Главниот снимател Хозе Луис Алкаине за работата на филмот „Болка и слава“ на Алмодовар

15.09.2019 23:23
Кинематограферот Хозе Луис Алкаине за работата на филмот „Болка и слава“ на Алмодовар

Хозе Луис Алкаине е еден од најголемите не само шпански, туку и светски директори на фотографија. Фестивалот „Браќа Манаки“ се отвори со филмот „Болка и слава“ на режисерот Педро Алмодовар, а по тој повод на фестивалот во Битола гостуваше токму Алкаине, кој ги снимил некои од најдобрите филмови на шпанскиот режисер.

Специфично е што филмот е автобиографски, Бандерас е алтер егото на Алмодовар, а снимањето се одвивало во еден стан, кој бил трансформиран во студио.

„Со Алмодовар не зборувавме премногу за филмот. Си кажавме само две реченици. Разговараме за животот додека вечераме, не зборувавме за филмот. Најдовме добар начин на соработка. Тој ми кажува само по една реченица: ‘Сакам фокус врз цел екран’ и бидејќи и јас го имав искуството од снимањето на „Сите знаат“, му реков: ‘Да, и јас мислам дека треба да има фокус врз сите’. Потоа го подготвувавме филмот само за боите: боите на облеката, на сценографијата и ништо повеќе од тоа“, рече Алкаине.

За главниот снимател, филмската нарација е неопходна за да се прочита филмот.

„За ова, многу е важен разговорот меѓу Франсоа Трифо и Хичкок. Хичкок вели дека два месеца пред да се почне со снимање тој веќе го снимил, сè му е во главата. Тоа сигурно било вистина за неговите филмови, но филмот постојано се менува, тоа е флуиден процес и има свој живот, па може да тргне во еден правец или во друг. И затоа начинот на кој Хичкок размислува е невозможен. Тоа е начин на следење на редоследот на книгата на снимање, но јас сметам дека тоа не е начинот на кој треба да се прават филмовите. Мора да бидеме отворени за било што во текот на снимањето“, рече Алкаине.

Според него, „има многу филмови кои се прекрасни за гледање, но фотографијата не ја раскажува приказна, дури оди во спротивност од самата нарација“.

Споредувајќи ја соработката со Алмодовар во неговите рани години и сега, Алкаине рече дека „има голема разлика затоа што во изминатите години и двајцата многу се смениле.“

-Јас и тој многу се променивме и полесно се разбираме сега отколку на почетокот. Особено кога имавме несогласувања. На почетокот, додека го снимавме „Жени на работ на нервен слом“, речиси не зборував со Алмодовар за светлото во филмот. Тој ми оставаше сè мене, но откако ќе видеше ќе ми кажеше дали е добро или не и тогаш настануваше проблем. Боите што ги одбира Педро Алмодовар се многу тешки за да се прикажат на екран. Се скаравме за светлото кое требаше да ја прикаже зелената боја на прекривката на која седеше Бандерас. Бевме скарани повеќе од 16 години и не работев на филм со него. Тој не ме бараше, јас не го барав, сè до 2004 година кога Естер Гарсија кој е директор на продукцијата на сите филмови на Алмодовар ме праша: Дали ти помина лутината? Нема да ти пречи да снимиш уште еден филм со Педро? И тогаш помислив дека 16 години се доволни да помине лутината и повторно да работиме. Сега многу добро соработуваме, раскажа Алкаине.

ОкоБоли главаВицФото