Балкански автократ – можен само ако ЕУ подзамижува

04.09.2019 00:35
Балкански автократ – можен само ако ЕУ подзамижува

Зошто Вучиќ со декрет не ја забрани опозицијата? Зошто Ѓукановиќ не ги затвори со пушки критичките медиуми? Што го спречуваше Груевски фино официјално да си воведе диктатура? И зошто некогашните првоборци на УЧК не го поделат Косово меѓу себе како да е наследство од дедо им?
Навистина, зошто сето тоа глумење демократија кое само му пречи на гласниот балкански автократ?

„Теориски, би можеле да ги отфрлат демократските правила и да воспостават отворен автократски систем. Сепак, тоа би било доста ризична стратегија", вели професорот Флоријан Бибер во својата нова книга. „Евроинтеграциите и со нив и демократијата се дел од поширокиот општествен консензус веќе две децении, а овие земји се мали и цврсто поврзани со ЕУ."

Бибер поимот „автократ“ го употребува во смисла на „компетитивен авторитаризам" – тука демократски институти како избори се сметаат за единствена начин да се дојде на власт, но потоа државата се заборава и се стекнува предност над политичките противници. Книгата „Јакнење на авторитаризмот на Западен Балкан" во издание на Palgrave Macmillan требало да биде објавена кон средината на септември, но веќе е достапна на редакцијата на ДВ. Во книгата Бибер, луксембуршки професор на постојана работа на Универзитетот во Грац и одличен познавач на Балканот, трага по состојките кои го сочинуваат балканскиот автократ. Во делото преполно со референци и напишано на академски начин заради што веројатно повеќе ќе ги интересира стручњаците отколку широката јавност, Бибер ги сумира изминатите децении во шесте држави кои се во чекалницата на ЕУ, како и Хрватска. За читателите на кои им се познати тие пикантерии најзанимлив ќе им биде делот за улогата на ЕУ односно Западот, без кои таков тип автократи не би бил возможен.

Млада гарда „реформатори“

Бибер потсетува дека лидери како Вучиќ, Додиќ, Груевски или Ѓукановиќ секој во свое време успевале да „ја распалат западњачката фантазија како млади прагматични реформатори. Нивниот пат кон власта е проследен со охрабрувачки коментари во западните медиуми и од владите".

„Тие не се дојдени на власт како радикални кандидати од политичките маргини, туку од мејнстрим партии кои се поврзани со европските семејства на партии", додава Бибер. И ете ги денес во болен, понекогаш опасен, а понекогаш комичен расчекор додека го грабаат секое залче власт и притоа внимаваат да не им падне демократската вратоврска. „За некои пристапувањето кон ЕУ е само инструментално, алатка да се обезбеди поддршка на гласачкото тело и потенцијално подобар животен стандард", пишува Бибер. За други пак, претежно БиХ и Косово, кои се под силна меѓународна патронажа, членството во ЕУ би била конечна потврда на суверенитетот. А, на сите им е примамлива уште една работа, членството во ЕУ како средство против соседите кои уште не се членки. Бибер тука ги наведува Грција и Северна Македонија. Лудата расправа за името на земјата не би имала поголемо значење да беше Македонија веќе членка на ЕУ и НАТО. Во слободен превод, тогаш во Скопје немаше да им биде гајле што има да каже Атина на темата.

На сличен начин Италија го кочеше членството на Словенија, па Словенија на Хрватска, а Хрватска заради граничните прашања како на пример Пелешки мост или во врска со Дунав изгледа ќе сака да ги кочи БиХ и Србија. Бибер пишува за поимот „стабилократија“ и ја доловува сликата дека балканските хибридни режими се можни само благодарение на постоењето на ЕУ, оти им треба некој однадвор да ги пофали за стабилноста, да се слика со нив, да подзамиже на газењето на правната држава.

Добар пример за тоа е појавувањето на тогашниот шеф на австриската дипломатија Себастијан Курц на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и тоа во пресрет на изборите на кои Груевски конечно падна од власт. Одговарајќи на критиките, Курц повеќе или помалку во незавиена форма рече дека за него било најважно да се затвори бегалската рута на Балканот, а Македонците тоа го сториле со бодликава жица.
Стабилноста се трампа за демократија и таквиот однос не е резервиран исклучиво за Балканот.

„Меѓународната дипломатија начелно не е посебно чувствителна на прашања за демократијата и многу демократски влади имаат развиено добар, прагматичен или циничен однос со автократите во име на реалполитиката", пишува стручњакот Бибер.

Нема недоволно добри демократи

Меѓутоа се работи за крупен парадокс. Со тврдењето дека шест држави од западен Балкан и натаму имаат „европска перспектива", челниците во ЕУ и нивните најмоќни земји членки всушност ги поддржуваат оние кои токму таа перспектива ја поткопуваат. Ако имате стабилократија, немате демократија и правна држава, а тие се неопходни за зелено светло за ЕУ. Бибер студено констатира дека за европските челници нема недоволно добри демократи. Брисел ги остава во офсајд партиите како српските радикали или косовското Самоопределување, но „помалку поради нивниот недостаток на приврзаност кон демократијата, а повеќе заради одбивањето на поствоениот поредок и вирулентниот национализам".

Иако не се впушта во прогнози дали европските вредности се трајно упокоени во име на стабилократијата, авторот исцртува прилично тмурна слика: економска и финансиска криза, криза на еврозоната, Брегзит и бегалската криза „го одвлекле вниманието на ЕУ и нејзините членки на сопственото преживување далеку од промоцијата на демократијата и проширувањето вклучително и западен Балкан".

Понекогаш се слушаат и наводно суштински забелешки за состојбата со демократијата во регионот, на пример од Франција и Холандија поради кои не се отвараат претпристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Но, зад тоа, пишува Бибер, се кријат реалполитички причини: населението на Запад станало скептично кон проширувањето, па некако треба да се отежне. „Во Србија претседателот Вучиќ е доста успешен во тврдењето дека е постојано растрган меѓу Русија и Западот и дека било каква пренагла прозападна политика би предизвикала контраефект. Тоа му помогна да создаде повеќе простор во кој може да им се размава на медиумите и на независните институции. Таквото враќање на 'геополитиката' го оттргна критичкиот поглед на демократијата и на владеењето на правото", пишува Бибер во новата книга.

Додава дека Вучиќ за таа цел култивирал врски со Владимир Путин спрема кого негува „речиси смешно стравопочитување демонстрирано со стоење на дожд без чадор за време на воената парада во чест на Путин во 2014 година и инсистирањето со него да разговара на руски".

Бибер не запаѓа во искушение балканските моќници да ги нарече мали Путини, Ердогани или Орбани иако има сличности во поглед на култот кон личноста. Но, додека во Русија, Унгарија, Турција постои „силно идеолошко упориште" на режимот, на Балканот „нема идеолошки кохерентен систем кој би можел да преживее без водечките фигури".

Кризи и кризички

Но, затоа има главно вештачки кризи. Тие се, со класичното оружје на партиски вработувања и медиумска контрола, силен адут на автократите. Тоа е стара слика, во едната рака кибрит и бензин, а во другата апарат за гаснење пожари. Но, овие модерни кризи не се со толку далекусежни последици како обидот во Турција во 2016 година која на тамошниот автократ Ердоган му овозможи да ги уапси и да ги смени од позициите десетина илјади лица. Балканските кризички, пишува Бибер, „повеќе служат на суптилната цел да им се потенцира на западните играчи колку е важно властите да обезбедат стабилност и да се пролонгира несигурноста меѓу граѓаните".

Фабрикуваните и вистинските, но надувани кризи, Бибер ги дели на неколку групи. Тука се оние кога некоја власт е божем загрозена од домашни предавници кои со некакви странци работат на пример против Александар Вучиќ, „обидот за државен удар" во Црна Гора или крвавите случувања во Куманово пред крајот на владеењето на Груевски, потоа „викенд војнички" со комшиите, на пример царинската војна меѓу Србија и Хрватска за зеленчук или праќањето на возот со натписот Косово е Србија во Митровица. На крај тука се и вонредните избори кои според Бибер не се крза сама по себе, но прилика да се суспендираат секојдневните работи на владата, а кампањата да се употреби за продолжување со таргетирањето на опозицијата и користење на државни ресурси за партиски цели. Тие вонредни околности фрлаат сенка на овоземските проблеми и служат и за барање поддршка однадвор. „Наводниот државен удар во Црна Гора секако помогна да се убрза ратификацијата на договорот за НАТО бидејќи западните медиуми земјата ја претставија како важно упориште против мешањето на Русите на Балканот", заклучува Бибер.

Има ли надеж? Во епилогот Бибер дава совети на оние кои се борат против „балканските принцови". Една препорака е да не се прифаќаат зададените рамки на дебата, натпревар во патриотизам и кој е поголем реформатор. Наместо тоа Бибер предлага да се зборува за обични нешта, на пример сиромаштијата. Друг совет нема да му се допадне на голем дел од опозициската јавност во Србија, а тоа е дека бојкотите се станати општа појава на Балканот, но не гарантираат ништо. Ако целта е да се привлече вниманието на меѓународните набљудувачи, бојкотот нема фајде. На Запад тоа повеќе го толкуваат како дел од плитичките кавги, а помалку како крик за демократија.

Извор: DW

 

Слични содржини

Балкан

ОкоБоли главаВицФото