1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Очигледно и најпрецизната граматика може да предизвика нејасности. Тоа се случи при „доместицирањето“ на името Северна Македонија во строгата германска граматика. Од желбата за правописна прецизност, но и од непознавање на деталите на Преспанскиот договор во однос на името на македонскиот народ, на крајот, во германското правописно поле никна нова билка-именка, наречена „Nordmazedonier” (Северномакедонци). Таа именка, пак, ја нема во Преспанскиот договор. Како тогаш таа се роди во германските медиуми?
Богатиот германски јазик има една поучна поговорка: „Ѓаволот се крие во деталите”. Дали еден правопис одговара на суштината на стварта што ја именува, зависи од тоа какви последици ќе има во стварноста. Уште пред една година, минатиот јули, кусо по потпишувањето на Преспанскиот договор, се прашував како името Северна Македонија ќе се транскрибира на германски. Како „Nord-Mazedonien“, со цртичка помеѓу придавката и именката? Или слеано, „Nordmazedonien“, како нова „композитна именка“? Композитните именки, образувани со поврзувањето на два збора, се белег на германскиот. Само што од нив потоа би можело да се образуваат и нови именки и придавки. Како именката „Nordmazedonier“ и придавката „nordmazedonisch".
Сѐ до почетокот на годинава, во германскиот печат името Северна Македонија се пишуваше со цртичка: Nord-Mazedonien. „Spiegel“ објави на 12 јуни дека Македонија ќе се вика Nord-Mazedonien. Телевизијата ZDF извести на 13 јуни: „ЕУ и НАТО 'радосни': Македонија ќе стане Nord-Mazedonien.“ А и телевизијата ARD, на 25 јануари 2019 објави во главниот дневник: „Nord-Mazedonien може да стане НАТО-партнер.“ И дневниот весник ФАЦ пишуваше долго „Nord-Mazedonien“. Како и Дојчландфунк, кој на 29 јануари 2018 го емитуваше прилогот „Македонците одлучуваат за идентитетот на нивната земја“. Авторите Родотеа Сералиду и Срџан Говедарица пишуваат, исто така, „Republik Nord-Mazedonien". Тие го предаваат и мислењето на грчкиот експрет за Југоисточна Европа, Константинос Филис, дека било негативно за Грција што граѓаните на Република Северна Македонија „и понатаму ќе смеат да се нарекуваат едноставно Македонци, а нивниот јазик 'македонски' – без каква било додавка, што не можело да исклучи аспирации кон истоимениот грчки регион.“ Од друга страна, германскиот експерт за Балканот, Торстен Громес, од франкфуртскиот Лајбниц-институт за мировни студии во Германија, на 29 јануари 2019 јасно укажува дека „географското прецизирање „Republik Nord-Mazedonien“ ги следи повеќе желбите на Скопје“. Тој ја објаснува разликата, зацртана во Преспанскиот договор, во разбирањето на „Македонија“ и „македонски“ за Македонците и за Грците. Громес укажува дека „многу Грци го критикуваат Договорот затоа што го признава постоењето на македонскиот јазик надвор од границите на Грција“. Најдолго името Северна Македонија со цртичка го пишуваше Дојче Веле.
Опасност од „губење во преводот”
Од каде, тогаш, во пролетта 2019-та во германските медиуми „никнаа“ „Северномакедонците“? Работите со правописот почнаа додуша да се менуваат уште во јануари. Ева Елерајт од Фондацијата „Фридрих Еберт" во Скопје, на 15 февруари, во извештај за Минхенската конференција за безбедност, името уште го пишува со цртичка. Еден месец порано, во јануари, шефот на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Грција, Хенри Боне, името го пишува слеано: „Nordмazedonien“. Дури тој во фуснота укажува дека „според информацијата од германското МНР, по стапувањето во сила на Преспанскиот договор, исправниот германски превод бил „Republik Nordmazedonien“ или „Nordmazedonien" (скратено) – но не „Nord-Мazedonien“. Навистина, на веб-страницата на германското МНР стои: Nordmazedonien.
Телевизијата АРД (студиото во Виена) на 2 април 2019 посвети посебен прилог за правописот: „Nordmazedonien или Nord-Мazedonien. Како се пишува на германски?“ Веднаш се истакнува дека спорот за името бил додуша „надминат политички, но не и емоционално“. Тоа го докажувала дебатата за правописот на новото име Северна Македонија во германското говорно подрачје. Се укажува дека „македонското МНР испрати барања до германските медиуми за тоа како 'правилно' да се пишува новото име на земјата. Имено: Republik Nord-Mazedonien“. Дека пак „од преименувањето на земјата, германското МНР ја применува правописната форма Republik Nordмazedonien или само Nordмazedonien. Тоа е официјалната правописна форма и во германско-јазичната Швајцарија и во Австрија“, се вели во прилогот. Како „крунски сведок“ за исправноста на ваквиот превод се пренесува мислењето на германистот Петар Рау, професор на универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Тој тврдел „дека цртичка ќе имало кога ќе биле поврзани два региона“. Тоа го објаснил на примерот на германската покраина Nordrhein-Westfalen (Севернарајна-Вестфалија). „Тоа се два региона. Да имаше само Nordwestfalen, не ќе смееше да се пишува со цртичка. Тогаш тоа би било еден збор. Nordмazedonien. Тоа е една географска единица, не две. Затоа стандардногермански Nordмazedonien во еден збор", објаснува Рау. „Преименувањето на земјата предизвикува кај неалбанските граѓани на малечката балканска земја и понатаму очај и гнев“, заклучува редакцијата на АРД-Виена. Како соработници за извештајот се наведуваат дописниците на АРД од Македонија, Шабан Бајрами и Сашко Голов. Во исто време телевизијата АРД-Виена емитува прилог под наслов „Поглед врз Македонија“ на дописниците од Македонија: Шабан Бајрами, Сашко Голов и Љубиша Николовски: Шабан Бајрами зборува за навиките на „Северномакедонците" (Nordmazedonier).
Во април во многу весници се објави веста: „Северномакедонците (die Nordmazedonier) го избираат новиот претседател на државата." По кусо време почна да се прави и придавка од името „Nordmazedonien" - „nordmazedonisch". „Што значи за Вас да бидете Северномакедонка“, ме праша пред еден месец новинар на голем германски весник. А на онлајн-соопштението за литературен фестивал во Германија, една позната македонска писателка деновиве е најавена како „северномакедонска авторка”.
Да, навистина, Nordmazedonien не е Nordrhein-Westfalen. Но не во смислата за која говори Петар Рау. Туку повеќе затоа што од името Nordrhein-Westfalen не може да се изведе и именка за луѓето во неа. Затоа што името не е напишано слеано, како композитна именка. Како што, на пример, се пишува покраината Niedersachsen (Долна Саксонија). А од тоа може да се образува и име за жителите - die Niedersachsen ( Долносаксонци). Опасноста за Македонците да се „изгубат во преводот” на германски не е мала. Затоа тоа мора на погоден начин да им се објасни и на германските лингвисти. Половина година името на германски се пишуваше со цртичка. Потоа очигледно настапија граматичките толкувања. И создадоа „збрка.“ Меѓутоа, германската граматика многу прецизно и сеопфатно ја дефинира примената на цртичката. Притоа се истакнува дека цртичката може да се употреби и во композитни именки „за да се избегнат недоразбирања, односно, за да се подобри читливоста“. Nordmazedonien, како композитна именка, создава недоразбирање. Затоа што од неа може да се образува и нова именка за народот: Nordmazedonier. А тоа противречи на Преспанскиот договор. Името на државата не е обична именка. Тоа е споредливо со лично име. Една препорака ( §51) во германската граматика, дозволува во композитна именка личното име да се одвои со цртичка. За да се истакне, како, на пример, во името на еден театар - Schiller-Theater. Зошто не и во името на Северна Макдонија на германски? Има повеќе препораки кои дозволуваат да се отстапи од правилото.
Потребна е научна конференција
„Северномакедонци“, засега, постојат само во германскиот правопис. Но, ако тоа стане норма, таквите „граматички призраци” тешко се изгонуваат од реалноста. Добро би било кога македонското МНР, најдобро во соработка со германското МНР, многу скоро би организирало научна конференција, на која би требало да бидат поканети познати германски лингвисти, но и германски познавачи на балканската историја, политиколози и новинари. Во таква рамка треба да се дискутираат сите аспекти на Преспанскиот договор, како и најсоодветниот правопис на името Северна Македонија на германски. Оној што ја познава историјата на спорот за името Македонија, знае дека тој не беше надминат со строгоста на граматиката, туку, пред сѐ, со реторичката, толкувачка и преговарачка сила на политиката. Тоа, пак, значи, дека и граматиката мора да го земе предвид политичкото толкување на Преспанскиот договор и да го најде најдоброто правописно решение. Затоа што јасното присуство на името Македонија во новото име на државата, за македонската страна во преговорите беше гаранција дека не се менува македонскиот идентитет и именувањето на Македонците.
Македонската политика морала уште пред потпишувањето на Преспанскиот договор да ги има предвид овие несакани ефекти. Најдобро ќе беше, во истиот миг кога се потпиша Преспанскиот договор, да се направеше еден „Маршалов план“ за неговата презентација во светот. Најдобро ќе беше доколку Владата и сооодветните министерства ги собереа во тој „Маршалов план” најдобрите умови во Македонија и надвор од неа. Македонските граѓани, интелектуалци, научници, стручњаци, кои одамна живеат во светот. Сите заедно, и тие во земјата и тие надвор, требаше да работат на нејзината промоција. Таков стручен тим ќе можеше да им објасни на странските влади и медиуми дека поради специфичноста на спорот за името Македонија, во кој долги години меѓу македонската и грчката страна се кршеа копјата во борбата „да ја има или да ја нема“ именката Македонија во новото, компромисно име, за Македонците е од суштествено значење името Македонија „да не се изгуби“ во правописот на странската граматика. Во Nord-Mazedonien е „видливо“ сложеното име. Јасно е дека тоа не е ново име, туку само географско прецизирање. Nord е додавка на веќе познатата именка Mazedonien. Кога нема цртичка, настанува нова именка. Во „Nordmazedonien“ паѓа најнапред в очи придавката - таа е прва и со голема буква. Сите знаеме дека зборовите се и сигнали. Тие сугерираат значења и толкувања.
Кафка би ни рекол...
Со сериозна стратегија за промоција на Македонија во сите сфери во светот, требаше да се почне уште пред една година. Тогаш климата беше поволна за Македонците. Сите во Европа беа обземени од еуфоријата на миротворството која зрачеше од Преспанскиот договор. Но сѐ уште има можност за акција. Македонските конзулати и амбасади во германското говорно подрачје би требало катаден да ги следат информациите во медиумскиот простор. И да реагираат со соодветни препораки. Препораките на англиски на веб-страницата на МНР не се доволни. Мора да се постават и поопширни толкувања на Договорот од добри познавачи на проблематиката на германски јазик. Треба јасно да се укаже дека со Преспанскиот договор не се менува ништо во именувањето на македонскиот народ, јазик и култура. Дека промената на името не е „преименување” на земјата. Македонското МНР може да побара помош и поддршка од германското МНР за одржување на денови на македонската култура во Германија. Истото важи и за Швајцарија и Австрија. Не е сѐ завршено со Преспанскиот договор. Дури допрва треба да почне сериозната работа во заштита на особеноста на македонската нациналност, јазик и култура. За тоа е потребна добро разработена културна дипломатија. Светот најдобро ќе разбере дека нема „Северномакедонци”, туку само Македонци, кога тоа би се сторило со помош на литературата, културата и науката од Северна Македонија. Во македонското МНР треба да има посебен тим кој ќе работи на надминувањето на недоразбирањата околу правописот на името Северна Македонија во герамнското говорно подрачје. Претпоставувам дека е слична ситуацијата и во граматиката на скандинавските земји. Нема да дојде уште еднаш светот во Македонија, како пред Референдумот. Сега Македонците треба самите да се изборат светот да ги „види и препознае” - како Македонци, а не како „Северномакедонци”. Франц Кафка би ни се насмеал и би ни рекол нам, на Македонците, дека тој отсекогаш знаел оти некогаш и обичната цртичка во граматичко правило може да стане судбоносна.
Слики: Yevgenia Nayberg
Извор: DW