Астрална разделба

03.09.2019 17:35
Астрална разделба

Астрална разделба

Една двојка крај базенот, изморени од здодевниот ден, одушевено си разменуваат ветувања од хороскопот. Колку само убави нешта им претскажуваат! Долга љубов, многу пари, добри деца. Ова е навистина добар одмор, си велат, добро избравме. Па како инаку, добри луѓе сме, светот е правичен.

Ама види ја ти несреќата што им се приближува, или небото се пошегувало со нив или ги измамил астрологот, набавтал некаква астрална прогноза по непроспиена ноќ, без да погледне во ѕвездите, зашто никаде не пишува вистинска, несреќна судбина: дека за некоја минута еден од градинарите кои со електрични ножици ги поткаструваат грмушките крај базенот, несреќно ќе се лизне и со ножиците ќе се бапне во водата. Таму каде што тие токму тогаш разиграно се прскаат и размислуваат какво име ќе му дадат на детето што можеби го зачнале вчера.

Струја и вода, тоа не може добро да заврши. Викотници, сирени на брзата помош, но им нема спас. Следуваат крупни наслови во весниците, нагаѓања за немарноста поради лошо постапување, прашања од типот зар не би требало таквите ножици веќе еднаш да завршат на отпад, откажување на резервациите, хотелот ќе треба да се затвори на неколку месеци, настанот нема да биде заборавен како што се надеваа сопствениците.

Никој нема да знае дека не бил виновен астрологот кој прогнозата ја подготвил грижливо како и секогаш, туку дека во небесата нешто наопаку излегло, нешто поинаку од очекувањата. Никакви деца нема да има и никакво богатство. Небесата понекогаш се толку несредени.



Највознемирувачкото

Кога терапевтот ја прашува што ја вознемирило најмногу во животот, таа долго молчи. Потоа вели дека еднаш нејзиниот маж се возел зад една двојка на моторче, на веспа, така ѝ се чини. Било запурно, долго лето и двојката очигледно се враќала од плажа. Од под кацигите им течела пот, така маж ѝ ѝ кажувал, возел сосема блиску па ги видел тие ситни поточиња што им течеле по кожата. Жената седната назад имала ставено шарена крпа врз седиштето, биле во костими за капење, а нејзиниот бил малечок, тенок, ѝ рекол маж ѝ, речиси како конец за заби.

И потоа на жената ѝ се откопчал горниот дел и таа со едната рака почнала да ја бара побегнатата врвка, а со другата морала, за да не падне, да се држи за мажот кој не знаел што се случува. Ја пофаќала врвката додека тенката линија врз грбот ѝ играла овде-онде, а тоа лето немало многу сончање без горен дел, заклучил нејзиниот маж, кој многупати раскажувал за тоа возење, во друштво или само нејзе, можеби и самиот себеси кога долго го немало да излезе од бањата, којзнае. Ама потоа свртиле некаде, рекол, и не може да каже дали го задржала горниот дел од костимот за капење или ѝ го однел ветрот. Требаше да возам по нив, понекогаш ќе додал, само во мислите, но таа му ги имала слушнато.

И тоа возење за кое зборувал нејзиниот маж, и тој поглед врз плеќите на жената на која ѝ бегал горниот дел, тоа било највознемирувачкото. За тоа многупати и сонувала.
И денес ќе сонува, најпосле вели, сосема тивко. Терапевтот кимнува со разбирање.



Не сме

Добро беше кога воопшто можев да заспијам. А кога не можев да спијам мислев на тебе и на нашата иднина. Знаев дека ќе биде куса. Секако дека наскоро ќе спиеме заедно. Но што ќе смени тоа? Не сме ние тие кои би требало да бидат заедно, па тоа го знаеме и двајцата заедно и секој посебно. А сепак, одев со тебе на сите оние кафиња кои веќе долго не беа само кафиња, и на сите оние чашки пијалак, ама кој да се сети што имаше во нив. И секојпат знаевме дека не сме. А сепак ме канеше секогаш одново и јас секогаш одново велев дека ќе видам, дека може, па ајде, а никогаш не реков дека не сме. Требаше веднаш да кажам кога веќе знаев, а знаев веднаш, и потоа немаше да има никакви кафиња, никакви чашки пијалак, никакви покани. Потоа ќе требаше сама да си речам себеси: не сум. Но тоа звучи толку самотно. Не сме, тоа е подобро, многу подобро.



Слики: Jialun Deng

Превод од словенечки, од книгата „Угризи“: Лидија Димковска

Андреј Блатник (1963) гостува на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Тој е словенечки мајстор на раскажувањето кој со своите кратки раскази од врвен квалитет го проби словенечкиот простор и навлезе во универзалниот свет на одличната, преводна литература. Својата кариера ја започнал како басист во панк бенд. Долго време работел како слободен уметник, а денес е професор и уредник во издавачката куќа „Цанкарјева“. Пишува романи, раскази, есеи, колумни и др. Добитник е на престижните словенечки награди „Златна птица“, „Жупанчичева награда“ и на наградата на „Прешерновиот фонд“. Неговите книги се преведени на дваесеттина странски јазици и се високо вреднувани од страна на литературната критика.

ОкоБоли главаВицФото