Втора светска војна: Првите бомби паднаа врз Вилун

02.09.2019 00:26
Втора светска војна: Првите бомби паднаа врз Вилун

„Сирените ме разбудија од длабок сон. На почеток не ми беше јасно што е тоа. Скокнав од креветот, родителите ми беа на балконот. Мајка ми му рече на татко ми дека по сѐ изгледа е само вежба. И татко ми си помисли исто и се чудеше зошто се случува токму во раните утрински часови“, вели Јан Тишлер, роден 1933 година, во разговор со ДВ. Бомбите паѓале врз Вилун. Тоа е првото бомбардирање во Втората светска војна.

Неочекуван напад

Јан Тишлер се потсетува дека кон крајот на август 1939 година „војната се чувствувала во воздухот“ и дека постојано се зборувало само за тоа. Но, дека токму неговиот роден град ќе биде цел на бомбардирањата никој не ни помислувал. Вилун, денес град на нешто повеќе од 200 километри југозападно од Варшава, во 1939 година било само 20 километри оддалечено место од германската граница и речиси и да немало стратешко значење. Никакви сообраќајни јазли, мостови или слично кои би требало да се бранат. Затоа во местото имало стационирано само мал број полски војници.

Првото воено злосторство

„Уште по првите бомби избегавме во соседниот двор, каде што татко ми, кој беше клучар, имаше своја работилница за поправка на автомобили. Таму седевме во дупките преку кои поминуваа колите за поправка. Се тресевме од страв. Попладнето бевме единствените на кои куќата уште не им беше разурната. Сите други објекти беа срамнети со земја.“

Јан и сестра му Марија во 1937 година

Неговото семејство, како и речиси сите други преживеани, уште истиот ден го напуштило градот. Кога германската војска стасала во градот, таму имало само уште неколку стотици жители.

Бомбардирањето со 87 авиони било по наредба на Волфрам фон Рихтхофен. Во април 1937 година тој како шеф на штабот на легијата Кондор бил одговорен за уништувањето на баскискиот град Герника, каде животите ги загубиле илјадници цивили. Тој, по примерот на Герника, можел повторно да ја испроба тогашната нова воена тактика на бомбардирање цели површини, при што цивилните жртви од почеток се земале предвид како колатерална штета. Фон Рихтхофен не ризикувал загуба на своја страна, бидејќи не се очекувал отпор од заспаното гратче во кое едвај и да имало војска за одбрана. Вилун е првото воено злосторство во Втората светска војна. Во повеќе бомбашки напади помеѓу 4.35 и 14.00 часот 70 проценти од гратчето биле уништени. 1.200 од околу 16.000 жители загинале во нападот.

Провокации пред почеткот на војната

Пред нападот врз Полска имало бројни фингирани акции со кои пропагандната машинерија на Германија сакала да дојде до причини за војна. Една од попознатите провокации бил нападот врз германската радиостаница Гливице во близина на полската граница. Попладнето на 31 август 1939 неколку оружани припадници на ЕсЕс во цивилна облека дошле во медиумот за да го емитуваат наводниот повик за наводен бунт на Полјаците кои живеат во Германија. Други германски медиуми јавувале за полски востаници на германски терен, кои наводно имале поддршка од полската војска. Така Хитлер се обидувал да ги мобилизира војниците и Германците да ги претстави како жртви.

Во бомашките напади биле уништени 70 отсто од објектите во Вилун

Нападот на Вестерплате

10 минути по првото бомбардирање на Вилун следел нападот врз Вестерплате, во близина на Гдањск, каде Полјаци и Германци живееле во меѓусебни тензии. Гдањск, во кој живееле претежно Германци, со Версајскиот договор по Првата светска војна добил статус на слободен град и на тој начин веќе не бил под контрола на германските сили. Пристаништето, царината и железницата биле под полска контрола и во Вестерплате Полска имала магацин за муниција и стационирана војска.

На 1.9.1939, десет минути по првиот напад врз Вилун, Германците го нападнаа магацинот за муниција. По пукањето од германскиот воен брод „Шлезвиг Холштајн“ следеле нападите на „ЕсЕС домашна одбрана Гдањск" и бомбардирања. Нападот траел една недела. На германска страна бројот на жртвите се проценува на 3.400, додека на полска страна имало само 15 загинати. Во Полска одбраната на Вестерплате, со оглед на несразмерната воена надмоќ на противникот, се слави како симбол за полското херојство во Втората светска војна. Со децении децата во Полска учат дека германските офицери им салутирале на полските војници од почит за неверојатната борба кога по капитулацијата на Полска тие морале да си заминат од Вестерплате.

Комеморација во Вилун

Гдањск и Вестерплате до денес се сметаат за места каде почнала војната. Во 2009 година, по повод 70-годишнината таму дојдоа Владимир Путин и Ангела Меркел. Тогашниот полски претседател Лех Качински, кој кратко претходно жестоко протестираше против руската инвазија во Грузија, ја искористи приликата пред рускиот гостин да предупреди од повторно раѓање на „неоимперијалистички тенденции“.

Наметнување актуелни теми за време на историски комеморации е дел од политиката на владата на ПиС. Тоа што годинава полскиот претседател и премиерот утрото на 1 септември нема да одат во Гдањск, туку во Вилун, каде што за првпат е поканет и германскиот претседател, не е резултат на нови историски сознанија. Гдањск е еден од последните бастиони на опозицијата во Полска, и тие би имале големо влијание во организацијата на настаните по повод овој ден.

Јан Тишлер со семејството во 1938 година

Вестерплате исто така е тема на спор меѓу ПиС и мнозинството либерали во градското собрание, бидејќи ПиС го интегрираше историскиот локалитет во Музејот на Втората Светска Војна во Гдањск, со тоа претворајќи го во дополнителен инструмент во нивната борба за историската свест на Полјаците.

„Секако, полесно е да се зборува за меморијалната церемонија со некој кој е кооперативен со центрите на моќ во Полска, отколку со луѓе кои се помалку подготвени на соработка“, изјави уште на почетокот од годинава, портпаролот на претседателот, Блажеј Спихалски, кога беше одлучено комеморацијата да се премести во Вилун. Со тоа целеше кон политичкото расположение во Гдањск. Жителите на Гдањск сѐ уште се во шок по убиството на долгогодишниот градоначалник од либералите, Павел Адамович, што се случи на почетокот на 2019 година. ПиС секако не може да смета на „кооперативност“ во космополитскиот Гдањск.

Со тоа што одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на војната се случува среде изборната кампања за парламентарните избори во октомври, ПиС ќе ја има целата контрола врз меморијалните прослави. Од Вилун политичарите ќе заминат за Варшава, каде беше планирано заедно со американскиот претседател Доналд Трамп да продолжат со меморијалните прослави и со тоа да додадат нов акцент од актуелното време. Целта е да се покаже колку е важна Полска за трансатлантските односи.Трамп поради ураганот „Доријан“ го откажа доаѓањето, но во Полска доаѓа потпретседателот Мајк Пенс.

Сирените како предупредување од војна

Секоја година во мугрите на 1 септември жителите на Вилун се будат со звукот на симболични сирени, во знак на сеќавање на воздушните напади од пред 80 години. Јан Тишлер, кој тогаш имал шест години и наместо да оди на училиште морал да бега од бомбите кои паѓале, секоја година е таму на овој ден. И годинава ќе дојде во својот роден град. Куќата во која живеел сѐ уште стои и е една од ретките преостанати градби во градот кои биле поштедени од бомбите.

„Сакам секогаш да може да ги слушаме само овие симболични сирени за тревога, а никогаш повеќе оние вистинските“, вели овој сега 86-годишен пензионер. Посетата на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на Вилун за него е одамна неопходен гест.

Извор: DW

 

Слични содржини

Европа / Историја
Европа / Историја
Европа / Историја
Европа / Историја

ОкоБоли главаВицФото