Прво издание на фестивалот „Art Attack“ во Куманово

13.09.2019 01:07
Прво издание на фестивалот „Art Attack“ во Куманово

Првото издание на Фестивалот ART ATTACK ќе се одржи вечерва и во сабота во 20 часот на градскиот плоштад на две сцени – пред НУЦК „Трајко Прокопиев“ и пред споменикот Жена Борец во Куманово. 

Вечерва од 19 до 1 часот по полноќ ќе може да се видат дела во разни техники разместени на улицата„Народна револуција“, која привремено ќе биде затворена за возила. Како фигури во простор ќе бидат изложени: „Стриптизета“, скулптура од метал на Стаменков Горан, „Површина 2“, дело кинетика на Перо Кованцалиев, инсталацијата на Кристина Божурска „Рабат“ – дело составено од сведоштва на жени од фабрики, и „Нови сеќавања (New memories)“, интерактивна инсталација на Ана Јовановска. Слики ќе имаат претставено авторите Александар Симоновиќ – Симо и Мирослав Величковски. Една група фотографии ќе го прикажат одржаниот перформанс „За тебе“ осмислен и изведен од Валентина Илијевска, а друга група фотографии ќе се дела на Наташа Величковска, збирка од портрети, стрит-фотографија и фото-есеј. А ќе има и дела на Елеонора Накевска, Ангел Миов, Flamur Miftari и Далибор Тренчевски.

Истата вечер (петок 13-ти) звучниот дел ќе биде во плоштадскиот дел на градот, близу Центарот за култура. Во потивкиот/по-мистичен дел (кај споменикот Жена-борец) се најавени настапи на Avelina, Оf Dogs & Walls и на тандемот Милан Тоскиќ и Дарио Циевски.

Погласната бина ќе е на просторот баш кај самиот Центар за култура. Таму треба да настапат: NBK и Чанге, Подземан ефект и групите KI и Фолтин.

В сабота на истиот простор, од 19 до 1 часот по полноќ, настапи на главната сцена ќе имаат: Dado K & Mamli, Букача, Djarto и Игор Калц.

Двете локации на настаните, улица „Народна револуција“ и плоштадот „Нова Југославија“ ќе бидат сосема отворени за посетителите.

Ова е еден од настаните кои се оддржуваат по повод 500 години постоење на град Куманово.

Фестивалот го организира Фондацијата за култура и спорт, со поддршка на Општина Куманово и Министерство за култура.