„МакеДокс“ е искуство кое мора да се доживее – фестивалот низ призмата на волонтерите

28.08.2019 14:33
„МакеДокс“ е искуство кое мора да се доживее – фестивалот низ призмата на волонтерите

Со домашна премиера на документарецот „Медена земја“, вечерва во Куршумли ан завршува уште едно поглавје од фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје. Но, тој не би бил тоа што е без волонтерите. Нив секојдневно ги гледаме зад сцена, растрчани, обидувајќи се да го олеснат и подобрат искуството на посетителите и гостите на фестивалот. Дел од нив ни одговорија на прашањето – како е да се биде волонтер на „МакеДокс“?

Aнастасија Саздовска

Анастасија за себе вели дека е голем љубител на филмот, па „МакеДокс“ за неа првично претставувал интересен предизвик. Таа е втора година волонтер на фестивалот од кој како што посочи, добила многу.

„Oд позитивата на луѓето, самата таа енергија и магичноста која се крие низ градбата на Куршумли Ан, заедно со многуте позитивни мемории беа едни од главните причини поради кои решив и годинава да се пријавам како волонтер. Тешко е да се толкуваат чувства и не е лесно да се опише како е да си дел од светот на „МакеДокс“, но на крајот од денот се чувствуваш исполнето и продуктивно, нешто што деновиве е реткост да се почувствува.

Како волонтер сум задолжена за изгледот на втор стејџ, и деловите кои што се наменети за да може да си седнете на муабет, односно се грижам тие да изгледаат прекрасно, но и покрај тоа што овие се моите назначени места, како волонтер се грижам за целиот простор во рамките на фестивалот.

Годинава на мени имаме јубилејна 10ка со кромид, добри филмови и добро расположение со нив. Филмовите кои се прикажуваат мене лично многу ми помагаат бидејќи сум заинтересирана за што се случува во светот и преку нив можеш многу да научиш, поради кадрите, фотографијата и приказните на режисерите за како дошле до идејата за таков филм.

Фестивалот дефинитивно нема да е таков каков што е без волонтерите, но и тие се сите посебни како индивидуи а мило ми е што поради дружбата на „МакеДокс“ сега можам да ги наречам и пријатели. Нема да двојам моменти и омилеми филмови бидејќи искуството е една целина, а на другите топло им препорачивам да дојдат и да се почувствуваат целосни.“

Стефан Божиновски

Стефан е дел од волонтерскиот тим на „Македокс“ веќе три години. Почнал со школата за документаристика „Докуникулци“, но дружбата го натерала да им се враќа секоја година на фестивалските активности.

„Атмосферата е цело време разбранета од сите различни карактери кои го исполнуваат Куршумли ан, така што секогаш има нешто што те држи расположен. Се сомневам дека некој кој што поминал низ овој фестивал се почувствувал разочарано.

Јас главно се решавам да сум на фестивалот скоро цело време бидејќи сакам целосно да се препуштам на фестивалската атмосфера. Во однос на обврските, главно сум еден од задолжените за припремање и средување на просторот во Куршумли ан за вечерните проекции, но секогаш се обидувам да придонесам и во останатите работи кои во одреден момент се случуваат.

Секоја година го завршувам фестивалот пријатно задоволен од неделата (и нешто повеќе) помината со и на Македокс. Секако, неизбежно е излегувањето од тој “магичен простор” наречен Куршумли ан и Македокс, така што секогаш постои и онаа пост-фестивалска депресија што верувам дека голем дел од луѓето кои уживаат во фестивалскиот дух ја искусуваат.

Атмосферата секако е единствена, просторот и луѓето си го прават своето. Целиот концепт на фестивалот чинам е единствен, тоа е она што го прави толку погоден да уживање за луѓето на кои им се допаѓа целиот овој стил во кој е фестивалот. А филмовите си се приказни сами по себе и секоја година сѐ повеќе ја развиваат културата на добри и квалитетни филмови и филмска програма, како во градот, така и во целата држава.

Не сум таква личност која одделува едно нешто како најдобро од едно искуство. Така, целото Македокс искуство е една нераздвојна целина која мора да се искуси лично и да се извлече сѐ она кое што овој фестивал го пружа.“

Ивана Цветаноска

Годинава Ивана се приклучи на „МакеДокс“ преку патувачкото кино, но и школата за документарен филм. Попатно, решила да се пријави и како волонтер. Главен мотив, вели таа, била желбата да запознае луѓе со слични интереси како нејзините, како и потребата да се изрази.

„Припремите се доста напорни. Покрај тоа, мене сепак ми е огромно задоволство што можам да бидам помеѓу толку прекрасни луѓе, секој од нив посебен на свој начин, да креирам нови пријателства и што би се рекло – да оставам делче од себе на фестивалов, придонесувајќи за него со мојот личен труд.

Работата е секако тимска, инаку „МакеДокс“ не би бил она што е. Секој придонесува во одреден сегмент од фестивалот, па така обврските се поделени помеѓу сите волонтери. Единствено, пред фестивалот сите заедно го чистевме и украсувавме Куршумли Ан. Конкретно јас, сега за време на фестивалот имам задача да се грижам магацинот да биде среден и помагам околу организацијата МакеКоПроДокс Форумот во МКЦ.

„МакеДокс“ за мене беше неповторливо искуство кое ми влијаеше многу позитивно и ми смени многу точки околу гледање на работите. Токму поради тоа, сигурно ќе ме фаќа некоја носталгија и ќе се присетувам на моментите поминати овде уште долго. Едноставно се навикнав и пресреќна сум што имав прилика да бидам дел од МакеДокс. Фестивалов сè уште не е завршен, а јас едвај го чекам следниот.

Наједноставно кажано – магично, дефинитивно моменти кои се вредни за паметење. Прекрасни и кул ликови, одлична дружба и секако, интересни филмчиња. Сите се добредојдени.

Иако постојано напорно работиме, ние волонтерите сепак си наоѓаме нешто да си олесниме, да си направиме да ни биде поинтересно. Смеа, песни и многу дружба – сите се прифаќаме едни со други и сме сплотени како едно големо семејство.“

Ана Илиева

Ланското искуство ја натера Ана да се пријави повторно како волонтер на „МакеДокс“. Вели дека очекувала многу работа, но и дружење, убава енергија и добри документарни филмови.

„Многу често се гордеам со фактот што сум волонтер на „МакеДокс“ бидејќи во нашата земја, „МакеДокс“ е еден од најоригиналните и најавтентични фестивали.

Како се приближува крајот на фестивалот, така се чувствува и сè поголема тензија и носталгија. Веќе сме носталгични кон чаршијата, кон Куршумли ан, кон кромидот…бидејќи сите сме свесни дека тоа е крај на еден настан кој го има само еднаш во годината. Убавата страна на крајот е што во годината само еднаш се случува „МакеДокс“, но си сигурност би можела да кажам дека во текот на целата година се раскажува за впечатоците и убавите спомени од фестивалот.

Како најмили спомени од годинешново издание на „МакеДокс“, ќе си ги понесам моментите кога ги гледав филмовите на Розе, Анастасија и Рамона бидејќи ја чувствував нивната возбуда, паника и среќа и бев горда што ги познавам. Ќе ги паметам и силните прегратки, долгите разговори и убавите луѓе со кои споделив многу насмевки и љубов.

Особено многу ми се допадна филмот ,,По патот на Клавето” на Лидија Мојсовска и од тој филм добив многу инспирација, но веројатно сите го чекаме последниот ден само поради премиерата на ,,Медена земја”. Верувам дека ќе биде незаборавен, убав и инспиративен крај на уште едно магично издание на „МакеДокс“.

Извор: Радио МОФ

 

Слични содржини

Фотографија / Култура
Култура / Настан
Култура
Општество / Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото