Нова иницијатива за Западен Балкан?

12.09.2019 00:11
Нова иницијатива за Западен Балкан?

На конференцијата Бледски стратешки форум во Словенија меѓу другото се дискутираше за интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Присутни беа и министрите за надворешни работи на овие балкански држави. Но, в очи паѓаше слабото присуство на шефовите на дипломатиите од земјите на ЕУ.

Гостин кој секако привлече најголемо внимание беше Американецот Метју Палмер, на својата функција како новоименуван специјален пратеник за Западен Балкан.

САД сега ја преземаат иницијативата и направија прв чекор за да ја размрдаат ЕУ, која е преокупирана со сопствени проблеми, за земјите од Западен Балкан повторно да ги доведат на преговарачка маса и да поттикнат решавање на споровите кои постојат веќе 20 години.

САД не сакаат да го препуштат регионот на руско влијание

Всушност, задача на ЕУ беше да работи енергично на решавање на проблемите на регионот и европската интеграција на тие земји. Во текот на 90-те години, кога Босна и Херцеговина, а подоцна и Косово беа вовлечени во ужасни војни, иницијативата на САД беше таа која работите на Балканот ги изведе на правилен пат.

Сепак, нашите искуства велат дека само оние решенија, кои се усогласени меѓу САД и Европа, се успешни и трајни. Сите досегашни акции на Брисел беа премногу млитави и не водеа вистински кон целта. Затоа треба да се биде благодарен на иницијативата на САД, иако на некои Европејци тоа сигурно не им се допаѓа.

Еден добар познавач на регионот, професор Даниел Сервер, рече дека претседателот Доналд Трамп пред претседателските избори следната година сака да прокнижи уште еден успех – поврзан со застојот во ситуацијата меѓу Србија и Косово. Се смета и дека САД не смеат регионот туку-така да му го препуштат на руско влијание, зашто тоа и онака стана многу силно.

Сите се сложни дека фокусот на Метју Палмер е на Србија и Косово. Дискусијата за опасна „размена на територии“ меѓу Косово и Србија, со катастрофални последици за БиХ и другите земји од регионот, по Берлинската конференција за Западен Балкан на крајот на април, е тргната од дневниот ред.

Јас одамна енергично предупредував на опасноста од ново повлекување граници според етнички принципи. Се надевам дека сега постои јасност дека меѓународната заедница на таа цврста позиција се согласува со мировните договори. Палмер уште се нема изјаснето децидно за тоа. Но, и покрај тоа, има порака дека САД на Балканотне сакаат да видат моноетнички, туку „граѓански“ држави. Тоа е во согласност со европската линија и Германија.

Европа не е во состојба да заземе јасен став за БиХ

Зарем ЕУ сега не би требало да преземе иницијатива и именува специјален претставник токму за разговорите помеѓу Приштина и Белград, ополномоштеник кој би бил надлежен и за регионот Западен Балкан? Тоа би било доследно. Зар не е време на српското малцинство кое живее на Косово да му се даде сопствен глас, а не само да се чека Белград да биде единствен кој води збор за тие Срби?

Српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со американските сенатори Рон Џонсон и Крис Марфи. Републиканецот Џонсон е експерт за безбедносни прашања во земјата и странство, а тоа е добар сигнал. И ЕУ би требало што поскоро да започне соработка со САД заради внесување на својата европска перспектива.

Мора да се постави и прашањето - не е ли Босна и Херцеговина, која доживеа најужасна етничка војна, веќе со години заложник на балканските судири? Одамна требаше да се стави јасно на знаење дека амбицијата на Милорад Додик да ја отцепи Република Српска од БиХ, води во погрешна насока и би ја уништила државата БиХ. Со оглед на тоа што Европа очигледно не е во состојба да изговори отворен и јасен збор, за јасност би требало да се погрижат САД.

Поради историските процеси, преговорите не можат едноставно да им се препуштат само на поранешните непријатели Србија и БиХ. Политиката на Република Српска го поткопува единството на БиХ. На тоа мора јасно да му се застане на патот, посебно што тоа директно противречи на Дејтонскиот договор за кој преговараа САД. Останува надежта дека САД и Европа собраа доволно историски искуства да ја препознаат важноста и сега, со новата иницијатива на Метју Палмер, и во Европа, по именувањето на новиот состав на Европската комисија, да излезат едни на други во пресрет и сложно да проработат.

Професор д-р Кристијан Шварц-Шилингод 1982 до 1992 година беше министер за пошта и телекомуникации во владата на германскиот канцелар Хелмут Кол. Од протест поради воздржаноста на германската влада во текот на војната во БиХ, тој поднесе оставка. Десет години беше меѓународен медијатор за БиХ, во периодот 2006-2007 ја извршуваше функцијата Висок претставник на ЕУ во БиХ. Повремено пишува колумни за Дојче веле.

Извор: DW

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото