едно исто дете може да има сосема различен вид поврзаност за различните фигури кои го опкружуваат - да речеме за мајката е поврзано со сигурен, а за таткото со избегнувачки образец. Имајќи предвид дека барем 39 проценти од возрасните ги карактеризира несигурен стил на поврзување, налудничаво е да се етикетираат овие луѓе како психички пореметени или - поблаго кажано - неадекватни, што во јавноста се случува мошне често.

Крис Фрејли, професор по психологија на Универзитетот во Чикаго кој ги проучува процесите на поврзување во блиските врски, заедно со Глен Росман, професор по психологија кој се занимава со раниот развој, е автор на статијата во журналот Current Opinion in Psychology кој ги сумира моменталните сознанија кои ги имаме за тоа зошто некој е сигурен, а некој несигурен во блиските односи. Тие откриваат четири главни лекции кои ги научиле од лонгитудиналните истражувања за развојните основи на афективното поврзување на возрасните. Лекциите донекаде се надоврзуваат на ставовите на Елизабет Мејн и ги разнишуваат основните предрасуди и банализирањето на поврзувањето.

Прва лекција: На прв поглед делува дека тоа што некој е склон кон избегнувачки стил на поврзување сигурно има врска со раното искуство. Делува дека односите во возрасното доба се рефлексија на односите со родителите. Меѓутоа, иако одредени истражувања посочуваат на тоа, поврзаноста е толку неконзистентна и мала, што е дури занемарлива.

Втора лекција: Афективната поврзаност како теорија може да се согледа истовремено на два начини: родителот го обликува детето и неговиот стил на поврзување (социјализација) но и стилот на поврзување на детето игра улога во тоа како ги толкува намерите и однесувањето на другите и како го менува своето однесување и ги доживува блиските односи воопшто (селекција). Селекцијата би можела да објасни зошто несигурно поврзаните постојано ги повторуваат своите дисфункционални врски. Авторите тврдат дека овие два процеси не дејствуваат паралелно. Значи, активни се во различно време: социјализацијата е важна во раното детство но приматот подоцна го презема селекцијата.

Трета лекција: Раното поврзување не ги одредува односите во возрасното доба. Точно е дека луѓето со позитивни рани искуства почесто формираат сигурна афективна поврзаност и обратно. Меѓутоа, постојат исклучоци. Некои луѓе со сета поддршка и љубов сепак се развиваат во несигурни личности.

Четврта лекција: Постојат уште многу нешта кои се нејасни во врска со потеклото на стилот на афективната поврзаност во возрасното доба. Личноста која има сигурна поврзаност со родителите, заради искуството со врсниците може да биде несигурна во сите односи кои не се поврзани со семејството. Да речеме, несигурно е поврзана во романтичните врски а и понатаму е сигурно поврзана со родителите. Изгледа дека за стилот на поврзаноста скорешното искуство е поважно отколку раното искуство, а не треба да се занемари ни влијанието на генетиката.

Џон Болби, творецот на оваа теорија, на самиот почеток од својата работа тврдел дека постои критичен период (помеѓу шестиот и триесеттиот месец од животот на детето) кога се развива афективната поврзаност на мајката и детето. Сметал дека доколку изостане таа врска, последиците се неповратни и штетни. На пример, детето лесно може да се оформи како бесчувствителен психопат. Некои психолози од тоа време остро ја критикувале оваа теза наведувајќи го како аргумент тоа што Болби ги заснова своите ставови на опсервации од само едно сиропиталиште што е недоволно за каква било генерализација; дека заборава дека постојат различни видови депривација, како и дека не е точно што детето е исклучиво приврзано за мајката додека таткото е тука само како емоционална и финансиска поддршка за мајката. Понатаму, Болби ги ревидира своите ставови и признава дека претерал кога зборувал за неизбежните последици од раната сепарација.

Пораката е иста и денес: раното искуство во смисла на афективната поврзаност не е единствената и најважна состојка која го одредува детето, а секако не може самостојно да ни одговори на прашањето зошто некој има силна потреба да се стопи со друга личност, додека некој бега и од знакот за блискост.

Слики: Matt Lorentzen

Извор: http://www.psihobrlog.com

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото