1016 hPa
50 %

23 °C
Скопје - Вто, 20.05.2025 19:29
На почетокот на месецов италијанските хирурзи од детската болница Bambin gesu, од градот Сполето во провинцијата Перуџа, во градите на едно 15-годишно момче го вградија првото вештачко механичко срце. Тоа е апарат кој се состои од хидраулична пумпа и електрична микротурбина. Електричниот вод, кој од телото на момчето излегува зад неговото уво, го поврзува вештачкото срце со батерија која може да се носи на појасот. Батеријата може да трае од оусм до десет часа, во зависност од напорите на кои ќе се изложува.
Организмот кој покрај природните органи и делови содржи и вештачки, се нарекува киборг, вели дефиницијата. Некои сметаат дека киборг е дури оној кој носи леќи за подобрување на видот. Пред само 40 години успесите на медицината и науката како овој од италијанската болница беа основната идеја на НФ романот „Киборг“ на Американецот Мартин Кајдин (Cyborg, Martin Caidin, 1972 г.). Според таа идеја се снимени во тоа време многу популарните НФ серии „Човек од шест милиони долари“ и „Бионичка жена“. Денес тоа повеќе не е научна фантастика, киборзите се луѓето од иднината, а ние стигнавме во неа.
За само половина век откако е вграден првиот бајпас на човечкото срце, човекот, користејќи ја науката, се самоунапреди во киборг кој може да живее со вештачки органи. Од друга страна, на природата и’ требаа 4 милијарди години за да го создаде човекот преку еволуцијата, онаков каков што го гледаме во огледалото: со по две раце, нозе, очи, уши и белодробни крила, една глава, едно срце, 300-350 коски, 640 мускули и сè останато што е потребно за животот на органите и деловите од телото. Освен тоа, човекот има и најмалку 22 делови од телото кои не му се потребни за живот (умници, слепо црево, опашна коска, трет очен капак итн.).
Во некои случаи природата потфрла или, како што се случи во „Човек од шест милиони долари“, некој останува без око, екстремитети или целосно неподвижен. Во таквите случаи неговиот живот може да стане многу тежок и медицината, со специјалните помагала и протези, како и импланти, медицински апарати и направи, но и роботи (бајпас и механичко срце), се обидува да му олесни.
На интернет можат да се сретнат потресни филмови за глуви лица кои по вградувањето бионички уши одат на симфониски концерти за таму да ги слушнат првите звуци и да го испробаат својот нов слух. Слични емоции предизвикува и светлината која за првпат ја здогледуваат слепите лица по вградувањето бионичко око, мал електронски приемник кој се вградува во окото и кој прима сигнали од очилата кои лицето мора да ги носи. На очилата има камера која ја снима околината. Пораката со снименото се праќа до приемникот во мрежницата кој го активира очниот нерв и ја праќа сликата кон соодветниот мозочен центар.
За лекување на Паркинсковата болест, како и за утврдување на почетокот на епилептичниот напад и негово спречување, денес се користат мозочни импланти. Постои и стомачен бајпас со чија помош храната која ја внесуваме не оди низ стомакот туку директно во дебелото црево. Овде ќе ги наброиме уште механичкиот панкреас, титаниумските зглобови, имплантите во ’рбетот, роботските дланки. Првата бионичка рака му е пресадена на еден фудбалер во Чикаго, 2002 г.
Освен интервенциите кои вршат врз болните или хендикепираните лица, современата медицина ги исполнува и желбите на спортистите. Овде, пак, најмногу пари се во игра.
Во 2008 г. вниманието на себе и амбициозните луѓе со хендикеп го привлече Јужноафриканецот Оскар Писториус. „Blade runner“, како што го нарекуваат, доби дозвола од Меѓународниот олимписки комитет да учествува на Олимписките игри во Пекинг. Негов спорт е трчањето, а тој нема нозе – трча на специјални протези од карбонски влакна. Единствен проблем има со свиоците на патеката бидејќи на протезите нема ништо слично на човечкото стапало. На правите делници нема потешкотии, т.е. многу е успешен.
Со развојот на нанотехнологијата и современата медицина човекот е во состојба да ја зголеми силата на своите мускули и сетила, издржливоста на своите коски и тетиви.
Единствено нешто што засега, барем на прв поглед, ја забавува примената на бионичките помагала кои ги подобруваат особините на човекот во спортски цели, се етичките закони и фер играта.
Сепак, Писториус не настапи на Олимпијадата поради неисполнување на минималната норма за влез во репрезентацијата на својата земја. Му недостасуваа 29 секунди на една од решавачките трки. Меѓутоа, научниците проценуваат дека, со повеќе тренирање, ќе може да претрча 100 метри за помалку од 7 секунди. Сега-засега, светскиот рекорд на Хусеин Болт, најбрзиот човек на планетата, е 9,58 секунди.
Извор: novossti.com