Мицкоски го промени ставот за предметите на СЈО – сега не сака тие да одат во ЈО

08.09.2019 23:24
Мицкоски го промени ставот за предметите на СЈО – сега не сака тие да одат во ЈО

Лидерот на главната опозициона партија, Христјан Мицкоски, во обраќање пред своите сопартијци изкажа став што го оценуваме како недоследен:

…Oвие денови гледаме активно сценарио и вложување на огромна енергија на забоштување и прикривање на доказите за криминал на власта.

Вчудоневидени за страста за работа на Катица Јанева па макар и прекувремено гледаме писмо каде таа наредува случаите да се предадат на работа кај Рускоска обвинителството. Со други зборови, да се чуваат на посигурно за да се задржат конците за политички притисок врз опозицијата. Значи, од еден сеф на СДСМ во друг сеф на СДСМ. А, пустите така мислат дека ќе не исплашат. Но и за ова се лажат…

[ИЗВОР: ВМРО-ДПМНЕ/веб/говор на Мицкоски – датум: 05.09.2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, во обраќање по повод независноста на државата, пред своите сопартијци изрази несогласување со можноста за враќање на сите предмети од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во Јавното обвинителство (ЈО), актуелност наметната и со писмото од притвор на досегашната специјална обвинителка Катица Јанева и со правната празнина што би можела да настане по 15 септември, па и порано, ако Јанева биде разрешена од Собранието и од Советот на јавни обвинители.

Мицкоски во својот најнов став тврди дека и писмото и евентуалниот трансфер за кој што, во моментот додека е пишуван овој текст, е сè поизвесно дека ќе се случи, е со мотив предметите да се чуваат на посигурно за да се задржат конците за политички притисок врз опозицијата.

Овој став на лидерот на опозициската партија е чуден и недоследен поради досегашното залагање на ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку месеци, колку што се водат преговори со власта за новиот закон за Јавно обвинителство. Тие залагања на ВМРО-ДПМНЕ одеа токму во насока предметите од СЈО да се префрлат во државното ЈО, обвинителите да се вратат во матичните обивнителства, а потоа ЈО да решава кое обвинителство ќе продолжи да го застапува обвинението по кое веќе се води постапка пред Кривичниот суд во Скопје.

Еве што изјави Mицкоски на 24 јули во кратко интервју за ТВ Сител:

Сега доаѓаме до она што е прифатливо и што ќе биде дел од нашиот предлог: Сите предмети кои што се практично покренати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017 г. – тоа е законскиот рок кога овластениот тужител СЈО ги покренало – државниот јавен обвинител да ги преземе, а не обвинителот кој што треба да го предводи новото обвинителство за органзиран криминал и висока корупција, туку државниот обивнител да ги преземе во фаза во која што се и согласно препораките на експертската јавност – еве гледате во случајот професорот Калајџиев – тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат…

Овој став на Мицкоски тогаш го оценивме како спин, зашто сосема е јасно дека со таквата постапка, која тој ја правдаше дека имала правно-процесна тежина и аргументација, постапките би се одолговлекле. Имено, според ЗКП секое назначување нов обвинител или обвинителство надлежно во постапка бара изјаснување на страните во судскиот процес за тоа дали е прифатливо или не да се продолжи со веќе изведените процесни дејства во судницата или да се започне одново. Дополнително, во членовите 371 и 372 од Законот за кривична постапка е наведено дека ако главната расправа е прекината на 90 дена, мора да има наново изведување на докази или, пак, дека главната расправа по прекинот мора да продолжи пред истиот судија што дотогаш ја водел, итн.

Сè се ова причини поради кои може да дојде до застој во постапките што се водат пред судовите и застарување на одредени кривични дела, иако во самите членови што ги цитиравме и во други има и заштитни механизми што може да ги примени судијата откако ќе ги сослуша странките во постапката.

Но, ова е друг проблем со кој допрва ќе се соочуваат и власта и опозицијата. Факт е дека Мицкоски го смени ставот искажан во јули и сега индиректно е против префрлањето на предметите во ЈО на РСМ, оценувајќи дека станува збор за „Русковска обвинителство“ и „сеф на СДСМ“.

Поради тоа, изјавата на Мицкоски во обраќањето во врска со можноста за префрлање на предметите на СЈО, ја оценуваме како недоследна.

ИЗВОРИ:
ВМРО-ДПМНЕ: Мора да се стави крај на егзодусот… – [Проверено на 06.09.2019]
ТВ Сител: Интервју со Христијан Мицкоски –[Проверено на 06.09.2019]
Акт.мк: Закон за кривична постапка/интегрален текст – [Проверено на 06.09.2019]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер