Друга приказна #4

04.09.2019 14:21
Друга приказна #4

Од 5 до 8 септември во МКЦ ќе се одржи четвртото издание на скопскиот книжевен фестивал ДРУГА ПРИКАЗНА. Фестивалот е „скопски“ по местото во кое се одржува, но е регионален по својата природа; годинава, на пример, ќе учествуваат и дваесетина гости од регионот, како впрочем и изминатите години. Се разбира, ќе учествуваат и дваесетина македонски писател(к)и.

НА МАРГИНИТЕ е насловот на главната тема на фестивалот. Една од причините за ваквиот наслов е што годинава ја одбележуваме 25-годишнината на списанието за култура, МАРГИНА. Кон јубилејот на „Маргина“ се придружува и друг, за нас не помалку важен јубилеј - 10 години од порталот ОКНО. „Окно“ всушност и настана, на почетокот на 2009 година, како своевидно продолжение (или проширување) на „Маргина“.

Добитник на главната награда на четвртата „Друга приказна“ е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, од Босна и Херцеговина. Величковиќ има комплексен и разгранат книжевен опус (неколку негови книги се преведени и на македонски), но има и големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“. Величковиќ во Скопје ќе одржи и школски час за учениците во гимназијата „Корчагин“ (во четврток, на 05.09., во 12 часот), како и работилница посветена на наставниците и професорите по книжевност, „’Фигури’ на индоктринација“ (петок, 16 часот, и сабота, 10 часот, во МКЦ).

Се разбира, фестивалската тема, „На маргините“, реферира пошироко од книжевноста. Четиридневниот фестивал сакаме да го искористиме и за да разговараме за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. За маргините како трајно засолниште или привремена затеченост (т.е. заточеност, заробеност). За маргините како слобода и како јазичка игра („отстранение“). Итн.

Кредибилитетот на учесниците на фестивалот гарантира продуктивни согледби, споредби, предизвици, продлабочувања... Ќе се обидеме темата да ја расчепкаме и теориски и книжевно, бидејќи меѓу учесниците на фестивалот имаме и теоретичар(к)и и критичар(к)и и писател(к)и.

„Друга приказна“, меѓу другото, сака да биде и забавен и провокативен фестивал, на кој значајно место имаат и други креативни луѓе, не само оние од светот на книжевноста. Та затоа и оваа година ќе имаме и неколку концерти и изложби.

Впрочем, еве ја програмата на фестивал, па повелете!


ДРУГА ПРИКАЗНА #4 ПРОГРАМА

Повеќе за писател(к)ите на фестивалот:

ДРУГА ПРИКАЗНА #4

Од редакцијата на фестивалот: Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ѓоко Здравески, Андреј Јованчевски и Тијана-Ана Спасовска.

Слични содржини

Книжевност / Настан
Општество / Култура / Настан
Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото