Не е само Гренланд - се топи и Сибир

05.09.2019 00:47
Не е само Гренланд - се топи и Сибир

Лабораторискиот помошник го отвори замрзнувачот и извади една пластична кеса. Ја отвори и содржината на кесата ја истури на дрвената маса. Тоа беше отсечена глава на волк. Животното со своите голи очници и пегаво крзно изгледаше дека ќе залае секој момент, но беше старо 32 000 години: сочувано во мразот, 20 метри над земјата, на североистокот на Сибир.

Додека Арктикот и голем дел на Сибир се загреваат најмалку двојно побрзо од остатокот на светот, пермафрост – трајниот мраз исчезува. Чудни работи како оваа со главата на волкот сè почесто се појавуваат на површината на земјата, која и порано имала обичај да исплука цел замрзнат мамаут.

Глава на волк стара 32 000 години досега била длабоко во трајниот мраз

Топењето на трајниот мраз, заедно со останатите промени предизвикани од глобалното загревање, ја преобликува оваа оддалечена област некогаш позната како Кралството на зимата. Ова е едно од најстудените населени места на земјата со огромна површина; да е независна, Јакутија по големина би била осма држава во светот.

Губењето на пермафростот го деформира земјиштето и ги уништува куќите и шталите. Моделите на однесување на животните кои тука ловеле со векови, постојано се менуваат, а речиси секоја пролет се случуваат сериозни поплави.

Водата што веќе ги испрала земјените патишта и труповите ги подигнала од гробовите, се заканува целосно да поплави цели села.

Водата навлегла во гробиштата и ги превртува гробовите

Староседелците се во голема опасност, поголема од кога било претходно. Се чувствуваат сосема беспомошни.
„Се менува сè, луѓето се обидуваат да сфатат како да се прилагодат. Ни треба да се врати студеното време, но наместо тоа станува сè потопло, потопло, потопло“, вели Афанасил В. Кудрин (63), земјоделец од Налимск, село што брои 525 жители.

Климатските промени се глобален феномен, но промените се особено видливи во Русија кадешто трајниот мраз покрива дури две третини од површината на земјата и до километар и половина во длабочина.

„Луѓето не ја согледуваат големината на овие промени, ниту пак владата се занимава со тоа“, истакнува Александар Н. Федоров, заменик директор на Институтот Мелников, истражувачки центар во Јакутија, кој е занимава со трајниот мраз.

Јакутија е близу 20 отсто од Русија , пределите се непрегледни, а сообраќајот многу ограничен. Во оваа област живеат помалку од милион луѓе, а на далечниот североисток кој целосно се наоѓа над Арктичкиот круг, лежи областа Среднеколимск кој е голем колку Грција: Во десетте села живеат само осум илјади жители. Оваа област е синоним за зафрлени далечни краеви. Во 1744 година, времето на царицата Елизабета, првите истакнати политички затвореници биле прогонети во Среднеколимск. Тогаш било потребно една година за да се стигне од Санкт Петербург до Среднеколимск. Во Јакутија постојат два патишта, а едниот од нив го изградиле затворениците од Гулаг и уште не е асфалтиран.

Летото во Среднеколимск некогаш траело од 1 јуни до 1 септември, но сега почнува неколку недели порано и исто толку подоцна и завршува. Јануарските температури порано се движеле околу -59 степени Целзиусови, а сега се околу -46.

Просечната температура на годишно ниво во Јакутск од – 10 степени Целзиусои пораснала на – 7,5 степени, наведува Федоров.

Потоплите зими и подолгите лета полека ја топат замрзнатата земја која покрива 90 отсто од Јакутија. Површинскиот слој кој омекнува преку летото, а потоа повторно замрзнува во зима, сега оди до три метри длабочина, додека порано најголемата длабочина изнесувала помалку од еден метар.

Исто така, земјата е и повлажна. Снегот и дождот формираат изолациски слој кој го забрзува топењето на подлабоките слоеви. Затоа и секој мај доаѓа до поплави.

Ирвасите не само што ги проемниле патеките по кои се движат, туку шумите почнале да ги населуваат непознати видови на инсекти и растенија.

Ловџиите во Налимск, 18 километри северно од Среднеколимск, некогаш рибата ја чувале во складишта на седум метри длабочина во пермафростот кој претставувал еден вид природен замрзнувач. Сега месото гние.

Во селото Берјозовка има поплави секоја пролет и тоа трае цели 10 години. Брои околу 300 жители кои мора да се качат на бродчиња за да не се удават, а Берјозовка е единственото место во кое живеат Евени или Ламути, тунгуско – манџуриски народ, едно од бројните староседелски племиња.

„Се зборуваше за напуштње на селото, но луѓето не сакаат да се иселат. Сè би изгубиле, нивната култура целосно би исчезнала“, вели Октијабрина Р. Новоселтева, претседателка на Здружението на староседелските народи од северот на Среднеколимск.

Октијабрина Р. Новоселтева, претседателка на Здружението на староседелските народи од северот на Среднеколимск

Владата во далечната Москва е апстрактен концепт. Мештаните се препуштени самите на себе.
Дури и на државните организации и институти им недостигаат средства за комплицираната работа на терен, неопходна за да адекватно се одговори на топењето на трајниот мраз. Не можат ни да измерат, на пример, колку метан произведуваат микроорганизмите во стопениот мраз, на тој начин придонесувајќи кон глобалното затоплување.

„Не се спроведува мониторинг па така мора внимателно да набљудуваме и да гледаме што ќе се случи“, вели Јевгениј М. Слепцов, кој управува со областа Среднеколимск.

Додека се топи трајниот мраз, делови на земјиштето тонат и го трансформираат теренот во наизменична редица кратери и брегови – термокарст.

Земјоделците во Јакутија ги замениле кравите со домашни коњи. Тие помалку јадат, но даваат и помалку млеко, а пазарот за коњско месо е ограничен. Кога со копитата не успеваат да продрат низ наслагите снег во потрага по храна, тие умираат.

Николај С. Макарков (55) ѕида нова куќа. Уморен е од реновирање на старата што потонала дури четири пати.

Пред многу години, селскиот пат одел право а по неговата должина се наоѓале голем број штали. Калливата патека исполнета со кратери сега едвај потсетува на тој пат. Напуштените куќи се наведнуваат под чуден агол.
„Како да имало војна“, вели Макарков чија нова куќа е подигната над земјата со столбови закопани во трајниот мраз, барем таму кадешто уште го има во длабочина од пет метри.

„Наскоро во ова село нема да има земјиште на кое ќе може да изградиме куќи. Јас ќе живеам уште триесет или четириесет години и се надевам дека куќата ќе ми потрае уште толку“.

Извор: The New York Times