Овде паѓаат крупни зборови #4

08.09.2019 17:12
Овде паѓаат крупни зборови #4

 

На 6 септември, петок, во рамки на четвртото издание на книжевниот фестивал Друга приказна, во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа „Овде паѓаат крупни зборови“ - натпревар со „едноминутни новели“.

Во натпреварот (помеѓу учесниците популарно наречен „фајт“) дваесет писатели од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Косово, Бугарија, Словенија и Македонија си ги одмерија своите креативни сили пред петочлено жири составено од познавачи на книжевноста и перформативната уметност: Никола Гелевски, Искра Гешоска, Магдалена Хорват, Оливера Ќорвезироска и Синоличка Трпкова.

Фестивалот Друга приказна е најпрепознатлив токму по овој настан кој е ретка прилика да се видат на куп најпознатите и најпопуларните имиња на домашната и регионалната книжевна сцена, во динамична, енергетски набиена атмосфера. Тие на отворена сцена во пет елиминациони круга читаа или импровизираа свои кратки дела (раскази, песни), кои потоа беа оценувани (со оцени од 1 до 5) од жирито. Настанот беше исполнет со драма, неизвесност и пресврти кои до последен миг го држеа вниманието на бројната публика што со силни аплаузи и навивања ги охрабруваше натпреварувачите. За одличната атмосфера, со својот професионален, лежерен и духовит пристап, придонесоа и водителите Ѓоко Здравески и Драган Протиќ-Прота.

На натпреварот учестуваа следниве писатели: Ненад Величковиќ, Лана Басташиќ, Андреј Блатник, Сузана Тратник, Ѕвездан Георгиевски, Луиза Бухарова, Владимир Лукаш, Ана Марија Грбиќ, Дејан Алексиќ, Ненад Јолдески, Билјана Црвенковска, Живко Грозданоски, Тристан Халилај, Нора Ислами, Иван Димитров, Саша Станишиќ, Гето Руди, Горазд Кени Китановски, Тихомир Диковски и Линдита Кадриу.

По повеќе од два часа читачки двобои во финалето се пласираа Ненад Величковиќ, кој, воедно, е и овогодинешниот лауреат на фестивалот и Лана Басташиќ, која моментално е помеѓу најпопуларните млади книжевни имиња во регионот. Со само неколку бода разлика, Лана Басташиќ, која континуирано добиваше високи оцени од жирито, ја однесе и победата на натпреварот.

Идејата на настанот е да внесе нова, подинамична димензија во класичниот концепт на поетско читање и преку игра и пријателско натпреварување да ги поттикне креативните уметнички експерименти, да ја актуелизира, разбуричка и оживее книжевната продукција и да ја преиспита и поттикне релацијата автор-дело-публика.

Програмата на целиот фестивал, кој завршува вечерва, можете да ја видите тука.



 

ОкоБоли главаВицФото