Заврши „Друга приказна“ #4

10.09.2019 10:23
Заврши „Друга приказна“ #4

Вечерта на 8 септември заврши четвртото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Густата фестивалска програма ја исполнија дваесетина странски гости од седум земји во регионот, и триесетина македонски учесници од книжевниот и уметничкиот свет. Се случија десетина разговори, неколку промоции, два концерта, проекции на филмови, изложба, работилница на Ненад Величковиќ, школски час на Енес Куртовиќ во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“... Околу петстотини луѓе ги посетија четиридневните настани во Младинскиот културен центар во Скопје, каде што за прв пат се случуваше „Друга приказна“.

Главната тема имаше наслов „На маргините“, делумно во чест на 25-годишнината на списанието за култура „Маргина“ и десетгодишнината на порталот „Окно“. На изложба во паркчето пред МКЦ беа изложени кориците на сите досегашни броеви на „Маргина“. Годишнината на „Окно“ беше одбележана со книга од Свирачиња и графичкото студио „Кома“: Сто насловни страници на „Окно“.


Главни „ѕвезди“ на фестивалот беа добитникот на главната награда, Ненад Величковиќ, и писателката во подем, Лана Басташиќ, која победи во најзабавната програма, книжевниот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“. (Интересно е што жени беа и досегашните победници на тој натпревар: Лилјана Дирјан, Теа Тулиќ и Радмила Лазиќ; претходните, пак, добитници на главната награда беа Давид Албахари, Влада Урошевиќ и Оља Савичевиќ Иванчевиќ.)

Впечаток е дека „Друга приказна“ се развива од година во година, во секоја смисла. Заслугите за успешниот фестивал првенствено се во редакцијата: Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ѓоко Здравески, Андреј Јованчевски и Ана-Тијана Спасовска.

Фестивалот го помогнаа мрежата за литература „Традуки“ и Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Овде можете да ги видите настаните и содржините поврзани со Друга приказна #4.

Овде можете да ги видите фотките од првите два дена.

Фотографиите во продолжение, на Јелена Белиќ, се од третиот и четвртиот ден на фестивалот.

ОкоБоли главаВицФото