Химната не е отстранета од образовните програми за основците

14.09.2019 00:16
Химната не е отстранета од образовните програми за основците

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, деновиве (10.09.2019) во јавноста ја пласираше следната невистина:

Старата програма (наставна) предвидуваше учење и пеење на химната на Македонија.

Во новата програма химната е отстранета и наместо химната, Власта смета дека поважно за ќерка ми (да, и моето дете е 6то одд) е да ја научи и пее Dzelem, Dzelem и албанската Shtatori…

[Извор: Лидер – датум: 10.септември 2019]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова тврдење на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош, Тони Јаревски, објавено на неговиот Фејсбук профил, дека „химната е отстранета од настваните програми“, е неточно.

По објавата на Јаревски реагираа од Бирото за развој на образованието од каде негираат дека изучувањето и пеењето на македонската химна се изоставени од образовните програми.

Во соопштението на Бирото, меѓу другото, се вели:

Што се однесува до изнесените дезинформации дека изучувањето и пеењето на химната се изоставени од новите наставни програми, за разлика од претходните наставни програми, најодговорно тврдиме дека тоа се невистини и упатуваме, секој што е заинтересиран, да ги погледне и спореди претходните и новите наставни програми.

Оттаму појаснуваат дека „со химната на Република Северна Македонија учениците се запознаваат уште во прво одделение по наставните предмети Општество и Музичко образование, како и во петто одделение каде јасно стои во наставната програма по Општество дека учениците преку интегрирани активности по Музичко образовани и по Ликовно образование ги изработуваат симболите и ја учат химната на Република Македонија. (наставна програма од 22.05.2008 година)“

Во сите наставни програми по музичко образование и во претходните наставни програми и во новите наставни програми во општите цели за наставниот предмет стои: ученикот/ученичката да пее песни со разновидна мелодиска линија, а во конкретните цели (за одделни наставни часови) да пее песни различни по карактер и содржина на македонски јазик и јазиците на народите кои живеат во нашата земја, што остава слобода на наставникот во зависност од контекстот, времето на изведување на наставата, корелацијата со други предмети (поврзано со државни празници, патрони празници итн.) да ја изведува со учениците химната на државата и/или други свечени песни“, се вели во соопштението од Бирото за развој на образованието.

Инаку, Фејсбук статусот на Јаревски за наводното отстранување на химната од наставните програми, експресно без никаква дополнителна проверка на наводите го пренесоа повеќе медиуми, а се ширеше и на социјалните мрежи и предизвика остри реакции во јавноста.

ИЗВОРИ:
Лидер (10.09.2019): Јаревски: Химната на Македонија отстранета од новата програма за ученици од 6-то одделение [Пристапено на: 13.09.2019]
Тајм (10.09.2018): Јаревски: Мислите дека Тамара ја згреши химната и дека ненамерно немаше химна пред Ципрас? Се лажете! (ФОТО) [Пристапено на: 13.09.2019]
ФБ профил на Тони Јаревски ОК ВМРО-ДПМНЕ – Карпош (10.09.2019): [Пристапено на: 13.09.2019]
Тајм.мк (11.09.2019): Биро за развој на образование демантира дека химната е исфрлена од образовниот систем [Пристапено на: 13.09.2019]
Деца.мк (11.09.2019): Химната не е тргната од наставните програми, тврди Бирото за развој на образованието [Пристапено на: 13.09.2019]
Биро за развој на образованието: (11.09.2019): Соопштение за јавност [Пристапено на: 13.09.2019]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Извор: Вистиномер