Зошто е важна носталгијата? Емоциите и политичката субјективност после социјализмот

09.09.2019 02:40
Зошто е важна носталгијата? Емоциите и политичката субјективност после социјализмот

Последното предавање од првата предавачка недела го одржа д-р Тања Петровиќ, научна советничка на Институтот за студии по култура и сеќавање на Научно-истражувачкиот центар на Словенската академија на науките и уметностите во Љубљана. Ја интересираат јазичните, општествените и културните процеси во социјалистичка Југославија и постјугословенските општества. Авторка е и уредничка на неколку книги од кои понови се Јуропа: југословенското наследство и политиките на иднината во пост-југословенските општества (2012), Mirroring Europe: Ideas of Europe in Europeanization in Balkan Societies (2014), Србија и нејзиниот југ: јужњачките дијалекти помеѓу јазикот, културата и политиката (2015), Made in YU 2015 (2016).

Во историјата на истражувањето на емоциите носталгијата е релативно млад и модерен концепт кој првпат се појавува во 17 век во дисертацијата на швајцарскиот лекар Јоханес Хофер кој страдањето за домот на швајцарските војници го опишал како болест. Генерално, носталгијата долго време се сфаќала како тага по изгубениот дом, но во денешно време таа не се посматра првенствено како страдање за просторот кој сме го напуштиле, туку како жалење за времето кое поминало неповратно. Таквиот вид носталгија, истакна Тања Петровиќ, денес мошне често се карактеризира како ирационално. Носталгијата за минатото време ја стави во контекст на конкретен политички, општествен, географски и историски контекст на европскиот постсоцијализам и рече дека токму во тој контекст таа се посматра како исклучително непожелен и несоодветен поим. Заради негативниот однос кон поимите како што е југоносталгијата, со текот на времето се разви и терминот југосфера. Тоа е концепт според кој народите од поранешна Југославија би требало да бидат насочени едни кон други, користејќи ги сличностите и знаењата кои ги поврзуваат. Меѓутоа, таквиот поим кој првенствено поаѓа од економска перспектива, потполно негира секаква емоционална поврзаност и го отфрла секое промислување кое е надвор од рационалниот круг на економското поврзување.

Во концепцијата за проток на времето во кое секој иден чекор би можел да се претставува како чекор напред, се појавува идејата дека сегашниот момент во секоја смисла мора да биде подобар од претходниот. Со таквото сфаќање е створена потребата за дистанцирање и негирање на носталгијата за социјализмот, што се обликуваше во дискурси со поширок контекст, контекстот на Европската унија во чии рамки народите од поранешна Југославија се анализираат како народи кои се во процес на придружување. Од оваа перспектива придружувањето е нормативен, прописен пат кој води кон целта, до слободата на движењето, отворениот пазар и подобрите закони кои ги нуди ЕУ. Во таквите дискурси социјалистичкото минато од овие простори се толкува како исчекор од вистинскиот пат, како девијација која ќе се исправи дури кога народите од поранешна Југославија ќе ѝ пристапат на Европската унија. На таа основа е создадена метафората за враќањето дома во Европа. Меѓутоа, Петровиќ нагласи дека е погрешно да се негира врската помеѓу носталгијата и иднината и со своето предавање се обиде да ја деконструира идејата според која носталгијата за социјализмот значи отфрлање на верувањето во иднината. Осврнувајќи се на парадигмата за двата (или трите) европски тоталитаризми, го истакна доминантниот дискурс според кој комунизмот/социјализмот е еден од европските тоталитарни режими кој не може да
биде извор за промислување каква било легитимна политика.

Некогашните државни социјалистички движења создаваа визија за надеж во која постоеше значајна инвестиција во политиката на иднината, што беше најизразено во индустрискиот труд и фабриките. Индустријализацијата беше клучна за создавање општествена клима во која може да се замислува иднината. Генерално, идејата за трудот во социјалистичката фабрика беше мошне важна. Но, прашањето за индустријата, истакна Петровиќ, не е прашање на минатото. Треба да се запрашаме во какви услови работат луѓето денес во фабриките, за колкава плата, со какви синдикални права и во какви еколошки услови. Исто така треба да се запрашаме на кој начин ги доживуваме овие работници. Работниците денес, рече, се класични Други - сиромашни, слаби, кои страдаат и беспомошно се соочуваат со општествените неизвесности. Во некогаш важните индустриски центри како Ниш, Крагуевац и Варош, во кои животот се водеше според логиката на трудот и индустријата, работниците денес се на самиот раб на егзистенцијата. Меѓутоа, современото понижување на општествените субјекти не спаѓа во доминантните наративи кои ќе ни се сервираат кога зборуваме за некогашното искуство на работата во социјализмот.

Тања Петровиќ смета дека на луѓето со искуство во социјализмот треба да им се дозволи да бидат носталгични зашто токму нивната носталгија ја претставува позицијата од која се бараат одредени политики на иднината. Вистинскиот облик на носталгијата не е идеја за идеалното минато, кое како такво не ни постоело, туку е восхитен поглед на сликата на тоа минато. Тоа на луѓето во постсоцијалистичките општества често им се ускратува - дека можат емоционално да се постават во однос на своето минато како во однос на нешто што може да биде предмет на восхит. Токму емоционалниот аспект ја прави носталгијата исклучително политички релевантна и важна за промислувањето на политичките субјективитети во постситуацијата во која се наоѓаме денес. На крајот, Петровиќ го изнесе своето длабоко уверување дека носталгијата е многу повеќе од политички важно чувство - таа претставува општествено знаење кое сѐ уште обликува некои општествени процеси - и како таква отвора хоризонти за замислување иднина која е поинаква од онаа што ни се наметнува како единствено можна.

Слики: Heather Sundquist Hall

Извор: https://www.hrvatskiplus.org

ОкоБоли главаВицФото