Како (креативно) да се реши проблемот со отпадот

31.08.2019 03:14
Како (креативно) да се реши  проблемот со отпадот

Едно од важните прашања во врска со климатските промени кое е потценето и запоставено е прашањето на отпадот: како да се дефинира, како да се создава во помали количини, како да се реши а да не се поттикне загадување на животната средина.

Ова прашање донекаде стана позначајно кога се работи за отстранувањето на пластичните цевки или картонските кутии во кои се пакуваат пратките.

Намалувањето на штетите од отпадот би можело да подразбира проширување на традиционалната дефиниција на отпадот; таа го опфаќа не само сметот во класична смисла, туку и отпадот кој настанал како последица на неефикасноста во сите видови системи. Тоа доведува до дополнително зголемување на емисија на штетните гасови.

Компаниите ширум светот се обидуваат да одговорат на овој проблем. Некои од нив за производство користат отпадни материјали, други настојуваат да го избегнат создавањето на отпадот со зголемување на ефикасноста по пат на нови технологии.

Кога Киран Витакер работел како инструктор за скуба дајвинг и со свои очи видел како се уништуваат тропските шуми, главно за производство на индустриска храна, одлучил да ја искористи својата диплома за одржлив дизајн.

„Ги уништуваме природните екосистеми за произведуваваме насади што се користат во мрежата на индустриската храна, а она што е лошо на земјата е уште полошо под водата“, вели Витакер за уништувањето на тропските шуми и одумирањето на коралните гребени.

Според истражувањето на Универзитетот во Минесота од 2013 година, само нешто помалку од 40 отсто од глобалните насади на житарки се користат за прехрана на животните, додека најголемиот дел од пченката и сојата се одгледува за индустриски цели.Тоа е особено неефикасен начин да се исхранат луѓето: 100 калории од житарки е еквивалентно на количината од само три калории од говедско месо или дванаесет од пилешко месо.

Витакер се обидува да ја промени храната што ја јаде нашата храна. Резултатот е „Entocycle“, неговиот старт ап во Лондон, кој со отпадоците и вишокот храна, настанати во производството на прехранбените производи ги храни ларвите Hermetia illucens, вид на мушички кои отпадот го претвораат во протеини.

Тој објаснува дека потоа инсектите се ставаат во брашно богато со аминокиселини, кои во комбинација со други состојки можат да се користат за исхрана на животните. Изметот на мушичките може да се користи како ѓубриво. Ова брашно од инсектите во некој момент би можело да се користи и за човечка исхрана.

Витакер вели дека на овој начин би биле исечени помалку шуми за да на нивно место се одгледуваат житарки, или за производство на ѓубрива кои се одговорни за еден до два отсто на глобалната емисија на штетните гасови. А бидејќи за исхраната на животните се користат големи количини риби, на овој начин би се намалил и прекумерниот риболов.

„Како да произведуваме доволно храна и да го нахраниме светот и како во исто време да создадеме безбедна животна средина? Се чини дека тие две работи меѓусебно се исклучуваат, но тие мора да бидат фундаментално испреплетени“, вели Витакер.

Друга компанија се обидува да пронајде решение за проблемите што произлегуваат од индустријата за производство на облека. Оваа компанија со седиште во Финска, држава која по жител има десет дрва, настојува да го реинтерпертира начинот на кој облеката се произведува од дрва.

На второ и трето место на најмногу користените текстилни влакна се произведуваат од растенија – памукот и вискозата.

Вискозата главно се произведува од дрвена каша, но во процесот на производство се користат толку хемикалии што многумина сметаат дека вискозата воопшто не треба да се гледа како растително влакно.

Традиционалното производство на вештачка свила е поврзано со бројни штетни практики. Мрежата за тропски шуми открила дека на годишно ниво за потребите на текстилната индустрија се сечат околу 120 милиони стебла.

„Спиннова“ е компанија за производство на текстилни влакна што ја основале физичарите Јан Поранен и Јуха Салмела.

Откако дознал на кој начин пајаците произведуваат пајажина, Салмела се прашал дали е возможно да се примени истиот принцип во производството на растителни влакна.

Да, можно е. „Спиннова“ користи механички метод за производство на влакна. Процесот на производство подразбира 99 отсто помалку вода отколку што е потребно да се произведе памук (истражувањето покажало дека за да се произведе еден пар фармерки се троши и до 11 000 литри вода) и тоа без какви било штетни хемикалии.

„Спиннова“ користи дрвена каша од бразилските шуми во соработка со „Сузана“, еден од најголемите производители на хaртиена каша во светот. Тоа, исто така, има позитивен ефект врз климата бидејќи шумите го апсорбираат јаглерод диоксидот што се испушта во атмосферата. „Спиннова“ планира земјоделскиот отпад и отфрлената облека да ги искористи за производство на влакна.

Голем проблем претставува и отпадот од електроника. Јапонија има напреден систем на рециклажа, но со другите држави го дели проблемот на електронскиот отпад. Е – отпадот е последица на огромните количини на мобилни телефони, компјутери и телевизори кои можат да испуштаат опасни хемикалии.

Организациониот одбор на Олимписките и Параолимписките игри сакаше да го сврти вниманието кон овој проблем и за следната година подготвил околу 500 медали произведени од е – отпад.

Во повеќе од 1500 јапонски градови и околу 2400 продавници на електронски апарати било собрано повеќе од 42 000 тони отпад, меѓу кој се нашле и над пет милиони мобилни телефони, соопшти портпаролката на Олимпијадата во Токио, Маса Такаја.

Со рециклирање на овие метали избегнато е копањето на нови количини метал.

Иако оваа иницијатива во Јапонија нема да ја реши кризата со електронскиот отпад, наведува Ванеса Греј, претставничка на агенцијата на Обединетите нации, таа вели дека „идејата е многу добра бидејќи го врти фокусот кон овој проблем“.

„Конечно, оваа иницијатива покажува дека начинот на кој функционираме во овој момент има погубни последици за општеството во контекст на негативни влијанија врз здравјето и климатските промени. Време е да го осовремениме системот“, истакнува таа.

Извор: The New York Times

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото