1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Трчаме боси по улица. Не ми се веруе дека дозволив да ме наговори на ова. Жешкиот асфалт ми ја гризе кожата, стапалата ми се смалуваат. Се одвојувам од него и се обидувам да го престигнам. Пак имам пет и сакам сите да ги оставам зад себе, да имам црни победнички нозе. Тој не ја разбира оваа игра, тој само сака да ме фати. Дотрчува до мене, ме фаќа за рака и ме турка во првото двориште.
Црно-белиот мозаик е студен. Ги собирам прстите, избегнувам допир, гласно се смеам додека ме турка во ќошето. Двориштето е екот од шумови што треперат.
– Зошто бегаше од мене? – ми вели и ми ја пика раката под фустанот. Целиот е радосен, сфати дека гаќичките ми се држат за двете страни само со тенка врвка. Телото ми е топло, а стапалата ладни. Не знае тој дека стапалата ми се секогаш ладни. Со уживање на дете што тукушто победило ме одмотува со игра на показалецот и палецот, внимателно како подарок, и ги става в џеб моите гаќички. Не ми се веруе дека некој ќе ме ебе во мојата улица.
*
– Ебе? Како можеш да ми кажеш такво нешто? – ме гледа како да сум му опцула мајка. Мрзливо го тегнам голиот грб.
– Па што реков? – го прашувам додека трагам по некое студено, скриено делче од чаршафот. Жегата ме притиска длабоко во душекот. Надвор штурците лудуваат.
– Се слушаш ли ти себе? Рече дека те ебам. Јас тебе не те ебам. Јас со тебе водам љубов.
– Од кога си толку осетлив на зборови? – го прашувам зајадливо. – И првиот пат ли водеше љубов со мене? – станувам од креветот и го оставам намуртен, со главата потрпена на десната рака.
Заминувам боса во бањата, сакам кога плочките ми ги ладат стапалата. Него го нервира што стапалата ми се секогаш ладни, често и лете. Го прескокнувам тапетчето и ги допирам усните на врвот од славината, капки вода ми лизгаат низ брадата. Низ отворениот прозорец слушам женски глас испрекинат со нечие лелекање и пцуење. Ова е улица во која ниедна жена не зборува тивко. Го собирам фустанот од подот во кујната и, на излегување, со палецот ги повлекувам апостолките. Не смеам да си ги извалкам нозете, ќе се лути.
Додека го преоѓам краткиот двор, го чувствувам своето голо тело под фустанот, одам како да кријам тајна. На малата удолница што води во двориштето од ниската куќа спроти мојата ја наоѓам Сара. Негде под нејзиното колено ѕирка бело-жолта коска од црвеното, живо месо. Срам ми е што ја гледам однатре.
Соседите се собираат и го затвораат кругот околу неа. Гледам и се обидувам да ја препознаам, се сеќавам на денот кога дојде. На патот до матичарот во левата рака носеше букет, а во десната бовчичка што денес има петнаесет години. Беше ниска, а сепак витка, со долга портокалова коса полна бели маргаритки, а сега е дебела и пак пијана. Покрај мене се провлекува лекар. Некој од дежурните душегрижници добро скриени зад решетките на своите ќепенци, некој од незаситните пописничари на нашите гревови и кавги зеде пауза помеѓу чиновите и повика брза помош.
Масата ме допира, се тријат од моите раце, од грбот. Додека се повлекувам, мојата кожа ја впива нивната пот, смрдеата на нивниот здив, мирисот на ручек во нивната коса.
– Виде ли што се случи?
– Сосема случајно излегов на пенџере. Сара скокнала низ прозор. Изгледа пак се карале.
Прозорецот од нивната бања се наоѓа само метар над малата угорница што води надвор од улицата. Ја мерам Сара додека ја ставаат на носилки – двапати е поголема од прозорецот низ кој се провлекла. Мислев дека само мачките можат така да се стиснат во бегството.
Сите ќепенци се сега отворени, почнува молитвата на секојдневјето. Си одам во својата соба лута зашто стапалата во апостолките ми се жешки и лепливи. Сфаќам дека тоа што под фустанот сум гола и не е некоја тајна.
– Па кај си ти веќе? – тој е сѐ уште изнамќорен.
Си ставам гаќички под фустанот и на излегување од собата велам:
– Немој да ме јебеш.
*
Ѕидот до кој ме притиска е пријатно студен, а надвор е уште пекол. Снажен е. Не е ни висок ни згоден, ама е снажен. Се чувствувам лесно додека ме држи вака во воздух. Студениот воздух што се крева од каменот ми ги скокотка ножните прсти. Помислувам дека сигурно изгледа смешно со панталоните околу глуждот и гласно се смеам. Во обидот да ми ја затне устата, тој ја губи рамнотежата и паѓа на подот. Јас се дочекувам на нозе. Меко му приоѓам и му подавам рака, а тој ја прифаќа и се смее. Добро е, наоѓа некаков хумор во сето ова. Го привлекувам до себе и го бакнувам во вратот. Ја сеќавам соленоста на неговата кожа под јазикот. Тој ме бакнува во уста и со насмевка вели:
– Поради тебе ќе наебам.
*
– Сега наеба! – го слушам како вика.
Уште пред пола час славевме Нова година. Мајка ми нѐ зема мене и Нино за рака и нѐ носи во другата соба. Парчињата порцелан ми потпукнуваат под новите црвени чевлички. Нино е тажен. Мислам дека е тажен. Чекори како мал војник, не ме ни гледа. Јас сум тажна, ама не сакам да му го покажам тоа. Го посматрам, тој е мојот прирачник за однесување. Тој има осум, јас пет. Ние сме најдобри пријатели, иако за тоа не зборуваме. Јас му се воодушевувам – тој сѐ знае и сѐ може, веќе и на школо оди. Мама седнува со нас на подот и пробува да нѐ забавува. Нино ѕури во својот камион. Смрачен е и молчи. Мислам дека ни нему не му е јасно што се случи. Мислам дека е лут, зашто пак се случи.
Од кујната сега се слуша само шепот. Дедо му на Нино ја затвори вратата. Последното нешто што го видов беше неговата збрчкана рака, која ја зграби раката на татко му на Нино кога замавна кон лицето на мајка му. Нино се преправа дека си игра. Јас пробувам да се сетам.
Нино и јас си игравме околу старата керамичка печка на дрва. Гордо ми покажа како гори дрвото во печката. Беше среќен што пораснал така што смее да ја отвори вратничката и да пикне дрвце внатре. Образите ми жареа од топлина. Возрасните седеа на масата и гласно се смееја, а тогаш мајка му на Нино мина низ вратата. Се насмеа погласно од сите други, речиси мјаукна. Никој не ја погледна. Во следниот миг ги видов нејзините долги црвени нокти како го грабаат чаршафот на коцки и со нагло движење на раката го извлекуваат како во циркус, ама нејзиниот трик не успеа. Новиот порцелан одлета во воздух, сите на масата нагло скокнаа на нозе. Храната се залепи по ѕидовите, го преплави подот. Огномет од скршен порцелан ја исполни просторијата. Потоа веќе ништо не видов. Мајка му на Нино со своите долги прсти го откорна лустерот.
Татко му на Нино протрча покрај нас. Некое време ги слушам неговите чекори како ги удираат скалите во двориштето. Нино не се ни свртува. Се преправаме дека си играме со мајка ми, чиј поглед постојано бега кон кујната. Таа вечер спиеме на каучот во нивната дневна соба. Мајка ми и дедо му на Нино долго во ноќта ги метат парченцата порцелан од подот. Мислам дека таа ноќ го чув Нино како плаче.
Два месеци подоцна мојот најдобар пријател се отсели заедно со мајка си. Го видов само уште еднаш по една година, на скромната свадбена церемонија. Истиот тој ден добивме нови соседи. Во нивниот стан се всели неговиот тазе оженет стрико, неговата жена Сара и нивното бебе.
*
Излегуваме од двориштето и се качуваме по угорницата. Го кревам погледот кон малиот прозорец и гледам право во бањата на Сара. Тоа е така во оваа улица. Молчам додека минуваме покрај мојата куќа, тој и онака не знае дека јас живеам тука. Забавувам на врвот од улицата.
– Кога ќе ми ги вратиш гаќичките? – прашувам.
– Кога ќе ми кажеш нешто за себе – одговори мирно.
– Што?
– Името – вели, па се прекинува самиот себе – не името, нешто подобро. Нешто што не знаат сите.
– Го знаеш ли она двориште во кое бевме?
– Она во кое пред малку се ебевме – потврди.
– Да, тоа – велам и чувствувам дека можеби и можам во себе да скријам тајна.
– Јас живеам отспротива.
Ме погледнува изненадено и се насмевнува.
– Уште. Тоа не е доста.
Ми ги мести гаќичките во џебот и ме гледа право во очи. Постави предизвик, мене ми е редот. Погледнувам низ улицата што испарува сеќавања на попладневната омарнина, па велам:
– Кога имав три години, ме изгубија, останав сама две улици подолу. Никогаш пред тоа ја немав сама минато улицата. Не се сеќавам колку долго сум стоела и сум ја гледала улицата што треба да ја преминам пред да сфатам дека покрај мене стои жена. Не се сеќавам на неа. Можеби затоа што ниеднаш не ме погледна, ама сепак сфатив што треба да направам. Кога зачекори преку работ, јас тргнав по неа, чекор по чекор сѐ додека не ја преминав улицата. Така сама се вратив дома.
Некое време ме гледаше благо како да ми чита весник за појадок.
– Зелено е – рече, ме фати за рака и ме поведе на другата страна од улицата.
Превод: Ѓоко Здравески
Слики: ANNA JENSEN
Луиза Бухарова (Сплит, 1985) дипломирала кроатистика и англистика во Загреб. Работи во книжевното здружение Скрибонаути, преведува од англиски и пишува. Го превела романот Фрлачи на пламен од Рејчел Кушнер (Profil, 2017). Кратки раскази објавила во The Split Mind, Fantom Slobode и на порталот Kritična masa. Објавена е во регионалниот зборник Надвор од коридорот (Izvan koridora – najbolja kratka priča; VBZ, 2011) и во антологијата на хрватската млада проза Без врата, без тропање (Bez vrata, bez kucanja; Sandorf 2012). Финалистка е на натпреварувањето на Фестивалот за европски краток расказ во 2016 и 2017 година. Добитничка е на третата награда на регионалниот натпревар за краток расказ Ulaznica (Влезница).