Висока цена?

15.09.2019 23:31
Висока цена?

Бидејќи минатиот пат застанав кај (потенцијално) високата цена на отстранувањето на сите „продукти“ од кражбата на векот во Македонија помпезно наречена „Скопје 2014“, ред е (и) таа „дилема“ да се подрасчисти. Зашто, вака како што сме почнале, кај нас се’ е скапо, само човечкиот живот и здравје се – ефтини. Дури багателно!

Елем, што значи поимот „висока цена“ кој што една година наназад стана главен адут во нечинењето односно нерасчистувањето со криминалот на „Скопје 2014“? Дали, на пример, износот од 100 милиони евра е – висока цена? Од друга страна, ниту еден званичен државен орган до денес не излегол со вкупна проценка за целосно враќање на градов во првобитната состојба – толку колку што тоа би било возможно – па врз основа на тоа да се прават проценки и евентуално приоритети во таа потенцијална акција. Оттука, од каде идејата дека тоа би било прескапо односно има висока цена? Таа проценка секако би требало да вклучи и ставки за рециклирање на одделни материјали, за нивна повторна употреба (бронзата на пример) итн. Затоа, уште еднаш, и повторно, онака од око: многу ли се 100 милиони евра (на пример за првата година) за најитно справување со „Скопје 2014“? Можеби се многу , но споредено со – што? Со еден нов клинички центар, на пример, кој што, онака од око, без претходна студија, беше проценет на 700 милиони евра? Да, споредбата е можеби неумесна, ама е дозволена, зашто некој може да каже дека и тоа се големи пари и дека не ни треба нов клинички центар. Или, можеме да правиме уште редица други (во принцип неспоредливи) споредби, што нема никаде да не’ доведе. Затоа, велам, власта е должна да направи првична проценка, етапна се разбира, за отстранување на сиот тој јавен кич по години, и со тоа да излезе пред граѓаните. Како што впрочем направи градоначалникот на Скопје летото минатата година со „галиите“ во Вардар.

Имено, после цела година убедувања дека и тој и сите структури во градот стојат зад планот овие објекти (сместени во коритото на Вардар како урбана опрема!) да се отстранат бидејќи претставуваат сериозна опасност за Скопје, во јули 2018 година тој ист градоначалник се појави со информација дека таа дислокација би го чинела градот 6 милиони евра, пари што градот ги нема. И тоа е ок, чесно, отворено: направена е калкулацијата, чини толку пари, ама тие пари ги немаме. Но, не е во ред на тоа да се застане односно тука приказната да заврши, особено ако од доаѓањето на оваа власт се трубеше на сите страни дека особено „галиите“ се сериозна закана за градот во случај на поголемо надоаѓање на водите на Вардар (што, патем, се случува секоја зима!). Зашто, ако станува збор за сериозна закана, зарем градот и неговите жители се поефтини од 6 милиони евра? Извинете, но не може човек, жител на овој град, поинаку освен компаративно да ги постави нештата. Ако утре се појават и други закани по градот и неговите жители, така ли ќе ги мериме мерките што ќе треба да се спроведат – според цената? И ако таа е превисока, ќе кренеме раце и од градот и од народот? Но, уште позачудувачки беше податокот дека всушност приказната со „галиите“ се сведува на чист криминал односно неодговорно поставување на градежни објекти во т.н. минор корито на Вардар! Ако е тоа така, зошто градот би требал да плаќа за нивна дислокација? Ако овие „галии“ не се „урбана опрема“ – а не се – односно ако се бесправно поставени во Вардар, нели треба да бидат отстранети а трошоците да паднат на товар на сопствениците? Или, дали и во случајот со други „обични“ дивоградби, нивното отстранување (ќе) го плаќа градот, или државата, или оној кој ги поставил? Или, понатаму, зошто оние тераси во Охрид претставуваат проблем и ќе се отстрануваат на товар на сопствениците, ама отстранувањето на овие чудовишта среде Вардар треба да ги плаќаме – ние? Ако пак и најновата Студија за намалување на ризикот од поплави во Скопје направена ид УНДП покажува дека новите „мостови“ – мислам, дајте да не се лажеме, тоа не се мостови, тоа се детски играчки! – и „галиите“ значително ја намалуваат пропусноста на речното корито, што уште ни / им треба?

Но, морам уште еднаш да се навратам на „високата цена“ која што, повторно, ќе ја платиме (индиректно) ние, но за кои што пари градот или државата ќе мора да се откажат од некои нивни „приоритети“, ако веќе граѓаните на оваа држава не се таков приоритет. На пример, и покрај противењето на редица невладини организации, еколошки здруженија и еко-експерти, власта вели дека би учествувала со цели две милијарди евра во нуклеарната електрана во „Белене“ (Бугарија). Тоа е (пре)висока цена, или не? И според чии критериуми? И со какви ефекти? Не го спорам, на крај памет не ми е, значењето на тој тип нуклеарни електрани, особено за мали земји од наш тип, ама има ли власта обврска да слушне малку што велат и другите по тази впрос? И немаме ли поитни нешта за решавање? Да, знам дека многумина мислат дека ова идиотско „Скопје 2014“ не е приоритет, не е воопшто ниту важно – се лажат, многу се лажат, а впрочем не мислеа така пред две години! – и дека може да чека подобри времиња. Ама кои и какви подобри времиња? Ако вицепремиерот Анѓушев вели „Аплицирајте, има средства во Буџетот“, значи ли дека тие средства мора да се разделат (по којзнае кој пат) на македонските „бизнисмени“ за сите нивни небулозни и никому потребни „проекти“? Постои ли „висока цена“ за македонската бизнис заедница, или тие флоскули се резервирани само за граѓаните и нивните барања?

Се разбира, свесен сум дека во оваа и ваква Македонија, Северна или обична, после онаа криминална, финансиска и секаква друга катаклизма во периодот 2017-2017 година и тогашната малоумна власт, се’ е приоритет, се’ е „уште за вчера“, многу „дупки“ остануваат отворени до некои идни подобри времиња. Ама „Скопје 2014“ не смее да биде таква „дупка“! Не смее заради многу причини, кои немам намера да ги повторувам. Ако власта, сегашнава, навистина не ги знае или не сака да ги знае, јас немам намера да ги потсетувам. Само (уште еднаш) ќе употребам зборови на Ивана Драгшиќ, активистка на некогашната „Плоштад Слобода“ – апропо, што се случи со сите овие „ентитети“ по паѓањето на режимот, мислеа дека војната е готова? – која вели дека „Скопје 2014“ беше „префинета системска кражба, легализирано уништување на природната средина и културното наследство и загрозување на човечки животи без поднесување на одговорност …“! И сега ние, како свесни граѓани, треба сето ова да го аминуваме, божем заради високата цена на неговото разрешување?

Слики: Свирачиња

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото