Изложба „Допри го просторот“ во скопско Тафталиџе

30.08.2019 03:24
Изложба „Допри го просторот“ во скопско Тафталиџе

За крај на уметничка резиденција „Јужна Америка - Северна Македонија, нови почетоци“, вечерва (петок, 30 август) ќе се биде отворена изложбата насловена „Touch the Space” (Допри го просторот) на која ќе бидат претставени делата на уметниците создадени во текот на резиденцијата.

Во периодот од од 14 до 31 август 2019 година, во Скопје, Здружението „Македонида“ за првпат организираше уметничка резиденција насловена „Јужна Америка - Северна Македонија, нови почетоци.“

Гости на овогодинешната резиденција се четворица уметници од Јужна Америка: Франциско Томшич (Уругвај / Словенија), Хулиета Ортиз де Латиеро (Аргентина), Татjана Коцмyр (Аргентина / Словенија), Аугусто Гадеа (Уругвај), како и домашните автори од Скопје: Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш и Шќипе Мехмети.

Хенрике фон Девиц од Германија ja водеше документацијата за целокупниот престој и активностите на учесниците, а сите информации тековно можат да се следат на блогот “Touch the Space” .

Идејата е уметниците да имаат можност да остварат размена на искуства со локалната уметничка сцена.

Куратор на проектот е Гордана Велков, додека Владимир Јанчевски е гостин куратор, кои во соработка со уметниците ги дефинираа тековните активности и контактите со локалната уметничка сцена.

Уште еден аспект на оваа резиденција е што се одржува во семејната куќа на Панче Велков, претседателот на здружението „Македонида“, а која е мета на градежните инвеститори и е посакувана локација за урбаната мафија, како што беше речено на прес конференцијата. Идејата на невладината организација „Македонида“ е оваа куќа да ја зачува во нејзината оригинална градба и таа да прерасне во уметничка резиденција каде што уметници од цел свет ќе можат да се дружат, да разменуваат искуства и да создаваат свои дела.

Изложбата вечерва со почеток од 20 часот ќе се одржи во куќата на ул.Атинска бр.2 во Тафталиџе.