Човекот на човекот Јовица Ивановски

30.08.2019 02:33
Човекот на човекот Јовица Ивановски

Јовица Ивановски е повеќекратно препознатлива појава на македонската книжевна сцена. Парадоксално, ама најпрепознатлив е по неговата непрепознаеност во овдешната поетска номенклатура. И покрај раскошното творештво и по квалитет и по квантитет (досега има објавено 15-тина стихозбирки), тој како да е скрајнат од главните насоки на македонскиот поетски естабилишмент. Го нема на симпозиумите и семинарите, го нема во ретките полемики и книжевни дебати, не е потписник на ниту еден манифест, за него не се пишуваат магистерски тези и докторски дисертации... Едноставно, како да седи во удобната сенка на чинот на пишување, излегувајќи само повремено, за да го стави на увид она што го создал.

Постојат неколку причини за оваа констатација. Уште во времето на неговите почетоци, Ивановски е анфан терибл на македонската поетска школа. Наспроти мејнстримот, создаден од лирика, пасторали и рурални пејзажи, тој своето творештво го базира на Човекот и Градот. Онаму каде што поетот пее за потоците и горите, Ивановски говори за улиците и излозите. Онаму каде што поетот плаче над изгубената љубов, Ивановски тагува над изгубениот град... Ваквиот поетски дискурс, иако сакан и радо читан од неговите генерациски исписници, како и од помладата читателска публика, природно се доживува како туѓо тело во доминантно зачмаениот македонски поетски организам. И како такво се отфрла. Како своевидна фуснота на ова место ќе напоменеме дека Јовица има постигнато своевиден, да не кажеме гинисов, хет-трик на недобивање на наградата „Браќа Миладиновци“. Имено, последните три години (2016-2018), неговите стихозбирки редовно влегуваат во најтесниот избор за ова престижно признание. И редовно наградата ги заобиколува. Тука не сакаме да кажеме дека лауреатите на оваа награда се неквалитетни или помалку квалитетни, туку дека и Струшките вечери на поезијата сѐ уште не беа подготвени за поетиката на Ивановски.

Но, да не бидеме неправедни. Се чини дека ваквата улога на Ивановски совршено му одговара, односно дека на некој начин тоа е и негов избор. Имено, Ивановски не пишува критики, не прави излети во жанровите, не експериментира со различните литературни форми, па дури не експериментира ни со сопствената поетика. Сепак, не е Ивановски некаков поет-осаменик, ниту пак поезијата му е тегобна и мрачна. Напротив. Тој е доминантен индивидуалец, кому најдобро му одговара токму индивидуалното делување на поетското поле.

Токму тука е и доминантно препознатлив. Во својата доследност. Се чини дека на оние што го познаваат неговото творештво доволно им е да им прочитате една песна, па веднаш да знаат дека станува збор за негово дело. Веќе спомнавме дека неговите теми се Човекот и Градот, преку кои тој бескомпромисно го воведува урбаниот мотив во македонската поезија. И тоа го прави од песна до песна, од стихозбирка до стихозбирка, не попуштајќи ни една запирка пред напливот на било каква превладувачка струја во македонските книжевни текови. Затоа и во повеќедецениското творештво на Јовица Ивановски не можете да ги одредите неговите врвови, неговиот поетски климакс, ама затоа можете прецизно да ги дефинирате неговите дострели. Имено, со секоја нова збирка тој делува позрело, помудро и, ако може така да се каже, пообликувано.

Потврда за ваквата констатација е и стихозбирката „Човек“, според моето скромно мислење, досега најзрелата поетска творба на Ивановски. Низ стиховите, песните и циклусите на „Човек“ се препознава искусната рака на мајсторот на зборот. Таа го води читателот низ мудроста собрана од искуството, но и од согледувањето на стварноста во која што опстојуваме. На некој начин станува збор за манифестантна книга, значи своевиден манифест каде што Јовица Ивановски (меѓу другото) го истакнува и сопственото кредо за поезијата и за уметноста воопшто.

Навидум и на прв поглед насловот на стихозбирката може да делува претенциозно – човек е прегенеричка, преопшта и преголема категорија за да може да се има претензија дека ќе се објасни во една книга. Но, Јовица Ивановски, ете, успеал да се избори со овој предизвик, мудро анализирајќи ја онаа отсечка од раѓањето до смртта, на основните елементи без кои животот едноставно не би бил живот, ниту пак човекот би бил човек. Тоа се оние елементи кои (главно) ги примаме „здраво за готово“, односно најчесто не им придаваме важност (воздухот, дишењето, водата...). Со нивното ставање во преден план, авторот всушност ја иронизира наводната голема идеја за смислата на живезчката. Во таа смисла, книгата може да се чита и како своевидна самоиронија за дострелите што ги постигнуваме, наспроти она што го очекуваме. Затоа Ивановски храбро се пресметува и со малограѓанштината, амбициозноста, суетата... и сето тоа го прави во манир што не дозволува непрепознавање во неговите стихови.

Велам, во стилот на прекален мајстор, Ивановски го прилагодува и сопствениот стил кон темите што му се од интерес, вешто избегнувајќи ја нивната тежина. На места стилот делува дури и колоквијално, како некој неврзан разговор со кафе, како размена на мисли со некој близок. Оваа карактеристика, токму поради вештината на предадената песна, делува како додадена вредност на стихозбирката. Читателот, речиси скришно, се става во позиција на актер, на активен чинител на поетското дело, рамноправен учесник во дијалогот со авторот.

„Човек“ е, дозволете ми ова да го констатирам, најзрелото дело во богатата и раскошно квалитетна продукција на Ивановски. Тоа е дело кое конечно ќе го стави поетот на пиедесталот што го заслужува.

*Јовица Ивановски за стихозбирката „Човек“ ја доби годинашната награда „Браќа Миладиновци“, која ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.