За европејцките работи

03.11.2010 11:17
8[1].jpg

Претходниве неколку дена на лагер за гледање дома ми беа неколку документарци од прочуениот Дејвид Ајк (David Icke), таткото на сите модерни теории на заговор (или пренесено од британските писанија за него, The Roseta Stone of Conspiracy). Гледањето на говорите и интервјуата на Ајк мора да признам дека е мошне забавно: темите се разнолични, неговите теории провокативни, блика мистицизам и обиди за негово раскринкување, јазикот едноставен и навидум дава одговори на сè што би ве интересирало. Една од неговите омилени теми е Европската Унија (ЕУ). Накусо пренесено, неговите ставови за ЕУ гравитираат околу тоа дека ЕУ како заедница и евроинтеграциските процеси како стратегија за нејзино растење, се засновуваат врз принципот на централизација на одлучувањето и зголемувањето на моќта на центрите за одлучување. Моќта на европско тло, според него, треба да се пренесе во рацете на помала група страшно моќни поединци и да се воспостави олигополија, односно владеење на неколкумина. Сè е тоа дел од големата стратегија за довршување на Новиот светски поредок, воден од само неколку супер држави, САД, ЕУ и сл., кои ќе имаат ист центар на контрола.

Каков и да имате став кон оние мета и гранд теории на овој автор, останува впечатокот дека тие се од интелектуален ранг на Ден Браун (Dan Brown), односно експлоатираат одредени потреби на публиката за мистицизам како некаков супститут или компензација за големата слика, која, во ова постомодерно доба на дробење на сите големи теории и идеологии, ни недостига. Дејвид Ајк, како и „Кодот на Да Винчи“, оперираат токму на тоа рамниште, пополнување на дупките на современиот поединец на полето на содржината, во време на доминација на формите: каде оди конзумеризмов, до кога клонови на Мадона од типот на Лејди Гага ќе доминираат со популарната култура, кои се конечните ефекти од глобализацијата, и сл. Ја лепат нашата фрагментирана реалност, за тоа што ние ја загубивме способноста сами да го правиме тоа.

Целото ова „дружење“ со Ајка ме наведе на реалностите околу недостатокот од здрав критички дух во Македонија кон ЕУ и проектот за евроинтегрирање. Тој за нас маглив критички дух, секако не треба да резултира во градење алтернативи за ЕУ (а во овој тековниов свет алтернативи за ЕУ се Иран, Русија, арапскиот свет и Кина), туку да ни помогне во консолидирањето на сопствените ставови, а тие да ни се најдат во одбраната на нашите интереси. Вистина е дека ние немаме рационален критички однос кон евроцентризмот, тој кај нас, како и комунизмот, егзистира догматски: се држиме за ЕУ како слепи за стап. ЕУ како популарна дискотека, сите таму, па ајде и ние, забавно било. Што би требало да биде манифестација на тој критички дух? Еве, на пример, треба да им објасниме на Европејците дека корупцијата не е етички туку системски проблем во Македонија: сè додека економијата не стане нормална, корупцијата нема да се намали, тоа е тоа. Треба да и’ се објасни дека децентрализацијата не можат да ја извршуваат такви централизирани политички субјекти какви што се нашите партии. Не може да се реформира администрација, ако не се реформираат партиите кои ја контролираат администрацијата, и така редум.

Во смисла на критиките на сметка на ЕУ, на политичката и интелектуалната сцена кај нас доминираат ала Ден Браун мистичари во некакво квази-журналистичко, пара-интелектуално глодење на тема ЕУ, заговор, историски неправди, непреболи, враќање на Букурешти, плукање по претставниците и чиновниците на ЕУ, итн. Она што доминира во книжарниците, лесната литература и трендовските бестселери, доминира и со нашиот „пара-интелектуализам“. Се разбира, Македонија може да понуди многу повеќе на овој план, да ги согледа пропустите на ЕУ, да и’ ги укаже а со тоа и да ги надминеме тие проблеми и да го забрзаме процесот и на интегрирање, но и да го зајакнеме одржливиот и постојан развој на земјата. Не сме мали, за да на тој начин се договараме и разговараме со ЕУ, случајот на Словенија и нејзината интелектуална сцена треба да биде доказ за тоа (види само писанијата на Mitja Velikonja). А Европа често и греши, само нема кој да и’ го каже тоа аргументирано од наша страна.

Проблемот секако е и тоа што секоја критика на сметка на ЕУ и нејзините политики, пракси и проекти во земјата и регионот, бргу се апсорбираат од оние кои кај нас го држат монополот на евроскептицизмот (кој нема ни храброст да се претстави себеси како анти-европеизам, затоа што не може да понуди ништо алтернативно) и го прелеваат во некаков ирационален патриотизам или национализам. Самата неможност или тешкотилак во тоа да ја критикувате ЕУ а да не го храните домашниот етно-центризам и национализам доволно кажува во каков дуалистичка дупка сме заглавени и тоа преку гуша.

Проблемот со ваквиот дуализам е што во него не можете да ги изградите компромисите, нема никаква продуктивна дијалектика, нема комуникација: ние добиваме директиви за реформи, ги исполнуваме како ученичиња, добиваме оценки и тоа е тоа. Со други зборови, ние немаме сопствено Јас пред Европа. Тоа што немаме изградено Јас и не доведе до ова дереџе: строгата и супер-рационална ЕУ не третира толку колку што завреднуваме во нејзините тестови во испитните сесии наречени годишни извештаи. Надвор од тие тестови ние немаме свој идентитет пред Европа, едноставно не успеавме да го изградиме. Непостоењето на таква позиција во овој наш дијалог со ЕУ ги доведе до таква фрустрација сегашниве наши водачи, па наместо дијалог тие, внимавајте, почнаа да и држат лекции на Европа за морал, дволичност, принципи, да ги потценуваат по колумни нејзините знаменосци, како што впрочем тоа го прават за политичките соперници. И додека тие се дефрустрираат кон Европа, ние граѓаните (ќе) го јадеме стапот. Не случајно ни стигнаа Европејците кои треба да нè предупредат дека неколкуте стотици азиланти можат да ни го вратат визниот режим, годишните ЕУ оценки во индексот ќе ни бидат многу послаби, развојните фондови ќе се скусат затоа што ние не ни знаеме да ги бараме и сл. Џабе ќе ни биде и нововостоличената манекенка на ЗЕЛС во Брисел, тоа безбели.

Губењето на битките за идентитетот и сопственото Јас, како и отворањето на таа борба започна таму, и само се проектираа на регионален и локален план каде што многу поригидните комшии начекаа шанса да ги наметнат своите интереси. Другите ќе ве нападнат за нешто само ако почувствуваат дека токму во тоа сте меки. А Европа вели: решете си сами, не се мешаме, што беше погубно во ситуација кога ние сами не можеме „да ги победиме комшиите“, што и да значи тоа за нас.

Сума сумарум, наместо евроинтеграциски дијалог со ЕУ, првин паднавме на рангот на туторство, па на диктат, па еве сега на „учење на далечина“. Ах, може само носталгично да се присетуваме на времињата кога Европа „нè мразеше“. Барем нè третираа како луѓе достојни за мразење, чувствуваш дека имаш некоја вредност. Вака добивме однос на индиферентност, не нè сефтосуваат за релевантни или важни на каков било план, сè додека ние самите не направиме нешто за себе си. А тоа е најтешкиот дел, да направиме нешто за себе.

Слики: Марк Буркхард

ОкоБоли главаВицФото