Изложба на Пол Гунон во „Акантус“

13.09.2019 00:52
Изложба на Пол Гунон во „Акантус“

Изложбата на францускиот уметник Пол Гунон насловена „...по која цена?“ ќе биде отворена вечерва (13 септември) во галеријата „Акантус“, со почеток во 19 часот. Изложбата ќе биде отворена до 30 септември.

Архитектурата е најверниот субјект на градот која го детерминира комплетниот изглед, како најдобар сведок за културниот развој, естетиката но и политиката на едно општество. „Ако политиката е окупирање на територии”, тогаш мета-политиката е „окупирање на културата” (Гијом Феј /Guillaume Faye/, француски новинар и теоретичар на Новата десница)

Доживувањата, разговорите, средбите, различните ставови на жителите ја создаваат можноста за новиот посетител – уметникот, за провокација и пренесување на нов емотивен пристап во градење на ново дело, талкајќи низ градот. Историјата на градот му се наметнува на уметникот, провоцира постојани променливи размислувања, создавајќи различни и нови неочекувани слики. „Историјата им зборува на уметниците. Таа го менува размислувањето на уметникот и постојано го ремоделира во различни и неочекувани слики“. (Анделм Кифер) / ”History speaks to artists. It changes the artist’s thinking and is constantly reshaping it into different and unexpected images”. (Anselm Kiefer) /

Пол Гyнон, млад француски уметник престојуваше во Скопје месец и половина градејќи го својот проект - изложба „... по која цена”, посветувајќи сe комплетно, теоретски и практично во истражување на развојот и потребата на градот да еволуира во неговиот изглед низ историјата. Како што вели тој, градењето на неговиот личен став, неговата уметничка визија за градот кој е појдовен интерес за оваа изложба е поврзан со неговиот интерес за историјата, културата и еволуцијата на градот се до денешен ден, вклучувајќи го и контроверзниот проект „Скопје 2014“. Тој си поставува прашања: Како ја памтиме и пренесуваме историјата која полека избледува, повторно креирајќи ја од скица? Со кои социолошки, политички и културни последици или пак со која цел? Низ археологијата, иронична и апсурдна на моменти, негов интерес на истражување во контекст на претходното творештво, го гради својот став, создавајќи свои артефакти како одговор за паметењето на историјата.

Артефактите од минатото и сегашноста ги реконструира, сече, крши, пресоздава за подобро да ја разбере суштината на она што од неа останува и го дефинира градот. Низ духовит пристап Пол артефактите ги соголува, ги вади од контекст или пак наново ги создава. Користи соодветни современи архитектонски материјали, гради, моделира, излива во бетон. Сето тоа бара од уметникот дисциплина, физичка снага, ангажираност, точност. „Секој од нас има свој ритам на страдање.” (Ролан Барт) / “Each of us has his own rhythm of suffering”. (Roland Barthes)“ пишува во својот кураторски текст Дијана Томиќ Радевска.