Сѐ за мир

04.09.2019 10:21
Сѐ за мир

Романот „Се викам Дамјан“ е култен роман во современата словенечка книжевност, омилен и кај помладата и кај постарата читателска публика. Се работи за роман кој на автентичен и оригинален начин го поставува прашањето на родовиот и социјалниот идентитет кај младиот човек, соочен со предизвиците на секојдневјето и на времето во кое созрева. Светот на младиот Дамјан, кој се родил како Весна, бунтовник со причина, се врти околу семејните несогласувања, социјалните служби и психолозите. Дамјан не може и не сака да попушти. Дамјан сака да го пронајде сопствениот пат. Tоа е роман за младиот човек на нашето време и за светот во кој живее, не секогаш по своја волја, но на сопствена одговорност.

Романот „Се викам Дамјан“ од Сузана Тратник беше првпат објавен во 2001 год., авторката според него напиша и монодрама, а романот доживеа преводи на германски, чешки, словачки и српски јазик. Сузана Тратник во соработка со познатата словенечка режисерка Маја Вајс според романот напиша сценарио за долгометражен филм што наскоро ќе започне со снимање.

Сузана Тратник е гостинка на книжевниот фестивал Друга приказна #4.

  

Пред сѐ за тоа дека Дамјан цел живот немал мир пред мирот. – За извитканите ќошиња на тетратките и немањето вистинска прилика. – Малите во центрифугата, големците на сосема друго место. – За тоа дека Дамјан не можеш да го врзеш. – Како Дамјан по дискотеката ја собрал Барица. А од Нела и воланот ни трага ни глас! Сето тоа стигна во весниците. – Ама Дамјан нема повеќе да се јавува и да моли за прошка. – А на крајот Роки кажа нешто добро.

Онаа малечката средношколка на последната средба на групата беше навистина одвратна. Не знам дали ѝ се допаѓам зашто цело време ме заморува и нешто ме прашува. За малку ќе ми стапнеше на нерв. А тоа не ќе беше добро, ви велам дека не ќе беше. Денес дојде целата расплакана и повторно сѐ ѝ беше за никаде. Сигурно дома нејзините ја носат на раце, па затоа само кенка и уценува. Или некој фраер добро ја зезнал. (Да, па што, јас кажувам така како што е.) Па уште и врнеше, така што моравме да седиме во онаа задушлива соба. Освен тоа, бев и страшно мамурен, одвај успеав да станам саат време пред средбата на групата. (Во последно време повторно пијам, ама никако не ми успева да ја преспијам групата – моите водат сметка за тоа.) Не успеав ни да се истуширам, а не пак на раат да се напијам кафе. Ама отидов на средбата. Само да има мир во куќата, како што би рекле моите. Ми беше страв дека нема да издржам, дека нема да можам никого да ислушам, дека ќе блујам. Да останев дома ќе беше уште полошо; ќе ме убиеја зошто не сум отишол во групата. Да, така е тоа со мене, никаде немам мир, никаде свое катче во кое би можел да се вовлечам за да не мора да ги слушам другите. А малечкана кенка дека ја боли главата од плачење. Речиси ѝ се врекнав малку помалку да пуши трева, па и главата помалку ќе ја боли. Ние навистина бевме гомнари, ама оваа генерација е веќе за никаде. Само уште џоинт си подаваат. Ама не реков ништо, никого не сакам да заглавам во лајна.

И зар не е страшно што Владо се сожали на малата. Лично ѝ донесе чаша вода и некој прашок против главоболка. Нормално, некои знаат да го свртат вниманието на себе и се исплаќа да лелекаш и да цимолиш, зашто после сите те сожалуваат и сите те служат и веруваат дека ќе станеш подобар. Прашокот во чашата шумеше и прскаше и некој во дрвени кломпи тупотеше во ходникот така што во главата речиси ми клукаше од тоа.

Не можев повеќе да молчам.

„Што им е денес на сите што толку здивеле во ходникот? А јас? Ќе ми донесе ли мене некој нешто, и мене главата ќе ми пукне.“

„Сега ќе стане мирно и тивко, ќе видиш и ќе можеме да почнеме.“

Мирно и тивко. Тоа сите го велат. Биди мирен и тивок, се дерат. Сите сакаат мир и тишина. И дома сакаа мир, а пред сѐ, не сакаа срам во куќата. Во школо бараа тишина за да можат непречено да ти серат врз глава. Дури и посраните соседи сакаа мир, не сакаат да слушаат музика од туѓи куќи, а да не споменувам некоја журка и најмногу од сѐ би сакале во твојот сопствен двор да шепотиш и да газиш на прсти. На работа мора да биде мирно, не смееш да се караш и да им се дереш на колегите, дури ни на оние кои се мрзливи и не знаат да работат, туку само чекаат другите да сработат наместо нив. (Добро, тоа е само тогаш кога сум на работа, а тоа во мојот случај не е редовна појава.) Понекогаш не можеш ни да се насмееш, зашто на луѓето не им е до шега. До ништо не им е; ни до работа ни до смеа или забава. Само мирот им се врти в глава. Сите сакаат да имаат мир, а постојано си додеваат едни на други. Да, секогаш сите од тебе очекуваат да си мирен и вреден. А кој ми дал мене мир во животот? Сите ми клукаа во главата – само затоа што сакаа да го имаат својот ебен мир. Го бараа од мене, а самиот живеев како во центрифуга без да можам да здивнам. Така е откако паметам. Од тогаш кога бев дете. Да, толку ме притискаше и ме удираше од сите страни. Понекогаш ќе беше најдобро да се претворам во истенчена плочка, како јунаците од цртаните. Којзнае како е да се чувствуваш тенок како лист хартија, кога речиси и те нема... Најверојатно тогаш имаш мир зашто никој не те забележува, никој веќе не се сопнува од тебе, зашто може непречено да те прегази и да си продолжи. Да, можеби тогаш навистина имаш мир, за ништо не се чувствуваш виновен и никој повеќе не те забележува. Тогаш и ти имаш мир и сите околу тебе.

Верував дури дека сум се родил несреќен, неблагодарен и тврдоглав и дека затоа секогаш се чувствував виновен. Особено дома – секогаш. Откако паметам. Откако паметам се немаше мир, живеев во својот мрачен свет и си мислев дека не постои ништо друго. Барем не за мене. Сето она што беше подобро беше за некои други, за оние големците. Ние малите сме во центрифугата и тука не може којзнае што да се направи, тоа одамна го сфатив. Ништо не гледаме околу себе и ништо не ни е јасно, толку бргу се вртиме, се переме како валкана долна облека. Непрекинато се вртиме и се цедиме. Тука училиштето ништо не ти помага. И онака е тешко да стигнеш до нормално образование. А особено ако имаш татко идиот. Да, јас сум таков случај. Покрај сите пиздарии, одвај нешто ми успеа да направам. Кон крајот на основното училиште татко ми почна страшно да се интересира за мојот училиштен успех, и тоа така што секој ден ме чекаше по часовите и се дереше дека воопшто не се трудам и дека треба да сум барем послушен ако сум веќе тупав. А јас му реков дека, добро, можеби сум тупав, ама послушен нема да бидам. Мајка ми, пак, само плачеше и тивко се надеваше дека можеби сепак нешто ќе стане од мене. Понекогаш ќе се осмелеше да му рече на стариот да не ме тормози, зашто дури тогаш нема да знам ништо да направам. Па уште е мал, липаше. Ѓаволи, мал! За стариот уште на два-тринаесетгодишна возраст веќе бев заебан како пес. Немам поим како воопшто го завршив основното. Сигурно сосила. Само на тоа се сеќавам, дека секој ден требаше да го слушам мрморењето на стариот. Кога го завршив основното училиште, сакав да биде по мое. Да најдам работа и крај. Да си имам свои пари во џебот и збогум совети, барања и очекувања. Всушност, не ни сакав да се вработам туку само да бидам подалеку од школото и од поуките на стариот. Ама ме присилија да се мачам и понатаму, тукутака ме запишаа во средно, наводно без образование немало иднина. Да, ама ни со образование, си мислев, со вакво образование и со ваков налудничав татко навистина нема иднина. И така, последен пат се согласив на сѐ што си замислија и со мајка ми отидов да купам тетратки. Не знам зошто сум таков, ама на крајот секогаш успеваат да ме убедат. Ама само ако ме оставиш на мира, му реков на стариот, ако не ми претураш по тетратките и не проверуваш дали навечер во мојата соба учам или правам нешто друго. Само еднаш кажи дека ќошињата на тетратките ми се извиткани или некоја друга глупост, и сѐ ќе џитнам низ прозорец. Што, што ќе направиш, ти апаш низаеден, се дереше татко ми, слушна ли, старо, уште сега ни се заканува дека нема да се поправи, а не пак подоцна! И така натаму, до бескрај. Сѐ дури не го заебав школото. Да бидам искрен, не беа баш за сѐ виновни другите. Мене учењето едноставно не ми одеше, уште на крајот на основното сосема изгубив и волја и концентрација, па класната на консултации со моите отворено им рекла дека сум повеќе за во работилница одошто за во канцеларија. Така со уште поголема радост го оставив учењето. Потоа навистина почнав да пијам и да правам срања и да се служам со закани. И секако, да кршам сѐ што ќе ми дојдеше под рака, од шишиња до муцки. А татко ми и понатаму се дереше, ама јас повеќе не се прашував зошто. После и имаше за што да се дере. Да, ама на крајот зажалија. Дури и ме молеа да се вработам. Наместо мене пишуваа молби и се извинуваа во мое име кога немаше да се појавам на разговорот за работа. Па и работете наместо мене, им велев, а јас ќе се погрижам за себе. Добро, рече стариот, отсега ќе бидеш и без ручек и без вечера и без појадок, а ќе го заклучуваме и шпајзот, па нека те хранат оние твоите другари, апаши како тебе. Добро, реков, тогаш нема ни да јадам. Само ќе пијам. И навистина пиев. И си направив и себе и на другите цел куп проблеми, знам, знам, за тоа веќе зборував. Ама ќе зборувам и понатаму! Ни редовната работа не ме спречуваше во тоа да правам пиздарии, секогаш ќе најдев време за пијанчење и ноќен живот. Дамјан не можеш да го врзеш. И повторно паднав во центрифугата, повторно ме вртеше наваму-натаму. Сѐ дури не се зближив со Нела и не паднав во романтика, ама ни тоа не траеше вечно. Колку што се сеќавам, првпат се скаравме баш поради саканиот мир. Не знам, едноставно не можев да живеам по нејзино и за сѐ да се согласувам со неа. Всушност, најдобро се разбиравме кога бевме сами, а во друштво секогаш поради нешто ѝ одев на нерви, на пример зашто бев прегласен, зашто зборував глупости и зашто наводно сум тормозел други. И таа мене ми одеше понекогаш на нерви зашто воопшто не ѝ беше до дружење, само што никогаш не ѝ покажав дека тоа не ми одговара, јас едноставно знам да се воздржам и не сакам да се карам. Веќе извесно време немавме исто друштво и тоа уште повеќе нѐ раздвои. Кога бев со неа понекогаш како да се префрлав на друга бранова должина, како да станував некој друг Дамјан. Ама не можам секогаш да притиснам на копчето и да се променам, па човек сум, не сум киборг. И онака веќе бев расфрлен насекаде. Нела беше тврдоглава, ама и јас. Затоа се договоривме некое време да сме раздвоени. Па не бевме земени и никој никому ништо не му должеше. Сакав малку да здивнам и да се забавувам порелаксирано. Ама не беше едноставно, сѐ некако се искомплицира. Иако со Нела паузиравме, не се гледавме поретко од порано туку поретко бевме заедно сами. Не знам, откако меѓу нас стана напнато, некако ни беше полесно во друштво, зашто така не моравме ништо да објаснуваме. Излегувавме во дискотеки, во кафулиња, дури и со Сине и Брине понекогаш ќе испиев некое пиво, ама не сам зашто имаше и други со нас. Така повторно сфатив дека освен романтиката ништо суштински не се сменило. Нема да кукам, зашто веќе долго знам дека луѓето само се прават дека те слушаат, ама ниеден нема да ти помогне. Инаку Роки рече дека сум обичен негативец кој никому ништо не му верува и не се доверува и дека луѓето не се толку лоши кога би им дал шанса да се покажат. Добро, ништо нема да речам.

Така повторно се вративме на стариот колосек и повторно толку работи ни се случуваа што одвај постигнувавме и одвај бевме свесни што ни се случува. Луѓето не би ни можеле да си замислат што сѐ ни се случуваше. Навистина, дури и во весник се појавивме. Ќе објаснам сѐ по ред. Тоа се случи на Грчка улица. (Немам поим кај е таа улица.) Не, подобро да почнам од почеток и да раскажам така како што беше. Започна во диското, кога веќе си одевме дома, беше околу четири или пет наутро. Бевме: Дамјан, Роки, Нела, Вања и Јасна. На крајот ни се закачија и Сине, Брине и Јоц затоа што ги покани Роки, јас сигурно не; јас им ставив крст тогаш кога ми префрлија дека сум женско и дека поради тоа наводно не можат да се договараат со мене. Е затоа сега јас со нив не се договарав повеќе. Ама кога ќе ги сретнев во педерското диско секогаш ги заебавав и им се чудев што прават таму, да не се и тие педери, а? Тука секогаш ќе ги погодев во нерв, па веднаш ќе почнеа да се правдаат и да се лутат. Каде останав? Да, бевме на излегување од диското, добро расположени и под гас, како што се вели, затоа сѐ уште не ни се одеше дома. На излезот стоеше една жена која никој од нас не ја познаваше, ама јас веднаш ѝ пријдов и ја прашав како се вика. Љубезно ми одговори дека се вика Барица – сигурно и самата беше доволно натрескана, како што се вели. И тогаш ја прашав, добро, госпоѓо Барица, а каде сега да продолжиме со журкањето? Роки се смееше со тупаница пред уста, не му се веруваше што сѐ си дозволувам. Се колнам дека само се пошегував кога ѝ се обратив на госпоѓа Барица, ама таа веднаш наседна. Дури и повеќе од тоа, се израдува и веднаш почна да брбори дека е ретко во Љубљана и дека нема вистинско друштво, а особено не толку весело како нашето. И нѐ покани кај неа дома, иако веќе беше речиси пет изутрина. Рече дека не живее далеку. Секако дека сите бевме за. Јас веднаш направив распоред кој со кого ќе седи во кола: Роки, Вања, Сине и Брине ќе одат со Јасна, а Дамјан со госпоѓа Барица. (На Јоц сосема заборавив.) „А Нела? Што се правиш толку важен, кај ќе ја ставиш Нела, а?“ ми потшепна Роки. Дури и пијан ми се вцрвенија ушите од срам што сосема заборавив на Нела. Погледнав околу себе со надеж дека не стоела во моја близина и не ме чула. Ама Нела ја немаше никаде! Уште еднаш погледнав околу себе и сите почнаа да прашуваат каде е Нела, кој ја видел, да не не е нешто во ред со неа, Дамјан, да не се скаравте, и така натаму. Дури и Брине, кој пред диското веќе виткаше џоинт, го прашав за неа. „Што?“ ме погледна со уморни очи. 
„Нела? Да не си ја видел? Пред една минута беше со нас, а сега ја нема.“

Брине го подзатвори левото око и рече: „Да, ја видов. Отрча накај автобуска. Мислев дека знаеш“.

Сега веќе не ми беше жал што сум ја изумил во распоредот за седење. Тукутака си заминала, безобразна, без збор, како и обично кога не ѝ одговараше друштвото, без воопшто да ѝ се чини вредно да ми каже. Наводно не ѝ било повеќе до разговор. Тоа не ми се допаѓаше кај неа, таа секогаш да одлучува кога повеќе не вреди да се разговара. А кога ќе се напиеше, понекогаш беше толку одвратна и напорна што не знаеше да се контролира.

„Гледаш дека си отишла, што ме тормозиш“, му реков на Роки. „На постојката е! Саатот е 4:42, автобусот уште не тргнал. Ако побрзаш ќе ја стигнеш! Донеси ја овде. Ако бевме заедно во диско, треба да биде со нас и сега“, ме подучи Роки.

Ама не дозволив да ме убеди. Му одвратив дека нема да трчам по никого. Уште еднаш го повторив распоредот за колите и им ја дадов адресата на Барица: Грчка 12. Сосема сеедно ми беше кој ќе го најде патот, а кој ќе се изгуби, зашто Роки ме збесна. И тргнавме. Кога седнав покрај Барица во старата стојадинка, речиси не им поверував на сопствените очи. Не беше за верување. „Бргу ќе стигнеме кај мене, не е далеку“, рече Барица. Кога го фати менувачот и од џебот го извлече клучот, почнав да се смеам.

„Што е толку смешно?“ ме праша сериозно.

„Не знам каде ќе стигнеме, госпоѓо Барица, па немаш волан!“

„Што немам?“

И конечно погледна пред себе и се обложувам дека во моментот се отрезни кога виде дека навистина нема волан. А јас од смеа се удирав по колената и одвај чекав да стигнеме на Грчка и на друштвото да му кажам што се случи. На Барица ѝ реков да викне такси, ама не беше во состојба. Ги пцуеше и бандата и мафијата и божемните пријатели и се закануваше дека ќе се одмазди зашто наводно точно знае кому. Ми се чинеше најдобро да кимам со главата и да одобрувам, зашто немав поим за што се работи. Кога ја фатив за рака, малку се потсмири и рече да одиме сеедно кај неа зашто веќе нѐ поканила и журката не смее да пропадне, тоа би бил лош знак.

Кога излеговме на Грчка од таксито, нашите веќе беа таму. „Веќе помисливме дека сте отишле некаде“, налутено ми сасна Роки. Ама го игнорирав. Со Барица веднаш им раскажавме што се случи. Иако нормално не ја сфатија врската помеѓу исчезнатиот волан и мафијата. И така се најдовме во еден голем стан; и ден-денес се сеќавам на трпезаријата, кујната, џиновската бања и на спалната. И на балконот без цвеќиња. Барица донесе пијалаци, сѐ живо, од виски, вотка, коњак до пиво, домашно вино и текила. Мене ми се чинеше дека претерува, зашто веќе бевме доволно натрескани. За нас двајцата (така рече самата) донесе ракија од нејзините краишта, веќе заборавив кои. Седнавме на маса и почнавме да пиеме. Барица ми изнакажа сѐ и сешто за својот живот. И одвреме-навреме ќе речеше: „Ебате, важно е да се разбираме“. Веднаш ѝ потврдив и мавнав уште една. Почувствував дека се доближувам до она мое старо цврсто пијанство, ама не се секирав, ми беше фино, најдоброто што можев да го направам во тој момент. Роки ме гледаше подоко и ми се закануваше со прстот, ми беше замерил што не отрчав по Нела на постојката и што не је вратив. Ама се правев дека не го разбирам. Потоа во кујната на Барица си испржи јајца за да се отрезни малку. Што да кажам, со Роки беше секогаш така, секогаш нешто му беше отповеќе; ако многу испиеше, веднаш почнуваше да се трезни, ако беше со девојка, сакаше да побегне. Сега веќе беше толку трезен што можеше да ми праќа отровни погледи, а јас речиси се посомневав дека ја сака Барица за себе. Ама не сакав да се занимавам со него, фала богу што Барица непрестајно зборуваше. Дознав дека има тип со кого секако не се разбира добро, ама не знае како да го исфрли од станот, зашто ѝ е страв од уцени и од мафијата. (Постојано ја споменуваше мафијата.) Кога испивме уште по неколку чашки ракија, и јас ѝ кажав дека имам проблеми со девојката зашто сѐ помалку се разбираме, ама дека не можам тукутака да ја оставам зашто ја сакам. Тоа ѝ се допадна; рече дека уште многу малку луѓе ја почитуваат и ја ценат љубовта и дека и самата е една од нив. И потоа ѝ наздравивме на љубовта – повеќепати. Кога погледнав околу себе, видов дека веќе сите испопаѓале во кома. Роки се нагнете јајца и заспа пред телевизорот, Сине и Брине виткаа џоинт и си го подаваа на секој пола саат, и двајцата веќе беа вкочанети и забавени од дувањето. Јасна и Вања ги немаше, изгледа си имаа отидено. За миг помислив дека можев да им се придружам и да ги замолам да ме одвезат кај Нела. Да не испиев толку чашки ракија, сигурно ќе го направев тоа, ќе отрчав кај неа, знаев каде ми е местото. Излегов на балконот за да видам дали колата на Јасна е сѐ уште пред куќата. Ја немаше, сите веќе беа заминати или заспани, саатот изгледа беше седум изутрина. Си помислив дека Нела можеби загрижено бдее ако немаше испиено доволно – ама ако! Се наежив од утринската свежина. Барица излезе по мене на балконот, ме прегрна околу половината и рече дека се чувствува осамено, не во тој момент туку општо, во животот. Во диското отишла со надеж дека ќе најде некое добро и отворено женско друштво, зашто нема со кого да разговара. И нема никого за нежности. Си помислив во тој миг – зошто да се секирам, па Нела нема никаде да отиде, а утрово и јас сум осамен, зашто мојата драга ме остави без збор, и тоа пред пријателите. Само за да се чувствувам наредниот ден виновен, а таа великодушно да ми прости. А не сакав да ми прости. Ако некој мисли дека сум виновен, значи сум виновен и ќе си живеам со тоа. Луѓето живеат и преживуваат со уште поголеми непријатности и со далеку потешки болести. Зошто пак јас да не преживеам една ноќ со Барица? И ја преживеав. Роки, фала богу, не се разбуди, инаку во интимните мигови со Барица сигурно ќе ме гризеше совест, а и ќе се секирав дека слушнал нешто. 

Околу пладне и двајцата се разбудивме потиштени и мамурни, но ми се брзаше на работа зашто тогаш сѐ уште работев. Затоа Роки набрзина го кренав од масата, ни кафе не го оставив да се напие, па има време на претек и цел божји ден може да го пие. Кога се отрезнив, ми беше непријатно да ѝ погледнам во очи на жената со која се сексав. И тоа не поради самиот секс туку зашто пред очи ја гледав Нела, па потоа пак Барица, сѐ ми се испомеша во главата. Се прашував да не сум испил и нешто друго освен алкохол. Ама заклучив дека не сум. Сакав само да си одам, подалеку од сите.

Кога седевме со Роки во двојка, веќе беше подобро расположен, и тоа зашто сега јас се траумирав, а тој сакаше да се прави дека им помага на другите. Ме прашуваше што ќе направам сега со Барица и дали ќе ѝ кажам на Нела. Ама му се врекнав да си ја гледа својата работа и самиот да ги теши двете, ако му е толку гајле. Или нека си најде веќе еднаш девојка која ќе му го исполнува времето. „Остави ме веќе на мира со Нела и Барица, и онака ниедна не е твоја!“ му реков.

Ама не престануваше. Го интересираше како беше со Барица, дали навистина ја легнав и колку пати, дали ѝ го кажав моето вистинско име и како реагирала на тоа, дали и таа е лезбијка. Нормално дека ништо не му кажав. Барица знаеше што сака од мене. Така како што јас знаев дека веќе никогаш нема да отидам кај неа.

Да, понекогаш е најдобро некои работи и настани да ги заборавиш, да се повлечеш и да почекаш да поминат проблемите. А ако премногу се секираш и размислуваш, сѐ ќе остане во тебе. Затоа јас повеќе сакам да се повлечам во себе и да почекам. Досега тоа функционираше, не знам зошто не и понатаму. А наредниот ден не отидов на работа, иако старите мислеа дека сум отишол. Ни на Роки не му кажав дека сум дома. Ми требаше малку мир, а тоа можам да го имам само ако се скријам. И така убаво си седев дома со утринско кафе што се развлече сѐ до попладневните часови. Си нарачав пица, џвакав и ги прелистував Мостески новости. И задоволно си размислував кому нема да му се јавам.

Прво, нема да ѝ се јавам на Барица, тоа е сосема јасно. Со неа немав ништо заедничко освен добра журка. Воопшто не се ни сеќавам дали ми се допаѓаше. А не ја ни познавав. Кога заклучив дека никогаш повеќе не треба да ја сретнам, освен случајно, ме пресече помислата да не сум ѝ ветил дека ќе ѝ најдам нов волан. Да, тоа е сосема во мој стил, секогаш сакам да им помагам на другите и постојано се нудам. Ама се сетив дека има тип, па уште изутринава ми рече дека треба да си одиме со Роки зашто ќе се врати нејзиниот тип и ќе полуди кога ќе види какво друштво имала ноќта. Со него нека си се договори за воланот.

Второ, нема да ѝ се јавам на Нела зашто си отиде сама без да рече никому ништо. Тоа ми го имаше направено неколкупати и сега веќе ја премина границата. Тоа нема повеќе да го поднесувам, а особено не пред друштвото. И нема да ѝ се јавам за да ја молам да ми каже со што сум ја навредил и после да си турам пепел, тоа го правам цел живот. Таа нека ми се јави ако ѝ е до мене, проклета вештерка. Овој пат таа ќе мора да попушти и да ме омекне и за тоа ќе треба вистински да се потруди. Па и добро ќе ѝ дојде! Ако не, тогаш ќе си најдам друга, нема веќе да се малтретирам со неа.

Трето, ни на Роки неколку дена нема да му се јавувам, зашто само ќе ми додева и ќе ме сили да ги анализирам проблемите, како што му е во навика. Нема да има никаква штета ако не се видиме неколку дена, засега доволно теравме. По паузата уште повеќе ќе уживаме заедно. Глупостите и онака ќе нѐ почекаат.

Четврто, Сине, Брине и Јоц нека цркнат веќе еднаш. Секогаш се тука кога не треба.

Петто. Како петто се сетив дека Барица ми шепна дека никогаш не спиела со женско. Можеби би можел сепак да ѝ се јавам. Не треба да се дружам со неа, можам да ѝ кажам само здраво. Дали тоа значи дека цел живот посакувала жена? А јас ѝ бев прва – ако погледнеме од сексуален аспект. Односно, од технички аспект. Сигурно размислува за изминатата ноќ, за воланот и за мафијата. И секако за мене. Ама јас за неа нема долго да размислувам, сега навистина не ми се потребни нови проблеми и воопшто нема да ѝ се јавам.

И така повторно се вратив на првото; секогаш одново заглавувам и пак сум на почетокот. Затоа подобро да не размислувам премногу, зашто порано или подоцна ќе стигнам таму каде што ми е судено. И сосема е сеедно дали за тоа размислувам или не. Тоа на Роки не можев да му го пикнам в глава. Тој се инаетеше на свој начин, убеден дека нешто што мора да се случи можеш да го запреш, па дури и да го промениш. Само ако добро смислиш како. Веќе стопати му имам речено дека не можеш да стигнеш далеку ако длабиш во проблемите што самиот си ги зготвил зашто ги расипуваш и оние мигови во кои би можел да се забавуваш, а може и да откачиш. Овој мој Роки треба да изеде уште многу фурни леб пред да сфати што е тоа судбина.

Јас мојата фурна уште одамна ја изедов. Одмавнав со рака и фатив да ја читам црната хроника, најдобрата страница во нашите Мостески новости. Ама ѓаволот ни ора ни копа, дури ни во весникот судбината не ме оставаше на мира. Нешто се случило на Грчка улица. Барица! Не можев да поверувам, нејзиното име беше повеќепати споменато во веста за стрелањето на Грчка улица. Прочитав дека Барица Б., невработена сметководителка, со живеалиште на Грчка 12 и нејзиниот партнер Т. Л., без државјанство, ноќеска повеќепати ги вознемириле станарите на истата зграда. (Неколкупати се враќав од почетокот зашто ми се чинеше неверојатно дека е истата Барица и истата зграда и истата улица!) Соседите се жалеле поради премногу гласните посети, музиката и викањето. Излегло дека кај Барица „се договарале зделки“ за кои самата не сакала ништо да знае. (Ама навистина е чудно што никаде не пишува за тоа дека ѝ го дигнале воланот!) На тој начин многу нешта би се разјасниле и тоа докажува дека била вплеткана мафијата. Инаку многу ми е гајле, нема никого да издадам. Накусо, нејзиниот партнер наводно се скарал со заедничкиот познајник Ф. Л., без професија и дури извадил и пиштол. Сѐ уште не е јасно која била причината за караницата, зашто истрагата е во тек. Наводно Барица, која цајканите што веднаш по стрелањето дошле на местото на настанот ја нашле преплашена под креветот, не знаела ништо да каже. А типовите веќе заминале. Е па сега навистина не треба да ѝ се јавам, си помислив со олеснување, сега можам да заборавам на сето тоа. Добро што ги немаше оние типови кај Барица кога ние бевме таму. Можете да си замислите баш тогаш да била нивната пресметка или типот на Барица да нѐ брка со пиштолот мене и Роки изутрината по Грчка улица! Си замислував како би пишувало, дека таму ги нашле моментно невработениот Д. и малолетниот Р., а и пет грама марихуана кај С. и Б. А вака си седев во мојата кујна и безгрижно си се смеев самиот со себе.

И веднаш почна да ме копка да го свртам бројот на Роки и да му кажам под итно да отвори на страница 14. Намерно не му се јавив. Добро, ќе издржам до вечер, ако бидам расположен за пиво.

Ама потоа некој ми се јави мене. Бидејќи не ни помислив воопшто на таа можност, само ја кренав слушалката. Беше Нела. Најпрвин се израдував, ама потоа сфатив дека треба да бидам воздржан. Ми рече дека веднаш треба да го расчистиме односот меѓу нас. А ако треба, и да раскинеме. Зажалив што воопшто ја кренав слушалката. Ми падна на памет да ѝ кажам за веста во Мостески новости и малку да ја разведрам, ама веднаш се сетив дека тоа не би било најпаметно. Затоа реков дека е во ред, дека можеме сѐ да расчистиме, па и да раскинеме, ако тоа го сака. Само сега не можам, морам нешто да завршам дома, реков, можеме да се најдеме вечер, да навратам кај тебе. Неволно прифати и ме замоли овој пат да бидам точен. (Повеќето пати сум точен, можеби некогаш сум задоцнил зашто подолго сум работел.) Добро, реков.

И отидов да спијам за да се одморам до вечерта и да поминат сите проблеми. Се разбудив многу доцна, за миг ми се причини дека сѐ уште сум кај Барица. Фала богу не беше вистина. Побрзав, се истуширав и се облеков пред да дојдат старите и да сфатат дека сум бил дома, а не на работа. Ѝ се јавив на Нела, ѝ реков дека ќе задоцнам дваесет минути и истрчав надвор. Тркнав до „Мравка“ по цигари и таму го сретнав Роки – седеше сам на маса, пред себе ги држеше Мостески новости на страница 14 и читаше речиси на глас држејќи се за стомак и тресејќи се од смеа. Добро, ајде, ќе испијам едно пиво, реков. Нела ќе почека, а ако не, тогаш може пак да си замине без збор. „Нормално, само едно пиво – па ќе те почека, нели те сака“, ме убедуваше Роки. Ама не испив само едно, туку многу повеќе и таа вечер не можев да се мрднам од „Мравка“ – што да правам, таков сум.

„Ние двајцата ќе одиме во школо и ќе постигнеме нешто во животот – еднаш сигурно ќе станеме некој и нешто“, зборуваше Роки, „еднаш, кога ќе бидеме поголеми, односно постари, кога ќе се смириме и кога подобро ќе знаеме што сакаме и како да го оствариме тоа, да, тогаш сигурно. Па не сме толку глупави, и покрај сите проблеми дома, и покрај пијанчењето и потресувањата, барем успеавме основно да завршиме црно на бело. Види, Дамјан, немаме ни толку лошо друштво, се дружиме само со учени луѓе. Не само зашто сме добри типови, туку зашто сигурно и ние знаеме нешто да кажеме... па не сме толку глупави, само никогаш не сме имале вистинска шанса.“ Роки секогаш мислеше дека овој промашен живот е само нешто привремено и дека сѐ ќе се среди само од себе кога ќе имаме околу дваесет и пет години. Ама така можат да размислуваат големците. Тие можат да се заебаваат додека сакаат, зашто секогаш некој ќе се погрижи за нив и ќе им донесе сѐ на тацна, само да мрднат со прстот и да покажат малку добра волја. За нив и онака е веќе сѐ однапред средено. Да, да, секако, ќе им покажеме, ќе видиш, реков – изгледа веќе бев прилично пијан – можеби уште есенва... Ќе се запишеме во школо, кој ѓавол, да не не сме способни да дојдеме до тие документи, па не сме глупави... ќе станеме паметни само за да им покажеме, на сите да им покажеме кои сме и што сме, да видат кој е всушност господин, а кој клошар. Ни сега не сме глупави, само што немаме доказ написмено за тоа. Ама еден ден ќе имаме секој свое образование и вистинска работа и добра кола и чесна девојка. Сето тоа би го имале. Ама нашиот свет остануваше ист, проклето ист, го освојувавме со истата црна ќеса врз глава. Понекогаш ќе се повлечевме во себе и дури и ќе престаневме да се дружиме, понекогаш ни се чинеше дека еден на друг сме си лошо друштво. Можеби одвреме-навреме бевме преуморни или ни беше доста од сѐ, затоа за некое време секој заплива во своите води – но никому не му падна на ум навистина да се потруди да заврши некое школо. За тоа едноставно никогаш не постоеше ни време ни шанса. А потоа повторно паѓавме во истата центрифуга. И повторно сѐ беше исто. А веќе бевме повозрасни. Да, Дамјан секогаш имал јајца. Најверојатно уште кога сме се родиле сме биле возрасни. Што знам, преголеми деца и премали возрасни. И пак си велевме дека наскоро засекогаш ќе раскрстиме со старите, истовремено ќе работиме и ќе се школуваме, а после ќе се сефтосаме со добри коли и друштво соодветно на сето тоа. Со колата некако одеше и друштвото, зашто и двете можеш да ги позајмиш, ама со школото не испадна ништо.

И така со Роки повторно сѐ почесто навечер седевме во „Мравка“ и си потпивнувавме пиво. На старите пријатели човек секогаш им се радува и јас бев среќен со Роки. Иако бев неколку години постар од него и тоа, нормално, се познаваше на мене – знаев да бидам многу сериозен ако беше потребно. А и сѐ помалку зборував за работи што немаа врска со реалноста и повеќе сакав да се придржувам до фактите. А Роки беше ист како и секогаш (на некој начин тоа беше фино; постоеше барем некој кој секогаш ме чекаше).

Седејќи така со саати, кога веќе си кажавме сѐ за нашите бивши и кога убаво си се изнасмеавме и на нивна и на наша сметка, Роки пак се врати на школувањето. Сакаше да фантазира кога ќе се налокаше преку мера. Откако меѓу мене и Нела пукна, некако чувствував и знаев дека нема ништо да излезе од школувањето, зашто ако тоа не ми тргна со Нела, очигледно не е можно и точка. И затоа на Роки му реков дека одвај живеам откако работам, да ме остави на мира и нека оди сам во школо ако веќе толку му фали. Потоа рече дека и самиот повеќе би сакал да работи, зашто ќе има повеќе пари, одошто да се школува. Е тоа навистина добро го кажа.



Превод од словенечки: Лидија Димковска
Извор: Сузана Тратник, Се викам Дамјан; Блесок, Скопје, 2018
Слики: Tatiana Saavedra

За авторката
Сузана Тратник е една од најистакнатите современи словенечки писателки. Родена е во 1963 година во Мурска Собота. Дипломирала социологија на Факултетот за општествени науки во Љубљана, а магистрирала антропологија на половите. Прозаистка, преведувачка, публицистка, авторка на научни трудови за лезбиската книжевност, колумнистка и активистка за правата на ЛГБТ-малцинствата. Авторка е на шест збирки раскази: „Под нулата“ (1997), „Во својот двор“ (2003), „Паралели“ (2005) за која ја доби престижната Прешернова награда за литература, „Што никогаш не разбрав во воз“ (2008), „Два света“ (2010) и „Резерват“ (2012); романите „Се викам Дамјан“ (2002 и 2014), „Третиот свет“ (2007) и „Томбола или живот“ (2017), а напиша и монодрама „Се викам Дамјан“ (2002), сценарио за филм според романот „Се викам Дамјан“, како и повеќе стручни и публицистички дела. Нејзините книги и поединечни куси раскази се преведени на повеќе од дваесет јазици ширум светот. Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби. Преведува од англиски на словенечки јазик.

ОкоБоли главаВицФото