Предавање на Адриан Паци во Даут пашин амам

09.09.2019 10:57
Предавање на Адриан Паци во Даут пашин амам

Адриан Паци, еден од најзначајните современи визуелни уметници на интернационалната уметничка сцена, вечерва (9 септември) ќе одржи предавање во Даут пашин амам, со почеток од 19:30 часот.

Ова предавање е дел од групната изложба „Неименуваното е одговор“, курирана од Ивана Васева, која е поставена сè до 20 септември.

Паци ќе направи презентација на неговата работа во историски и уметнички контекст и после тоа ќе има прашања и одговори со публиката.

Паци е дел од изложбата „Неименуваното е одговор“ со видео делото „Пиктори“. Рефлексијата на улогата на уметникот во општеството, односот на рачно изработената работа и уметничката активност, прашањето на функционалната страна на уметноста, проблемот на уметничкото дефинирање на бесконечните синџири на активности кои ги врши денес уметникот, како и основниот проблем на дефинирање на уметникот, се некои од моментите што го придружуваат „Пиктори“.

Адриан Паци (1969, Скадар/Милано) студирал сликарство на Академијата за уметност во Тирана, а во 1997 година се преселил во Милано, Италија. Тој имал многу самостојни изложби во разни интернационални институции: Кунстале Крем (2019), Макси, Рим, (2015), Musée d’Art Contemporain, Монтреал (2014), PAC, Padiglione d'Arte Contemporanea, Милано (2013), Galeries Nationals du Jeu de Paume, Париз (2013), Kunsthaus, Цирих (2010), Kunstverein,Хановер (2008), P.S.1 Contemporary Art Center, Њујорк (2005) итн.
Делата на Адриан Паци, исто така, биле дел од 14-тата интернационална изложба за архитектура – Венециско биенале (2014); во 48-то и 51-то издание на интернационалната уметничка изложба – Венециско биенале (во 1999 и 2005 година); во 15-то Биенале на Сиднеј (2006); во 15-тото Квадриенале во Рим, каде што ја освоил првата награда (2008); Лионското биенале (2009); и во 4-тото Солунско биенале на современа уметност (2013). Неговите дела се дел од јавните колекции на Центарот Помпиду, Париз, Музејот на современа уметност, Мајами, МОМА, Њујорк, Фондацијата Соломон Гугенхајм, Њујорк и др.

Адриан Паци предава сликарството во Nuova Accademia di Belle Arti NABA, Милано, а предавал на Accademia Carrara di Belle Ari Bergamo, ИУАВ, Венеција и одржал многу предавања и работилници на многу универзитети, уметнички академии и институции во различни земји.

„Неименуваното е одговор“ е изложба за постојаниот отпор кон светот во кој живееме и е изградена од отпорни политички субјективности. Тие зборуваат за важноста на прекинот/контестирањето со постоечките облици на знаење и на дејствување како клучен за процесите на деколонизација на знаењето во рамките на институцијата на уметноста. Изложбата ги тестира границите на издржливоста, не во физичка смисла на зборот, туку во опирањето во границите на канонот и на зададеностите од минатото, како и во естетската репрезентација, чии уметнички гестови понекогаш се јавуваат и како случајни настани или реакции. Таа на крајот зборува и за губењето на препознатливоста во идентитетот и преку тоа воведување на концептите на заедништво и на солидарност.

Во изложбата се вклучени дела од Музејот на американска уметност – Берлин во соработка со Валтер Бенјамин, Ели Га, Адријан Паци, Доплгенгер, Оливер Мусовиќ, Филип Јовановски, во контекст на постојаната национална поставка поставена уште од 2000-година како и документи од студентскиот протест во Скопје во 1959 година.

Фотографија: Драгица Николовска