Португалската илузија

06.09.2019 00:38
Португалската илузија

За Португалија се смета дека е пример за споивост на политиките против штедењето и останувањето во Еврозоната. Меѓутоа, оваа приказна не се вклопува во секојдневното искуство на португалскиот народ. Во текот на 2015 година, Левиот блок и Комунистичката партија на Португалија се согласија да ја поддржат малцинската влада на чело со Социјалистичката партија преку платформата за запирање на политиките на штедење и пренасочување на многу мерки наметнати од ЕУ и ММФ во 2011 година преку програмата за спасување на финансискиот сектор. Коалицијата го укина намалувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, ја запре планираната приватизација и ги зголеми минималните надници значително над инфлацијата. За речиси три години на власт, економијата закрепна и невработеноста падна помалку од половина од претходно достигнатиот максимум.

Оваа приказна во печатот се повторува ad nauseam (во недоглед) ширум светот: како поделената левица ги надмина своите историски разлики за да постигне напреден договор во рамки на строгите ограничувања во Еврозоната. Најпосле, кажано ни е дека левичарската влада ја оствари својата програма против штедењето, нудејќи ѝ надеж на европската левица која сѐ уште е трауматизирана од спектакуларниот неуспех на Сириза во Грција. Како цреша на тортата: додека Европската унија на почетокот само критичарски ја толерираше владата, во Брисел сега ја многу ја фалат затоа што ги зголеми и дури и ги надмина своите фискални цели. Португалскиот министер за финансии Марио Сентено дури е избран за шеф на Еврогрупата.

За многу набљудувачи, Португалија е пример за студија на случај за споивост на политиките против штедењето и европските фискални цели - најсвежиот аргумент против какво било напуштање на Еврозоната. Но, оваа приказна е далеку од секојдневното искуство на португалскиот народ. Под површината на економскиот успех лежи поинаква ситуација.

Против штедењето?

Едно од често цитираните достигнувања на коалициската влада е намалувањето на јавниот дефицит на историски минимум - од 3 проценти од БДП во 2015 (4,4 проценти ако се земе предвид спасувањето на приватната банка Баниф) на 0,9 проценти во 2017 година (или 3 проценти ако се вклучи докапитализацијата на ЦГД банката во јавна сопственост). Истовремено, економијата расте од 1,6 проценти во 2016 на 2,7 проценти во 2017 година. Повеќето коментатори го поврзаа овој впечатлив рекорд со зголемување на домашната потрошувачка поттикната од запирањето и пресвртот во намалувањето на платите и пензиите. Овие мерки го поттикнаа економскиот раст, а покрај тоа ги зголемуваат даночните приходи и ги намалуваат социјалните издатоци на ставки како што е осигурувањето за невработените.

Неспорно е дека таквото економско закрепнување во последниве две години одигра централна улога во порастот на даночните приходи. Но, надвор од планираните пресврти за намалување на платите и пензиите, тоа не се претвори во повеќе инвестиции во јавниот сектор. Впрочем, јавната потрошувачка беше една од клучните слепи точки на договорот на владината коалиција. Португалија има најнизок удел на инвестиции во јавниот сектор во БДП во цела Европска унија. Тие паднаа од 2,2 проценчти од БДП во 2015 година, на 1,5 проценти во 2016 година, пред да достигнат 1,8 проценти во 2017 година. Според последните податоци на Еуростат (за 2016 година), и покрај растот на платите, потрошувачката за јавните услуги остана на истото рекордно ниско ниво за време на ЕУ-ММФ програмите за спасување на финансискиот сектор. Трошоците за јавното здравство впрочем беа поголеми во претходната десничарска влада и паднаа на 5,9 проценти од БДП во 2016 година од највисокото ниво од 6,9 проценти во 2009 година.

Додека студентската популација опадна, намалена е и потрошувачката во образованието, на 4,9 проценти од БДП (пад од 0,2 проценти). Јавните услуги останаа предмет на нормативите за штедење, продолжувајќи да бидат хронично без доволно луѓе и недоволен буџет. Значајно е што немаше нови намалувања на јавната потрошувачка кога десничарската изборна кампања драматично го заговараше тоа. Меѓутоа, тешко е да се утврди каков било агрегатен скок на јавната потрошувачка кој би можел да го води економскиот раст, дури ако при пресметката се вклучат повисоките плати и пензиите. Третиот, најважен фактор за намалување на дефицитот, кој подеднакво влијае на јавните (и приватни) финансии, е ненадејната промена на меѓународните финансиски услови за португалската економија. Оваа промена се должи на програмата за квантитативно опуштање на Европската централна банка (ЕЦБ) за купување обврзници, достапни само на државите кои им се покоруваат на правилата на Еврозоната, и на последичниот пад на каматните стапки (достигнувајќи ги негативните нивоа за краткорочна емисија на јавниот долг) и сервисирање на јавниот долг во износ од 126 проценти од БДП.

Според Еуростат, каматата што ја плаќа владата падна од 4,6 проценти од БДП во 2015 година на 3,9 проценти во 2017 година. Подеднакво важно, на приходната страна, 25-те милијарди евра обврзници јавен долг откупени од Банката на Португалија преку политиката за квантитативно опуштање значат дека каматата платена за овие обврзници се враќа во Трезорот на Банката на Португалија во форма на дивиденда (525 милиони евра во 2017 година, што е речиси 0,3 проценти од БДП). Значи, намалувањето на фискалниот дефицит може да се објасни со комбинација на растот на даночните приходи, финансиските загуби и ограничувањата на јавната потрошувачка.

Економското закрепнување

Исто така, важно е да се разбере зошто стапката на невработеност од претходниот врв падна од речиси 17 проценти во 2013 година на сегашните 8 проценти. Оставајќи ја настрана улогата на емиграцијата (податоците за нето миграцијата покажуваат дека повеќе луѓе си одат отколку што доаѓаат), пониската невработеност главно е исход на новите работни места во работно интензивните услуги како што се малопродажбата, хотелите и рестораните. Овие услуги растеа заради растот на домашната потрошувачка. Поробустните плати и пензии можеби исто така одиграа улога, заедно со падот на каматните отплати кои мораат да ги подмират многу задолжените португалски домаќинства. Меѓутоа, туризмот кој расте со 10 проценти годишно, според податоците на Националниот статистички институт, е главниот мотор на португалскиот економски раст. Политичките превирања во регионите кои ѝ се конкуренција на Португалија - како што се Северна Африка и Блискиот исток - потоа порастот на евтиниот авионски превоз и фалбаџиството во меѓународниот печат доведоа голем број туристи во Португалија, на тој начин трансформирајќи ги главните урбани центри Лисабон и Порто.

Овој туристички бум, пак, доведе до незауздани шпекулации со недвижностите. Заедно со Airbnb-изацијата која ја водат локалните сопственици (годишен раст од 60 проценти во 2017 година), странските фондови за шпекулација го зголемија прометот со недвижностите во градските центри (во 2017 година нерезидентите како купувачи имаа 80 проценти од продажбата на комерцијални недвижности). Тоа ја зголеми цената на домувањето и ги натера локалните жители кон предградијата. Иако овие промени се концентрирани во туристичките дестинации во Порто, Лисабон и јужниот регион Алгарве, просечните цени на куќите пораснаа за 27 проценти во реален износ, од второто тромесечје на 2013 година до крајот на 2017 година, според податоците на Банката на Португалија. Затоа, недвижностите и градежништвото треба да се сметаат за извори на неодамнешниот економски раст.

Вработувањето во овие сектори е прекарно, лошо платено и дефинирано со високата флуктуација на вработените. Помеѓу 2013 и крајот на 2017 година потпишани се 3,8 милиони нови договори за работа, од кои 2,6 милиони се прекинати во истиот период. Само околу една третина од овие договори се постојани, а преостанатите две третини се или атипични (на пример, работењето во агенции) или договори на одредено време. Дури и со повисока минимална заработка, овие работни места имаат плати кои се значително пониски од националниот просек. Според португалската Portuguese Observatório das Crises e das Alternativas, просечната месечна плата според новите трајни договори се намали од 961 евро кон средината на 2014 година на 837 евра кон крајот на 2017 година. Растот во овие прекарни, слабо платени сектори делумно ја објаснува оваа ситуација.

Но, така е и заради актуелното спротивставување на владата да ги прекине неолибералните реформи на пазарот на трудот наметнати во 2012 година, кои ги нападнаа сите аспекти на работничките права (разновидните видови договори, работното време, исплатите за прекувремена работа, празниците, колективното преговарање итн.). Сегашното закрепнување и реструтурирањето на португалската економија се фокусирани на секторите со ниска продуктивност, кои се изложени на прекаријатот и малата потреба за нови инвестиции. Агрегатните (јавни и приватни) инвестиции остануваат на ниско ниво; тие се проектирани на 16,1 процент од БДП за 2017 година, што сѐ уште е значително под нивото од периодот пред Големата рецесија од 2008 година, кога изнесуваа 22,8 проценти. Иако имаше неодамнешно закрепнување, приватните инвестиции сѐ уште се 11 проценти под просекот од 2005-2008. Се чини дека тоа нема да се промени во догледно време, зашто португалскиот банкарски сектор сѐ уште е во ризична позиција.

Што понатаму?

Тешко е да се предвиди што ќе се случува понатаму со португалската економија. Таа имаше корист од комбинацијата на благото економско закрепнување во Европа и неконвенционалните политики за квантитативно опуштање. Впрочем, значењето на поволното опкружување е нагласено со речиси идентичните макроекономски резултати во соседна Шпанија. Нивната десничарска влада имаше слично моќен економски раст, пад на невработеноста, зголемување на минималната заработувачка и континуирано почитување на фискалните цели во Еврозоната. Таквата единствена комбинација тешко ќе се одржи во иднина. Или европската економија закрепнува и Европската централна банка ги повлекува своите мерки за квантитативно опуштање (тоа веќе се случува постепено), што води кон повисоки каматни стапки, помал влез на капитал во португалските недвижнини и поголем финансиски притисок на многу задолжената економија; или европската економија се заморува, а тоа ја лишува Португалија за еден од главните двигатели на растот.

Во меѓувреме, ако растат цените на нафтата и ако закрепне туризмот кај конкурентите како што се Египет, Тунис и Турција, билансот на тековниот буџет ќе биде во опасност. Меѓутоа, ако останат постоечките услови и кредитите на домашните банки продолжат со својот предкризен наплив во домаќинствата и компаниите, сегашниот пораст на цените на недвижностите може да продолжи. Тоа дополнително ќе го зголеми моменталниот балон, ќе ги одржи растот и вработувањата и на Португалија ќе ѝ овозможи подолг период на очигледен просперитет. Во двата случаи, португалската економија стои на нестабилно тло, повторно зависна од странските финансиски текови и сѐ уште има едно од најголемите светски нивоа на задолженост (јавна и приватна). Ако во блиска иднина не се преземе некаква промена кај политиките, новата финансиска криза ќе биде само прашање на време.

На домашен план, општествените и политичките тензии предизвикани од неурамнотежената природа на економското закрепнување предизвикаа работнички борби и штрајкови во јавните служби (особено во здравството и образованието) и приватниот сектор (автомобилската индустрија, транспортот, малопродажбата). Сепак, тоа имаше мало влијание врз политичкото опкружување. Португалското економско закрепнување можеби се одигрува на лизгав терен, но тоа не ја спречи актуелната влада на Социјалистичката партија да се појави на изборите. Нејзината проевропска реторика против штедењето и натаму не се соочува со кредибилен домашен политички предизвикувач. Во меѓувреме, левиот блок и Комунистичката партија се заслужни за запирањето на понатамошното штедење, на тој начин одржувајќи ја изборната поддршка. Меѓутоа, бидејќи ги исцрпија условите од првобитниот договор со социјалистите, овие партии се соочуваат со тешки времиња во арената на економската политика.

Иако сѐ повеќе стануваа критични во однос на владината фискална политика, ако ја повлечат својата парламентарна поддршка, тоа веднаш би предизвикало предвремени избори. Имајќи го предвид високиот владин рејтинг и заканата (реална) десницата да се врати на власт, овие партии сигурно би платиле висока цена на изборите за еден таков потег. Стратешки гледано, и покрај својот евроскептицизам, поддршката на овие партии за сегашната влада ги доведе до тоа да бидат помалку гласни во поглед на политиката за одбивање на долгот и потенцијално напуштање на еврото. Во контекстот во кој таквите предлози се чинат помалку прифатливи, просторот за политички пресврт кој ни е потребен е сѐ помал. Се чини дека кој било радикален предизвик на статус квото веројатно повеќе ќе биде резултат на она што се случува во другите европски земји отколку на политичката мобилизација во Португалија.

Извор: https://jacobinmag.com