1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 06:59
Секогаш со доза на зачуденост ѝ се обраќам на белата глина, посочувајќи ѝ дека доаѓа од длабочините на земјата и треба да биде темна. Тогаш таа ми вели дека неа ја зачудува мојата наивност – зарем длабочината на земјата ја замислувам во една боја? И продолжува да раскажува, со изразена детска возбуда, како секојдневно патува низ периодичниот систем на животот.
Ѝ велам, да ме остави да ѝ се чудам на белината, затоа што така се чувствувам како пронаоѓач, но неретко и како алхемичар – астроном – морепловец. А тоа е мојата едноставна детска возбуда. Се обидувам да ѝ ја опишам моќта на светлината што паѓа на бела површина и радоста кога ги собирам нејзините отпечатоци од сопствените раце. Ја гледам како подарок од некоја друга планета, со планини бели од раѓање, а не од снегот кој еве почнува да се топи. Во меѓувреме се присетувам дека и карпите се бели и заклучувам дека подарокот, сепак, е од мојата непосредна околина.
Само малку посеверно или далекоисточно. Ѝ велам, ако не беше бела, ќе ја обелев, ќе ја (пре)создадев од зачнување, никој да не ја препознае. Ѝ објаснувам дека така ги собирам слоевите од сите ископувања и патувања кон јадрото на земјата и ги распоредувам под белото. Со нежни потези на кои не им недостига силата на сондата. А сега, не знам зошто, но ми текнува на оној мој омилен бел споменик од деството, споменикот на жената борец во истоимениот парк, преку чие окно секогаш со леснотија допирав до таинственото јадро на земјата. Не е од глина, но може(ла) да биде.
Керамика и фото: Анета Попова