Шведски уметници изведуваат перформанс инспириран од спомениците во Скопје

03.09.2019 13:08
За спомениците во Скопје, шведски уметници го изведуваат перформансот „Градски коњи“

„Градски Коњи“ е проект на шведското дуо Ана Калблад и Хелена Бајстром. Двете се уметници кои соработуваат веќе подолг период, а последниве години работат на проект инспириран токму македонскиот главен град, Скопје.

Станува збор за перформанс изведен од група жени кои собрани на некое урбано место, најчесто плоштад, галопираат и со најразлични гестови имитираат стадо коњи.

Ваквиот, навидум чуден и апсурден перформанс тие го опишуваат како приказ на женската моќ и храброст која е сосем игнорирана кога станува збор за поставување скултури на плоштадите ширум Европа.

„Во нашите градови, на бронзени коњи, гордите цареви тивко зјапаат над нашите глави. Нивната историја и машка доминација секој ден се манифестира и се пренесува на следната генерација. Но каде се жените и нивните приказни?“, стои во описот на проектот кој започнал во 2014 година.Навраќајќи се на посетите низ повеќе држави во Европа, Ана забележала како спомениците со коњи, најчесто со познати машки фигури седнати на нив, биле најчестата појава која им паѓала во очи.

„Пред околу 5 години бевме во Скопје, работејќи на еден проект. Шетајќи низ центарот, разговаравме за историјата и моменталната ситуација на државата. Наеднаш се најдов помеѓу десетици огромни, бронзени споменици на коњи“, вели Ана.

Ваквата слика продолжила и кога се вратиле дома, во Стокхолм.

Ова ја инспирирало заедно со Хелена да го започнат проектот чија идеја тргнува од прашањето како можат жените во јавниот простор да се поврзат со овие споменици и нивната приказна?

„Сè што поставуваме во јавниот простор раскажува некаква приказна и креира одредена атмосфера.“, дополнува таа.

Сè побројните споменици од мажи и коњи, Според Ана и Хелена, не прават ништо освен што наметнуваат патријархизам и дополнителен притисок и очај кај случајните женски минувачи.

„Прашање е чии приказни всушност се раскажуваат кај овие скулптури? Што се пренесува на идните генерации? Што можеме ние да направиме во врска со ова?“, се дел од дилемите кои дуото уметници сакаат да ги постават со овој проект.

Перформансот до сега го имаат изведено низ повеќе градови меѓу кои Стокхолм, Малме, Гетеборг, Оребро и многу други. Реакциите кои ги добиваат се најчесто мешавина од смеа, чудење и погледи исполнети со хорор.

Извор: Радио МОФ

 

Слични содржини

Јавни простори / Уметност / Историја
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став / Култура
Јавни простори / Балкан / Уметност
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото