Возење автомобили со Жак Лакан

16.09.2019 07:13
 Возење автомобили со Жак Лакан

Во изложбените салони, изложениот автомобил е истражуван со интензивна, љубовна студиозност: тоа е големата тактилна фаза на откривањето, моментот кога визуелното чудо го прима осмисленото пречекорување на допирот (бидејќи допирот е најдемистификаторското од сите сетила, за разлика од видот, кое е најмагичното). Конструкцијата, линиите на спојување се допираат, тапаците се испитуваат, седиштата се испробуват, вратите, перниците се милуваат; зад воланот, човек се преправа дека вози со целото тело. Предметот тука е целосно проституиран, апроприран: потекнувајќи од рајот на Метрополис, Божицата за четврт-час е медијатизирана, актуализирајќи ја низ овој егзорцизам самата суштина на ситно-буржоаскиот напредок.

- Ролан Барт, „Цитроен ДС“ во Митологии (1957)

 

Францускиот психоаналитичар Жак Лакан возел Цитроен ДС. А што друго? Овој автомобил, ни вели Барт, бил вистински магичен објект, совршен фетиш, суштината на слободата, движењето и моќта. И сепак, автомобилите се исто така и знак на нашата безначајност, како проблемот со автомобилските застои, паркинзите, и статистичките незгоди. DS – или Déesse (игра со зборови со иницијалите што го оправдува Барт кога го именува автомобилот како негова Божица) – изгледало дека ја ветува способноста да се вози со целото тело – пропаднатото ветување на сета технологија. Речиси можеме да ја допреме иднината. Речиси.

Лакан ја разбирал заводливата привлечност. Прочитајте било што за животот на Лакан и ќе видите дека е обележувано со приказни за автомобили и возење. Секако постојат апокрифни приказни раскажани за него што циркулирале помеѓу психоаналитичарите и се појавуваат во биографии или анегдотални коментари, но автомобилите јасно биле и подробна текстура на неговата мисла. Речиси секоја студија на случај што Лакан ја споменува – а тие се прилично ретки во дваесети и осумте години семинари кои ја формираат основата на неговото дело – вака или онака на крајот вклучува автомобил, возење и патишта.

Секако, ние, зборувачите на англиски, слушаме друга игра на зборови во „drive“: „drive“(вози) како глагол, нешто што правиме, и „drive“ (нагон) како именка, нешто што влијае врз нас. Дури и ако еквиваленцијата не функционира во францускиот јазик - conduire, pulsion – Лакан сепак се борел против англискиот превод на Фројдовото „Trieb“ во „инстинкт“ - нагон, велел, е единствениот превод со кој може да се бори против таквиот глупав американски Дарвинизам. Но, не ме интересира толку играта на зборови колку фактот дека оваа работа околу автомобилите го прави Лакан малку поприземјен, истовремено сѐ уште давајќи простор за митологија, малку настрана од центарот, подалеку од великиот човек. Сепак, зарем не се работи тука само за момче и неговата играчка?

Не и за Лакан, кој го позиционирал автомобилот во самиот центар на неговата анализа. Лакан имал шестгодишна психоанализа со Рудолф Левештајн, кој самиот бил анализиран од Фројд, а подоцна емигрирал во Њујорк. Тоа не била плодна средба, со Лакан кој се обидувал да го заземе возачкото место:

За да ја илустрира ситуацијата помеѓу него и Левештајн, Лакан ѝ раскажал на Кетрин Мило за инцидент кој се случил во тоа време. Еден ден возел мал автомобил низ тунел кога камион му надошол фронтално од спротивниот правец. Тој решил да продолжи да вози, и камионот се тргнал настрана. Му раскажал на Левештајн што се случило, во надеж да го натера да ја увиди вистината за нивната трансференцијална релација. Но, не добил одговор. И смртоносната борба... завршила во отворен конфликт.

Тогаш новоизбраниот претседател на Франција, Валери Гискард д'Естен зад воланот на ЦИтроен ДС, Париз, 27 мај, 1974

На Лакан му било дадено членство во Париското психоаналитичарско друштво во 1938 единствено како размена за да признае дека друг психоаналитичар пребегнал од Германија, Хајнц Хартман, кој му бил пријател на Левенстајн. Бидејќи ова било наспроти советот на неговиот аналитичар, кој сметал дека на Лакан му требало уште работа, институтот решил да го направи членството на Лакан условено од неговото продолжување на анализата. Наместо тоа, тој брзо ја напуштил истата. Сега имаме бројни огорчени писма во кои Левенстајн отворено се откажува од Лакан – ужасно прекршување на доверливоста, не помалку и на етиката. Необичен факт: кога Лакан евентуално бил исфрлен од Меѓународната асоцијација на психоаналитичари поради неговата употреба на сесии со варијабилна должина (наместо стандардните 45 до 50 минути), Лакан го прогласил аналитичарот кој раководел со комисијата за негов смртен непријател. Овој аналитичар подоцна загинал во сообраќајна несреќа.

Лакан имал две семејства, и неговите две најмлади ќерки, од различни мајки, биле родени со разлика од само осум месеци. Дури и откако ја напуштил својата прва сопруга, Малу Блондин-Лакан, нивните три деца долго време не знаеле за неговата втора сопруга, Силвија Батај, и нивната ќерка, Џудит. Сепак, се случила судбинска средба на пешачки премин. Синот и најмалата ќерка на Лакан го препознале својот татко во неговиот автомобил, но не и жената до него, ниту малото девојче на задното седиште. Кога го повикале и потрчале кон него, тој одвозил. Дури подоцна ќе „спојат два и два“. Кога, подоцна, Лакановата најстара ќерка, Каролин, била убиена од пијан возач, нејзиниот погреб бил еден од ретките прилики двете семејства да се соочат со меѓусебното постоење.

Зетот на Лакан, Жак-Ален Милер, напишал биографски текст за Лакан каде зборува за неговата нетолерантност кон црвени светла, за тоа како постојано ги преминувал. Дури и кога Лакан бил само патник, ако некој одбиел да помине на црвено светло, ќе излезел од колата, ќе преминел преку пешачкиот премин, и морал да биде соберен од другата страна. Наводно, ова било извор на силно вознемирување за неговата ќерка која морала да измислува начини да избегне запирање при возење.

Самиот Лакан возел брзо. Еднаш, ги повел Мартин Хајдегер и неговата сопруга Елфрида, на еднодневно патување до Шартр, во посета на катедралата. Иако Хајдегер му бил херој, Лакан продолжил да вози со својата карактеристична висока брзина и покрај избезумените протестирања на Елфрида. Според приказната, Лакан целосно молчел за време на долгото возење назад, притискајќи сѐ посилно на педалата за гас. 

Катрин Миjо, Лаканова пациентка и љубовница, во нејзината автобиографска книга „Живот со Лакан“, пишувала за тоа како возел: 

Неговата глава навалена нанапред, грабајќи го воланот, третирајќи ги пречките со презир, како што една моја пријателка забележува, никогаш не забавувајќи дури ниту за црвено светло – што се однесува до почитувањето на правилата... па, да не навлегуваме во тоа. Првиот пат, на автопатот, патувајќи со околу 190км/ч, имав напад на смеење кој многу тешко го потиснував. Но дури и да прснев во смеа, воопшто немаше да забележи; беше премногу силно концентриран... немаше поента некој да го моли да забави. Еднаш, неговата поќерка Лоренс доби добра идеја: го замоли да вози поспоро за „да го гледа пејзажот“. Ѝ рекол: „Само обрни повеќе внимание“.

И Миjо и Милер го сметале Лакановиот начин на возење за дел од неговата етичка позиција. Човек мора да ги следи сопствените желби без да допушти инхибиции или норми. Ако мора да застане, нека биде тоа избор; нека не подлегнува под анонимен закон или каприците на туѓите барања. Неговата возачка етика се употребува и за објаснување на неговата граблива консумација на луксузни стоки – Лакан поседувал прилична уметничка колекција, и бил познат по неговата шивачка екстраваганција, од костими по нарачка во необични текстили, до крзна и чевли во ретки кожи. Тоа дури може да објасни и зошто „тврдоглав“ е последниот збор припишан на Лакан пред неговата смрт. Секогаш е ова приказната што се сретнува за Лакан, дел од митологијата за храбриот, бунтовен, немилосрден човек.

Ако се погледне како Лакан зборува за автомобилите во неговите дела, не се работи само за таа митолошка приказна за човекот наспроти законот, туку за нешто повеќе, и повонредно: вистинска љубовна релација со автомобилот, страст со најнеобична форма. Ако Фројд имаше фасцинантна и симптоматична релација со возови – местото каде за прв пат наишол на својата мајка гола и оттаму сцена на одредена трансгресивна, инцестузна возбуда; со чие пренесување открил дека се чувствувал виновен што го надминал татко му во опсегот на неговите патувања; и како резултат на што развил одредена фобија, само делумно разрешена со неговата самоанализа – за Лакан, тоа дефинитивно биле автомобилите. Лакан се шегувал дека иако еден психоаналитички институт, размислувајќи за себе како за школа за возење, може да додели возачка дозвола, не треба ова да го помешаме со знаењето како да се поправи автомобил или како да се „надгледува“ конструкција на автомобил. Психоаналитичарите можеби се еден вид инструктори за возење, но не треба да се помешаат себеси за автомеханичари.Цитроен ДС 19, Франција, 1955

Првата референца на автомобили во Лакановите предавања се појавува во неговиот втор семинар, одржан во 1954-1955. Во група за надзор бил дискутиран еден пациент кој сонувал беспомошно бебе, како желка на неговиот грб. Лакан му рекол на психоаналитичарот, „Детето е субјектот. Нема сомнеж околу тоа.“ Потоа пациентот имал уште еден сон: за пливање во море со посебни карактеристики кои исто така го преворале и во каучот на аналитичарот, перниците на аналитичарот, и, секако, мајката (mère, mer). Додека асоцијацијата на традиционалното психоаналитичко уредување (лежење на кауч, со аналитичарот седнат одзади) со тоа да се биде возен во кола од родителите е доста вообичаена, сонот, вели Лакан, не е навистина за зависноста на децата. Повеќе, се работи за повторувањето на прашање кое беспомошно си го поставуваме во нашите животи: Дали сум законско дете? „Зарем не сум, сепак, твое дете, твое, на аналитичарот?“ Кому припаѓам?

Автомобил повторно се појавува следната година во важен семинар кој го проценува прашањето на психозата во психоанализата. Лакан се обидувал да покаже колку светот станува туѓ за некој кој има психотичен распад:

Ако наиде на црвен автомобил на улица - автомобилот не е природен објект – не е без причина, ќе рече тој, што автомобилот поминал баш во тој миг. Да ја разгледаме поблиску оваа лажна интуиција. Автомобилот има значење, но субјектот е многу често неспособен да одреди какво. Дали е поволно? Дали е заканувачко? Сигурно, мора да има причина што автомобилот е тука.

Црвениот автомобил станува парадигматичен објект на параноја. Како и црвеногушката, може да се претвори во злокобен знак, поттикнувајќи нѐ, накратко, да гледаме црвено. Пред прашањата кои не се лесни за одговор – зошто е овој автомобил овде? Зошто сум јас овде? – потребата да се пронајде одговор навалува во правец на агресија.

Всушност, во неговиот претходен текст „Агресивноста во психоанализата“, напишан во 1948, автомобилот е веќе поврзан со потенцијални чувства на непријателство:

Овие фантазмагории константно искрснуваат во соништа, особено кога анализата изгледа дека се рефлектира од позадината на најархаични фиксации. Тука ќе споменам еден сон раскажан од еден од моите пациенти, чии агресивни нагони се манифестираа во опсесивни фантазии. Во сонот тој се гледа себеси во автомобил, со жената со која имаше прилично тешка љубовна релација, како е бркан од летечка риба чие тело во форма на балон е толку проѕирно што може да се види хоризонталното ниво на течност кое го содржи: приказ на везичко прогонување со огромна анатомска јаснотија.

Човекот се обидува да избега од нешто со неговиот автомобил и тој објект претставува приказ на мочен меур. Автомобилите, според сонот, се како екстернализирани човечки органи – ова е простетичката цел на технологијата и дури и на оружјето, впрочем, „конструкцијата“ за која зборуваше Барт. Лакан замислува дека вечната борба на луѓето едни со други и со своите тела би можело да се разреши во служба на машината, каде „психотехниката“ нема да ни даде друг избор освен да бидеме „возачи на тркачки автомобили и чувари за регулирање електроцентрали“.

Автомобилската тема на Лакан тогаш достигнува ниво на делириум. Започнува да го замислува човекот во обратна Еденска градина, еден вид пекол со механички суштества без никаква форма на регулација:

Помисли на оние мали автомобили кои ги има на панаѓури, кои се движат најбрзо што можат во отворен простор, каде примарната забава е да се судрат со другите. Ако овие автомобили кои треба да се избегнат даваат толкаво задоволство, тоа е бидејќи судирањето едни во други мора да е нешто суштинско во човекот. Што би се случило ако одреден број такви мали машини се стават на патеката. Со секоја од нив обединета и регулирана од присуството на друга, не е математички невозможно да се замисли дека на крајот би ги имале сите мали машини акумулирани во центарот на патеката, блокирани во конгломерат со големина единствено ограничена со надворешниот отпор на оклопот. Судир, сѐ целосно смачкано.

Ова не е само најголем сообраќаен метеж, тоа е приказ на луѓе истуркани, истепани и на крајот смелени до уништување. Сепак, овој дистописки приказ на бесконечни натрупани колички не го спречува Лакан да фантазира за мазната, широка ефикасност на автопатиштата кои ги нарекува „оригиналната реалност“, видлива „фаза во историјата“ споредлива со градењето на римските патишта, што оставило траги кои се „практично неотстранливи“. Автопатиштата обезбедуваат ред, сечат низ просторот, го дистрибуираат и насочуваат животот, нѐ поврзуваат едни со други. Но, што ако нема автопатишта?

Лакан прави голем скок: без нив, вели, може да станеме целосно психотични, присилени да тргнеме по многу мали патишта на кои неизбежно ќе се изгубиме: „онаму каде означувачот не функционира, започнува самостојно да зборува, на работ на автопатот.“ Уличните знаци ќе започнат да ни зборуваат – со други зборови, аудитивни халуцинации. Психотичните фантазии следат трага од значења токму бидејќи, за страдалникот, значењето се распаднало.

Крајот на оваа приказна за автомобилот и автопатот во овој семинар е доста убав, следејќи ги начините на кои реченицата „Ти си оној кој ќе ме следи“ може да биде разбрана. Може да биде нападна наредба. Но може да биде и блага покана кон непознатото. Го каниш другиот да те следи, да биде, во суштина, психоаналитичар – речи било што, речи сѐ, и тргаме. Личноста која топло ги прифаќа твоите зборови, вели Лакан, е некој во кого навистина можеш да се заљубиш. Тоа може да ти го промени правецот. Да те извлече од ужасното натрупување на меѓучовечки прогонувања. Психоаналитичарот може да нѐ спаси од автодеструкција.

Во семинар насловен „Копнежот и неговите интерпретации“, Лакан опишува случај од британската психоаналитичарка Ела Фриман Шарп. Започнува со важен сон кој вклучува пештера со еден вид прекривка:

Мојот ум, продолжува тој, се навраќа одново на прекривката и се сеќавам на првиот автомобил во кој некогаш сум бил. (Но, во тоа време секако не се нарекуваше автомобил бидејќи предметов на разговор е многу стар.) Епа! Прекривката на овој автомобил беше една од најочигледните карактеристики. Беше повлечена наназад кога не се употребуваше. Внатрешноста беше опшиена со скарлетно црвена боја. И продолжува: Врвот на брзината за тој автомобил беше околу шеесет. (Зборува за овој автомобил како да зборува за животот на автомобилот, како да е човек). Се сеќавам дека ми се лошеше во овој автомобил, и тоа ме потсетува на времето кога морав да уринирам во хартиена ќеса кога како дете бев на воз. Сѐ уште размислувам за прекривката.

Ела Фриман Шарп набрзина ја интерпретира стандардната Едиповска фантазија на пациентот (автомобилот го претставува копнежот по неговата мајка, пештерата со прекривка е нејзината вагина), проследена со уште една од асоцијациите на пациентот – страв да не му се расипе автомобилот и да се запре процесијата на Кралот и Кралицата. Лакан, од друга страна, ја напаѓа оваа интерпретација како избрзана и банална: „Она што, напротив, ми делува многу впечатливо, е токму функцијата на автомобилот... Субјектот е во автомобил, и далеку од тоа било што да одвои со ова запирање... сѐ запира, тој ги запира останатите... во единствен автомобил кој ги опфаќа како прекривката во неговиот автомобил.“ Пациентот сака да го запре сиот говор и да ги држи сите на врвот од нивната брзина, додека останува заштитен во автомобилот. Говорот е разоткривачки, говорот ги прави другите помалку семоќни, говорот нѐ успорува.

Пациентот на крајот доаѓа и ѝ кажува на Шарп дека го сакал својот автомобил утрото, и иако не му бил потребен, прилично се разлутил што механичарот не завршил со поправката. Аналитичарката го поздравува овој копнеж како гулабот што долетува до арката на Ное, и Лакан вели, тој „целосно“ се согласува со неа:

Таа ја разбира важноста дека тој копнеж, поточно, она што е присутно во животот на субјектот како копнеж, е карактериизан од неговиот немотивиран карактер – тој нема потреба од овој автомобил; фактот што ѝ ја изјавува оваа љубов, што ова е прв пат таа да чуе таков дискурс, е нешто што се прикажува неразумно во дискурсот на субјектот.

Пациентот го сака својот автомобил, му се допаѓа неговиот автомобил, го обожава, всушност. Тој зборува за него како да е жив. Таткото на пациентот починал од рак кога овој бил прилично млад и Шарп вели дека тие конечно стигнале до точката каде тој не само што го замислувал својот татко жив, туку и како зборува. Но, она што таткото рекол било застрашувачко: „Роберт мора да го заземе моето место.“ Лакан ја толкува оваа изјава како барање: биди онаму каде што сум, каде што умирам. Тој невротично исполнувал – парализиран, со мачнина од возење во автомобил, скршен. Посакувајќи го автомобилот, сакајќи го набрзина поправен, овој чудесен знак на копнеж, конечно го води во надминување на заплашувачката таткова наредба.

Најексплицитниот момент кога Лакан го теоретизирал автомобилот се појавува во неговиот семинар на тема „Трансференција“ во 1960-1961. Тој јасно вели дека релацијата помеѓу човекот и автомобилот е спојката помеѓу идеал-егото (супер-егото, во смисла на морални барања и нарцистички слики) и его-идеалот (сингуларните карактеристики на копнежите на нашите родители со кои можеме да се идентификуваме), а аналитичарот мора решително да е на страната на второво. Ако аналитичарот ја заземе позицијата на супер-егото, тоа ќе биде „идеално его на истиот начин на кој човек вели дека еден автомобил е идеален автомобил: тоа не е идеалот на автомобилот, ниту сонот на автомобилот кога е сам во гаражата - тоа е навистина добар и солиден автомобил.“ Но, не постои „навистина добар и солиден автомобил.“ Не сме тука, како психоаналитичари, да коментираме за градбата на автомобилот како добар, солиден, нормален или не. Подобро е да сонуваме за автомобилот. Или да посакуваме пациентот да сонува за автомобилот.

Лакан бил многу заинтересиран за разликата помеѓу идеал-егото и его-идеалот во Фројдовата концепција за психата и развојот на цивилизацијата, особено проблемот на она што Фројд го нарекувал групна или масовна психологија. Его-идеалот е полн со желби кои се историски и специфични, додека супер-егото ги потиснува тие либидинални врски и ги хомогенизира индивидуите во замислен групен идентитет – како кога некој размислува за себе дека е „навистина добар и солиден“ Христијанин или конзервативец или брегзитер:

Идеалното его е синот и наследникот зад волан на неговиот мал спортски автомобил. И со тоа ќе ви покаже малку од пејзажот. Ќе го игра паметниот глупак. Ќе си допушти да си го задоволи вкусот за преземање ризици, што не е нешто лошо, неговата љубов за спортот, како што велат. И сѐ ќе се состои во знаењето какво значење му доделува на овој збор спорт, дали спортот не може и да им пркоси на правилата, не велам само правилата на патот, туку и оние безбедносните. Во секој случај, ова навистина е распонот во кој тој ќе мора да се покаже како подобар од останатите, дури и ако ова се состои од кажување дека малку претерал. Ова е идеалното его.

Да се бориш против таткото зад воланот на твојот „спортски автомобил“ со цел да докажеш кој е подобар е различно од обидот да се добие саканиот објект со автомобил, или да се љуби автомобилот. Ова е „страничната врата“ од која сите се обидуваат да излезат кога се работи за таткото (или, да речеме, демагошки лидер). Бараме излез од нашата вплетканост со авторитетот. Психоанализата сака да го постигне тоа со субвертирање на таа игра на идеал-автомобилот со автомобил-идеалот, автомобилот како преносител на љубовта и копнежот, не нивна опресија.

Малку подоцна во истиот семинар, како странична забелешка, Лакан дискутира некој човек кого го сретнал (не на психоанализа) кој му се отворил за нештата кои го засегаат срцето. Вели дека овој човек бил „особено богат човек.“ Еден ден, „турнал некого на улица со браникот од неговиот голем автомобил. Иако секогаш возел многу внимателно“. Жената која ја турнал била многу убава; таа ги прифатила неговите извинувања, неговите обиди да ја плати штетата, и понудата за средба, прилично студено.

„Накратко, онолку колку што тешкотијата да добие пристап до овој чудесно пронајден објект станувала поголема, идејата растела во неговиот ум,“ објаснува Лакан. „Си велел себеси дека тука постои нешто со вистинска вредност. И токму поради оваа причина сето ова го повело во брак.“ Ако љубовта треба да оди над нарцистичките слики за она што е вредно, тоа не е случајот со овој човек кој акумулирал „добра и заслуги.“ Оваа жена која чудесно ја сретнал била идеал-автомобил, поради што, откако влегле во брак, откако ја добил, сакал да ja држи блиску, заедно со сите драгоцености кои ѝ ги купувал. По некое време, жената го напуштила со некој прилично сиромашен инженер.

Во еден од ретките, долги случаи дискутирани од Лакан на неговиот семинар за Акнсиозноста од 1961-1962, се појавува, повторно, автомобил. Лакан ја раскажува приказната за една жена која била на анализа кај него и се наоѓа себеси на дистанца од нејзиниот сопруг, за кого постојано се жалела дека постојано бил наоколу:

И еве ја сега, како зборува за нејзината состојба. Таа зборува за тоа, за промена, со необична прецизност, што го истакнува фактот дека набрекнатоста не е машка привилегија. Оваа жена, чија сексуалност е прилично нормална, набљудува што ѝ се случува ако, додека вози, на пример, светнува предупредување од објект во движење што ја прави да си рече нешто слично на „Боже, автомобил!“ Па, необјасниво, ја забележува присутноста на вагинално набрекнување.

Тој тврди дека кога жена е блиску до вакво оргазмично задоволство, таа е поблиску до светот – „повистински и пореално“. Она што го посакува е она што е присутно, дури и ако е тоа само автомобил кој минува покрај неа.

За оваа жена на анализата, вели тој, автомобилот бил поврзан со исполнетоста со значење на светот сам по себе, наместо со некое конкретно значење, особено онакво што би претставувало опасност да додаде кон фикцијата на сопството, да го заплетка човека таму. Исто така, пациентката вели, ова се случува бидејќи може да дојде и да му раскаже на својот аналитичар за сето тоа. Ова е точката до која дошла во нејзината работа со Лакан: автомобилот како сигнал, не на анксиозност, туку на копнеж кој е практично празен, но бесконечен, и поради тоа бесконечно подвижен.

*

Последното споменување на автомобили кај Лакан се случило за време на настаните од мај 1968. Лакан го преместил својот семинар во Вансен, каде студентите имале воспоставено експериментален универзитет. Постои одредено несовпаѓање во однос на она што точно кажал (сите негови семинари се транскрибирани од снимки) - дали извикал дека видел триесет и шест автомобили, или триесет и шест полициски автомобили, при неговото возење до таму. Како и да е, ги молел студентите да не ја помешаат силата на овие автомобили – нивниот приказ на волја – за вистинска моќ; иако признал дека навистина оддаваат жива илузија дека некој е главен. Од 1948 до 1968, бил достигнат целосен круг, автомобилот конечно повикувал дистописка слика за светот.

Лакан се обидел да ги научи студентите како психоанализата поинаку размислува за моќта – не се работи за силата како моќ, туку за моќта на јазикот, на обраќање кое може да остави белег. Но студентите постојано го прекинувале, велејќи дека треба да престане да зборува и да излезе на улиците. До крајот на средбата, на Лакан му се смачило. Им рекол дека изгледа дека бараат господар и покрај нивните протести, и ако тоа го сакаат тогаш сигурно ќе го добијат. Тој дошол да им каже како психоанализата била радикална практика – дека може да им помогне – но не сакале да чујат ништо освен сопствените поплаки.

Лакан не верувал дека може со побуна да се излезе од опресијата. Психоанализата креира промена во дискурсот која, верувал тој, е единствениот начин да се промени нешто во реалноста, или барем да ја промени нашата релација со реалноста. Им рекол на студентите да одат да напишат нешто интересно, бидејќи тоа би имало најдолговечни ефекти. Не е тешко да се замисли дека се потсмевале на она што им изгледало како зборови на конзервативен старец.Превртен автомобил после ноќ на бунтување, Париз, Франција, 11 мај, 1968

Лакан имал шеесет и седум години во 1968. Продолжил да предава и да пишува уште тринаесет години но никогаш повторно јавно не споменал автомобили.

И откако автомобилот исчезнал, во неговите последни семинари, размислувањето на Лакан го променило правецот. Оставени сме со проблемот на „нагонот“ без неговото возило, и можеби поради тоа наидуваме само на разговори за патишта, мапи, површини и топологија. Доцните дела на Лакан секако биле помалку исполнети со ублажувачкиот капацитет на јазикот и копнежот врз човековите непријателства; ниту пак тој верувал повеќе во моќта на системот на автопатишта, кој, како добар татко, можел да помогне да се исправат нештата или да внесе малку ред во светот.

Како после 1968-та Лакан да се откажал од колективните идеи бидејќи се сомневал дека сите тие ги продуцираат истите проблематични параноидни групни ефекти, од страста за водачот и масовна хистерија, до расизам и други непријателства вкоренети во различноста. После политичките катастрофи и разочарувања од 1960-тите и 1970-тите, многу следбеници на Лакан ја предвиделе појавата на повеќе форми на психоза во општеството.

Ако раната психоанализа нешто ни покажа, тоа е дека може да се најдат индивидуални решенија, но тоа бара време. Не треба да бидеме во толкаво брзање да го уништиме она што постои; тоа само ќе ја отвори вратата кон нешто полошо, Лакан ја предупреди својата публика. Психоанализата, преку методологијата на Лакан, ќе престане да го расклопува идеал-егото во обид да го најде финиот, бенигнен его-идеал; наместо тоа, мора да се обиде да создаде нешто целосно ново, без никаква гаранција дека може да го направи тоа. Ова може да го наречеме сублимација.

Па, може ли автомобилот да ја субвертира својата фетишистичка вредност, своето изневерено ветување, својата фантазмагорична тенденција кон непријателство и избрзување? За Лакан, можноста секогаш постоела. Автомобилот како молба до другиот: следи ме, да одиме! Автомобилот како нешто за што може да се сонува, да се употреби за да се избега од сопственото семејство, или било кој групен идентитет, поради она што го прави со нашиот капацитет да се чувствуваме живи. Автомобилот како знак за животот на говорот, знак за она што може да нѐ трогне. Преку Лакановата подробна дваесетгодишна љубовна релација со автомобилот, набљудуваме како значењето што тој го содржел за него енергично се празни во животот – така што се претвора речиси само во чист копнеж. Но, со неговите последни појавувања за време на настаните после мај 1968, автомобилот од сон за ослободување и блаженство се враќа на тоа да биде проблематичен идеал, волја за моќ чија деструктивна мисија е тешко да се закочи.

Му верувам на овој Лакан, а сепак ми недостига другиот Лакан и неговото чувство за автомобилот и за тоа каде и како може да нѐ пренесе. Која е вистинската приказна? Оној Лакан кој презирал црвени светла? Или Лакан возачот на тркачки автообили? Оној Лакан кој го обожавал автомобилот? Или оној Лакан чиј автомобил-идеал постојано бил под закана? Лакан на автомобилот што исчезнува?

Често пишуваме или размислуваме за она што го посакуваме, не нужно за она што постои – иако она што постои истовремено и го одредува, на начини кои често не ги гледаме, она што го посакуваме. Можеби Лакан посакувал нешто поинаку од неговата сопствена немилосрдност - за себе, за неговите блиски, неговите колеги, неговите пациенти, можеби за целиот свет. Психоанализата, повторувал кон крајот на неговиот живот, веројатно ќе исчезне во светот. Прекревка е за тоа.

Извор: https://www.nybooks.com

 

 

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото