1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Документарецот „Медена земја“ (Honeyland) е македонски кандидат за „Оскар“. За кандидатурата на филмот во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска одлучи Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ при Друштвото на филмски работници на Македонија.
Комисијата во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска – продуцент, Аксел Мехмед – актер, Сашко Потер Мицевски – филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов – актер, Дина Дума – режисер и Горан Игњатовски – шминкер, донесе одлука „Медена земја“ да биде национален кандидат во категоријата најдобар странски филм.
Денеска беше соопштено и дека „Медена земја“ е во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“ , што ги доделува „Европската филмска академија“. Тој е во конкуренција од 12 филмови за наградата најдобар европски документарец за 2019 година.
Пет од дванаесетте кандидати ќе влезат во потесниот избор кој ќе биде објавен на 9 ноември во Севиља, Шпанија. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членовите на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин.
„Медена земја“ деновиве доби уште неколку признанија. Викендов освои гран при на Интернационалниот фестивал за документарци (EIDF) во Кореја (EBS International Documentary Festival / EIDF / D-BOX).
Публиката на неодамна одржаниот „Сараевски филмски фестивал“, пак, го избра „Медена земја“ за најдобар документарец. Според гласовите на гледачите, македонскиот документарец доби вкупна оценка од 4.85, со што стана и најдобро оценет филм прикажан на фестивалот.
Официјалната македонска премиера на документарецот ќе се одржи на 28 август (среда) во Куршумли ан, на затворањето на 10. издание на фестивалот за документарни филмови „Македокс“. Истиот ден, во рамки на фестивалот, ќе има проекција и во Младинскиот културен центар.
Пoчнувајќи од 29 август (четврток), македонскиот победник на „Санденс“ ќе се најде на редовниот репертоар во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“.