За вистинска слобода треба подвиг

31.08.2019 15:40
За вистинска слобода треба подвиг

Кога конечно се разбудив од длабок сон, ја видов прекрасната светлина на евангелската вистина и сфатив колку бесполезна е мудроста на минливите владетели на овој свет. Потоа горко плачев заради мојот презирен начин на живот и се молев да го најдам патот до разбирањето на побожноста. Над сè, сакав да ги сменам моите изопачени навики.
Св. Василиј Велики

Македонија се наоѓа во критичен период на своето самостојно постоење. Сè почести се директните и индиректни констатации, во лична комуникација или во јавни изјави, да се зборува за иднината на државата Македонија како под знак прашалник. Во еден мој претходен напис пишував за потребата за преумување или покајание, како за основна претпоставка за надеж дека ние или нашите деца и внуци нема да ја посведочат трагедијата на уште едно прекројување на границите во обид да се решат политичките, етничките, или геостратешките интереси поврзани со Балканот. Преумувањето е важно, но не и доволно. Покрај преумување на Македонија ѝ треба подвиг. Имајќи ги предвид многувековното предание на подвижништво во Македонија, кое датира уште од третиот век со престојот на св. Еразамо Антиохиски во Охрид (Лихнид), и култот кој се негува кон светиите подвижници зачудува фактот дека на нив се гледа првенствено како на култно-магиски извор на удобен живот, поточно на здравје, успех и бериќет. Нешта кои се пожелни, но во суштина на ниеден начин не се поврзани со моралната конституција на една личност – суштината на подвижништвото.

Подвиг e еден од ретките зборови каде што преводот го надминал оригиналот. Подвиг во словенските јазици е превод на грчкиот збор áskēsis што во буквална смисла значи вежба, тренинг. Подвиг го има ова значење, но опфаќа многу поширок круг на значења. Основното значење се состои во два термина, „по“ и „движeние“ што заедно би значело движење нагоре, возвишување. Уште од најраните денови на христијанското подвижништво тоа означувало посветено актуелизирање на образот и подобието Божјо во човекот.

Подвиг на македонски и на другите словенски јазици означува и херојско дело и надминување на себеси. Како таков е крајно податен да ја пренесе основната христијанска порака – простувањето и спасението ги добиваме по благодат, не можеме да ги заслужиме, но од нас се очекува активно учество во таа благодат како израз на благодарност и чин на љубов. Суштината на подвигот е визијата за светот кој доаѓа, а која може да му се понуди како предвкус на сегашниот свет.

Веројатно една од највпечатливите дефиниции за подвижништвото е онаа на Ричард Валантасис. Тој пишува, „Подвижништвото може да се дефинира како дејствувања во мнозинско општествено опкружување чија цел е да воведе нов субјективитет, различни општествени односи, еден алтернативен симболичен универзум.“ Според Никола Бердјаев, „Подвижништвото е начин на ослободување на човековата личност, концентрација на внатрешни сили и самоконтрола. Нашето достоинство е поврзано со сето ова.“ Според Раимундо Паникар, „Вистинското подвижништво почнува со совладувањето на стравот од губење на она што би можело да се загуби. Подвижникот е оној кој нема страв.“ Естетиката е основата на подвижништвото според Павел Флоренски, „Подвижништвото не создава само добра, туку убава личност.“

Како сумаризација на горенаведеното, подвигот е дејствување со визија за преобразба на односот меѓу луѓето, ослободување и самоконтрола заради совладување на стравот од загуба, а крајната цел е култивацијата на убава личност.

Покрај бројните библиски стихови, класичниот текст од кој подвижниците ја црпат својата визија е запишан во првото послание на апостолот Павле до Тимотеј (1 Тим. 4:7) „Од нечисти и од бапски приказни бегај, а обучувај се во побожност“. Ова е одлична препорака за сите луѓе кои се нарекуваат христијани во Македонија. Премногу нечисти (итарпејовски) и бапски (суеверени) приказни се наслушавме и сè уште ги слушаме. Клучниот поттик е „обучувај се во побожност“. Зборот обучувај доаѓа од грчкиот глагол gumnazō од каде што потекнуваат зборовите гимнастика и гимназија. Именката побожност еузебија не означува религиозно култни метании, туку стравопочит која произлегува од увереност и од посветеност, а над сè од воодушевеност од Бог кому му се искажува почит. Поттикот за христијанското подвижништво произлегува од големата радост дека сте откриле големо скриено богатство, состојба опишана од Исус како откривање на небесното царство (Матеј 8:22, 13:44; Лука 9:62).

За овој предвкус пишува св. Григориј Богослов (Назијански) вели дека практиката како дел од христијанското подвижништво бара „активно учество во општеството“, а со цел да даде свој придонес кон неговата благосостојба. Како прво, нè поучува св. Григориј подвижничката практика отвора простор да се проценат, да се испитаат и да се споредат делата на различни луѓе. Второ, подвижничката практика е од полза на заедницата, а со тоа на најблизок начин личи на „божественото суштествување преку кое е создадена вселената и која ја држи обединета во љубов.“ На овој начин практиката ги развива милосрдните дела. Спротивно на ова е ограниченото дејствување заради неспособноста да се ослободиме од потресите на секојдневието. Од оваа задача никој не може да биде изземен или да се изземе себеси. Тој му се обраќа секому, на маж и жена, на стар и млад, од град или од село, на обичен граѓанин или државник, на богат или сиромав.

Долунаведените зборови на апел од четвртиот век се применливи на секој граѓанин на Македонија денес. „Нека секој од нас, без разлика на животните околности, му понуди на Бог сè што може соодветно со своите способности, според дарот кој му е даруван, за да пројави доблести во сите нивни форми.“

Ваквиот став ќе направи револуција без насилство. Христијанското подвижништво има ненасилна моќ така што идеалот опишан од апостол Павле во писмото до Колошаните 3:11, „Тука нема повеќе ни Елини, ни Јудејци, ни обрезани, ни необрезани, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос.“ Без да каже еден директен збор против општественото уредување на неговото време Григориј посочува дека тоа е далеку од Божјиот идеал. Токму заради општествениот статус, тврди тој светот минува низ непрестајни премрежија. „Само да не постоеше ранг, да немаше предимство на позиција и владетелот да беше лишен од прерогативите, та да се препознававме еден со друг само врз основа на доблестите.“ Колку само ова звучи слично со славната изјава на Мартин Лутер Кинг за оценувањето не по бојата на кожата, туку по содржината на нечиј карактер!

Пред да го заклучам овој есеј ќе се осврнам на големиот пријател и сотрудник на св. Григориј Богослов, а тоа Василиј Велики (Цезаријски). Тој е најзаслужен за систематското осмислување на самотничкиот подвижнички живот кој во почетоците, највпечатливо е прикажан во примерот на св. Антониј (Египетски) во третиот век.

Еден од најубавите описи за подвижничкиот живот во полза на заедницата е погребниот говор кој св. Василиј го одржал за еден упокоен епископ. Во оваа беседа тој ги набројува квалитетите кои мора да ги поседува еден епископ. Имајќи предвид дека тој самиот бил епископ, св. Василиј ова го очекува и од самиот себе: епископот како пример треба да биде „прв во епархијата, одличен толкувач на Светото Писмо, татко на младите, колега на врсниците, водач меѓу водачите, заштитник на народот, поткрепа на оние во потреба.“ Во една тешка и трагична година обраќајќи му се на префектот Димициј Модест, св. Василиј нагласува дека „се врти кон него полн со агонија за потребите и заради несреќите на неговата цела земја“.

На богатите и на моќните тој им вели дека ја користат својата положба за да ги задоволат своите похотни страсти и дека заради тоа се за вистинско жалење. Без влакна на јазикот тој беседи, „Вишокот леб, кој го поседувате, не ви припаѓа вам. Им припаѓа на гладните. Облеката, која ви е во орманите, им припаѓа само на голите; обувките, кои гнијат по сталажите, се за оние кои се боси; парите, кои ги чувате по долапи, се за вашиот брат кој е во потреба. Знајте дека сте ги закинале сите оние на кои сте можеле да им помогнете.“

Огромно мнозинство на луѓе во Македонија се повикува на подвижничкото предание на светители како св. Григориј Богослов и св. Василиј Велики, а чиј пример на најсветол начин го следеле св. Кирил и Методиј, како и нивните ученици св. Климент и Наум. Токму заложбите на подвижници како нив биле препознаени од луѓето на кои тие макотрпно и самопрегорно им служеле. Нивните имиња, фрески и икони не смеат да бидат сметани како амајлии за среќа, магични зборови и предмети кои чуваат од уроци и такви слични суеверија. Подвигот кој тие го направиле, според нивните зборови наведени погоре, важи за сите христијани, во сите времиња и на секое место.

Со најголема почит гледам кон луѓето од други вероисповеди, како и кон оние што немаат никаква вера. Голем дел од нив прават подвизи од кои ние христијаните може да се засрамиме. Но во овој случај мојот директен, недвосмислен предизвик е за сите оние што ѝ припаѓаат на некоја од христијанските конфесии. Ако во Македонија толкав број на луѓе се сметаат себеси за христијани, драги мои соверници, срам да ни е до какво дереџе ја дотеравме нашата татковина. Немаме никакво оправдување. Сме го замениле подвижништвото – стремежот кон Божјото царство – со магиско/култно пекање по удобен живот. Највозвишените духовни идеали сме ги свеле на средства за задоволување на нашата суета и на нашите страсти. Тешко на Македонија со нас!

Подвиг, подвиг ни треба. Во спротивно ќе излезе дека визијата на Апостолот Павле зошто постои еден народ во дадени граници и време – за да го бара Бог и за да го најде, бидејќи Тој не е далеку од нас – ќе биде залудна по прашање на Македонија.

 Слики: Aaron Tilley