Освестување за состојбата на човековите права

07.09.2019 10:37
Освестување за состојбата на човековите права

Сиот свет е во распад, а движењето за човекови права во голема мерка е виновно за тоа. Таа бизарна критика, популарна кај диктаторите и криминалците, си зазема место дури и кај некои поддржувачи на правата кои се вчудоневидени од нападот врз либералните вредности што ја дефинира нашата ера. Откако се докажа дека застапувањето за човекови права не може да ја запре негативната плима, изјавите што ги слушаме се дека застапувањето е во „криза“, дека е „неуспешно“ и дека „му се ближи крајот“. Американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна формираше панел што би требало да понуди „свежо размислување за дискурсот на човековите права“, но тој најверојатно ќе ја влоши родовата еднаквост и репродуктивните слободи.

Јасно е дека активистите за права мора да станат поефективни. Но, тие не треба да негуваат илузија дека движењето за човекови права може да ја спаси планетата само по себе.

Голем број критики беа упатени кон дискурсот за човекови права, но три од нив се истакнуваат. Веројатно најчестата е тоа што борците за правата не презедоа доволно активности за решавање на економската нееднаквост. Всушност, во текот на изминатите четири децении, меѓународното движење за човекови права се развиваше паралелно со неверојатните разлики во имотните статуси на населението.

Втора причина за загриженост е прекумерната легализација. Нормите и стандардите не можат да помогнат ако не се имплементираат во реалниот живот. Поволна судска пресуда на која активистите се радуваат честопати е само почеток на долга борба за извршување на истата. И прекумерното фокусирање на законските тужби направи движењето да ги занемари основните морални вредности за кои многумина се борат.

Како последно, критичарите тврдат дека прекумерното потпирање на законите довело до тоа да се превидат луѓето. Од оваа гледна точка, бранителите на правата посветија толку многу време подготвувајќи аргументи за судовите и законодавството, што не успеаа соодветно да се консултираат, а камоли успешно да соработуваат со жртвите, преживеаните, членовите на семејството и други во чие име тие тврдат дека се залагаат.

Овие стратешки неуспеси им овозможија на авторитарните лидери да ги прикажат борците за права како непријателска елита. Во оваа насока, унгарскиот премиер Виктор Орбан ги повика своите сограѓани „да ги отфрлат лажните граѓански активисти […] кои сакаат да ни кажуваат како да живееме и со кого, како да зборуваме и како да ги воспитуваме нашите деца“.

Сепак, критиките содржат многу вистина и тие водат до јасни чекори за подобрување. Мора да посветиме поголемо внимание на економското страдање. Мора одново да научиме како да не зборуваме толку многу како адвокати, туку повеќе да зборуваме како луѓе. И мора да соработуваме со групи на истомисленици што не се идентификуваат како бранители на правата, но чии придонеси, без оглед дали тие се преку наука, технологија, економија или уметност, можат да ја подигнат свеста за правата.

За среќа, некои организации за права слушаат. „Амнести интернешнл“ сега има за цел да го зголеми своето членство на 25 милиони, со фокус на младите, додека „Хјуман рајтс воч“ има намера поблиску да соработува со активисти од Азија, Африка, Јужна Америка и Карибите.

Овие предложени реформи несомнено ќе помогнат. Но, тие нема да бидат доволни сами по себе да се спречат нападите од мнозинството.

Ние кои сме дел од движењето за човекови права мора да бидеме реални во врска со нашата карактеристична, но сепак ограничена улога во придвижувањето на промените во размер што е потребен за да се соочиме со сегашната авторитарна закана. Застапниците за правата имаат постигнато многу, и ќе постигнеме уште повеќе. Но, за да се спречи реакционерската политика ширум светот не е доволен само активизам за права, туку и подлабок ангажман во политичката дебата и изборите. Ова е задача не само за движењето за правата, туку за сите.

Иако влијанието на застапувањето за правата не може да се мери во монетарна смисла, разликите помеѓу износите потрошени за тоа и политичките кампањи кажуваат многу. Иако годишното филантропско финансирање за „човекови права и социјална правда“ се зголеми во светот во последните години, тоа и натаму е под 3 милијарди американски долари. Тоа е помалку од половина од трошоците за парламентарните избори во Индија во 2019 година и 50 отсто од сумата потрошена од кандидатите на претседателските и конгресните избори во 2016 година во САД.

Групите за човекови права мора да ја признаат сопствената одговорност за поттикнување на прекумерни очекувања за тоа што може да се постигне со застапувањето - без оглед дали причината за тоа била собирање средства или поради неоправдано чувство за морална чистота или поврзаната желба да се издигнат над валканите игри на политиката.

Меѓутоа, дури и покрај преовладувачкиот мрак, политичкото организирање и изборите водат кон позитивни промени. Ерменија, Етиопија, Гамбија и Малезија минаа низ напредни изборни транзиции во изминатите три години, додека популистите претрпеа неуспеси на среднорочните избори во 2018 година во САД и во Индонезија. Овие исходи се должат на теми како што се корупцијата, климатските промени, сиромаштијата, #MeToo и други кои се однесуваат на човековите права и пошироко. Иако организациите за права придонесоа за овие победи, истото го сторија и политичките партии, синдикатите, женските коалиции, еколозите и професионалните здруженија.

Како што укажуваат овие придобивки, битката против нелибералниот популизам на крајот ќе се добие во арените на политиката и моќта, одн. во гласачките кабини, законодавните канцеларии, медиумите и улиците. Аргументите за правата во некои ситуации ќе бидат клучни, но не секаде и не секогаш.

Ова значи дека во секој случај треба да ги славиме бројните достигнувања на застапувањето за човекови права и да дадема заложба за зголемени напори. Истовремено, не треба да го насамаруваме движењето за човековите права со целиот товар на трансформирање на светот.

Џејмс А. Голдстон е Извршен директор на Иницијативата за правда на Отвореното општество.

Слики: Raoul Deal, Julio Salgado, Erik Ruin

Извор: Project Syndicate

 

Слични содржини

Активизам / Култура / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Балкан

ОкоБоли главаВицФото