Капиталистите не му веруваат на капитализмот

16.09.2019 00:38
Капиталистите не му веруваат на капитализмот

Иако во меѓународните медиуми повремено се појавуваат истражувања кои тврдат дека младите во западните земји го преферираат социјализмот во однос на капитализмот, релевантен политички одек за таквата состојба на јавното мислење сѐ уште нема. Секако, популарноста на Џереми Корбин и Берни Сандерс е незанемарлива, но таа не се создаде преку класичната дилема на Роза Луксембург: социјализам или варварство. А и во крајна линија, оние кои го преферираат „социјализмот“ во однос на капитализмот имаат матни претстави за тоа што би бил социјализмот и делумно го поистоветуваат со европската повоена држава на благосостојбата.

Па сепак, довербата во капитализмот е на рекордно ниски нивоа. И тоа од другата страна на класната барикада. Во медиумите веќе година-две се пробиваат разни облици на прогнози и предвидувања кои настојуваат да нѐ уверат дека пред нас е нова глобална криза. Меѓутоа, овие прогнози зачестија летово. Многу поважен од проценката на релевантноста на самите прогнози е фактот дека речиси никој не настојува да ги оспори. За овој тренд пред сѐ придонесоа падот на германскиот индустриски аутпут и понатамошната неизвесност околу кинеско-американската трговска војна. Пред неколку дена и Нуриел Рубини во „угледниот Гардијан“, како што би рекле угледните хрватски медиуми, ги прецизираше иницијаторите за следната криза и најави дека таа ќе биде имуна на монетарните стимулуси. Бидејќи меѓународната јавност смета дека единствено тој ја предвиде минатата криза, неговата проценка има и најголем углед.

Меѓутоа, споменатата доверба во капитализмот сепак не може прецизно да се измери со аналитичко-новинарски гатања и прогнози. За попрецизни индикатори вниманието треба да се насочи кон инвеститорите. А што прават тие? Па инвестираат во обврзници кои не им носат профит: во обврзници со негативни каматни стапки, државни и корпоративни. Ако капитализмот е систем заснован на профитниот мотив, што ни кажува за тој систем трендот дека сѐ повеќе инвеститори вложуваат во непрофитни бизниси? Очигледно, ништо добро. Според најновите податоци, глобалната вредност на обврзниците со негативен принос надмина 16 билиони долари. Заради споредба, тоа е повеќе од четири германски буџети. Понатаму, речиси 25 проценти од обврзниците во оптек се со негативен принос. И додека пред две децении повеќе од половина обврзници имале камата поголема од 5 проценти, денес уделот на таквите обврзници падна под 5 проценти.

Тоа е резултат на политиките на централните банки: купување обврзници, ниски каматни стапки, таканаречено квантитативно опуштање. Накратко, монетарен стимуланс. Но, прашањето е, зошто инвеститорите се насочуваат кон обврзници со негативен принос? Зошто преферираат да загубат пари во замена за сигурност? Затоа што инвестициите во производството или некои други инструменти се сметаат за премногу ризични. Едноставно не веруваат дека современиот капитализам нуди доволно сигурни можности за заработка или се уверени дека следи нов кризен циклус. Се чини дека инвеститорите имаат помалку доверба во капитализмот од просечна троцкистичка секта. Единствената разлика е во тоа што тие, секако, не посакуваат експропријација туку ќе се задоволат со негативни камати од 1 до 2 проценти.

А вие можете да се задоволите со тоа дека во дискусиите на време на семејните ручеци и кога излегувате на пиво не морате веќе да се повикувате на Маркс. Доволни се чистокрвните капиталисти за аргументите да ги направите поубедливи.

Илустрации: Hazem Talaat

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото