Со ребалансот на буџетот се кратат 14 милиони евра за образование

07.09.2019 12:49
14 милиони евра помалку за образование – Ребалансот крати од инвестициите во училишта и високото образование

843 милиони денари (13,7 милиони евра) помалку за Министерството за образование и наука предвидува предложениот ребаланс на Буџетот за 2019 година, кој беше усвоен од Владата на почетоков од неделава.

Со ребалансот се предвидува вкупните расходи на Министерството за образование и наука да се намалат од првично предвидените 26,1 милијарди на нешто под 25,3 милијарди денари. Тоа е трето најголемо кратење од сите институции кои се финансираат преку Буџетот. Поголеми кратења се предвидени само кај Министерството за транспорт и врски (2,15 милијарди денари помалку) и кај ставката од Министерството за финансии – Функции на државата (намалување од 1,64 милијарди денари).

Во целосна сума, најголемо кратење има во високо образование – 329 милиони денари, па следува ставката „инвестиции во образованието“ – 218 милиони денари и ставката основно образование – 147 милиони денари помалку.

Големо намалување има и во буџетските средства наменети за „интеграција во ЕУ“, каде се предвидуваат 107 милиони денари помалку од првично планираните, 67 милиони денари се кратат во средното образование, 60 милиони денари помалку има за администрација, а 46 милиони денари помалку за наука (најголемиот дел од нив поради тоа што целосно се кратат средствата предвидени за проектот за превод на книги од реномирани автори).

Ребалансот предвидува зголемување на буџетските средства во две ставки. Дополнителни 70 милиони денари се предвидуваат за студентски стандард и 61 милион денари повеќе за „децентрализација“.

Високото образование во ребалансот „настрада“ најмногу поради средствата предвидени за Универзитетот „Мајка Тереза“ и парите наменети за изградба на двата факултети во кампусот на УКИМ. „Мајка Тереза“ ќе добие скоро 2,5 милиони евра помалку од предвидените, додека парите наменети за изградба на „барокните“ згради на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се скратени за скоро 1,9 милиони евра.

Како што образложи премиерот Зоран Заев, при презентација на предложениот ребаланс на буџетот, кратењето кај доизградбата на зградите на двата факултети на УКИМ било поради банкротирањето на компанијата која ги изведувала работите, по што бил поништен тендерот и распишан повторно.

Од буџетската ставка „инвестиции во образованието“ најголемо кратење од дури 100 милиони денари има кај изградба и реконструкцијата на студентските домови. Ова ќе биде дури трета последователна година како властите драстично потфрлаат во буџетските планирања за изградба и реконструкција на студентските домови. 70 милиони денари помалку има за изградба на основни училишта, а 20 милиони денари помалку се предвидуваат за изградба и реконструкција на средни училишта. Намалување од 25 милиони денари има во ставката за реконструкција на ученички домови.

Бирото за развој на образованието е предвидено да добие 18 милиони денари помалку. Најголемиот дел од средствата се кратат од ставката „професионален развој на воспитно образовниот кадар во основното и средното образование“, како и од ставката „педагошка евиденција и документација“. Државниот просветен инспекторат е предвидено да добие 2,5 милиони денари помалку од првичниот буџет на институцијата.

Агенцијата за млади и спорт со предложениот ребаланс на буџетот ќе добие 41,5 милиони денари помалку. Скоро целосно овие средства отпаѓаат на кратење во ставката спортски објекти, додека ставката „млади“ останува на исто ниво со првично предвидениот буџет – 24,7 милиони денари.

Со предложениот ребаланс на буџетот приходите и расходите се намалени за идентично ниво – по 300 милиони денари. Најголемо кратење во предлог ребалансот има кај капиталните расходи – 3,28 милијарди денари, додека се зголемуваат средствата наменети за субвенции и трансфери, за скоро 3 милијарди денари и средствата за социјални трансфери за 1,2 милијарди денари.

При образлагањето на предложениот ребаланс на Буџетот за 2019 година, премиерот Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска најавија мерка за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на вработените, за која се предвидени 400 милиони денари.

Двајцата, коментирајќи го ребалансот, истакнаа дека тој се прави за Буџетот да биде во функција на раст на економијата и прераспределување на повеќе пари кај граѓаните и компаниите.

Извор: Радио МОФ

 

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Балкан

ОкоБоли главаВицФото