1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Споделете искуство на сексуално вознемирување на јавен простор: непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа коишто сте ги доживеале на улица, јавен превоз, влез во зграда, лифт, такси превоз... Овие исуства се секојдневни, но не смее да бидат нормализирани!
Идејата на оваа иницијатива не е само да се споделат овие искуства, туку да се покаже колку тоа влијае врз слободата на нашето движење низ јавните простори, начинот на кој ги користиме и колку ги користиме тие јавни простори. На пример, дали претрчуваме или се движиме спокојно, дали одиме пешки во куси релации или трошиме пари за такси, дали се преправаме дека зборуваме на телефон кога се чувствуваме загрозени, избегнуваме некои локации, внимаваме како се облекуваме, носиме средства за евентуална самоодбрана и слично.
#СегаКажувам #КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj
Румена Бужаровска
Имам уплав од јавен превоз. Ни во парк одамна не одам.
Имам уплав од јавен превоз. Небројни пати ми се случило во гужва во автобус да осетам како непознат возбуден маж ми се лепи од позади (еднаш во присуство на мајка ми), или дури да ми мастурбира карши мене или буквално исправен до мене додека седам, значи - речиси во лице. Имам уплав од ноќниот автобус кон Белград оти ми се случи да се разбудам од допир на задникот и маж надвиснат зад мене, меѓу двете седишта каде што бев легнала. Се преместив, наместо да ги алармирам возачите кои исто сомнително се однесуваа со младите девојки во автобусот, оти и од возачите ми беше страв, па се плашев дека само ќе го истепаат манијакот и ќе испадне дека тие ме „спасиле“, а згора на тоа јас ќе сум виновна за физичка пресметка. Ни во парк одамна не одам. На секое одење наидував на маж што мастурбира.
Бојана Јовановска
Нема да престанам да трчам, но не се чувствувам безбедна
Секое трчање сама на кеј ми е приказна за себе и многу често непријатна. Следење со точак од страна на чичкото со соблечена маица, дечкото што пробува да ме стигне и да ми прави муабет за тоа колку добро трчам, тој што оди директно во мене и ми застанува на патот за да ми каже браво или во поминување да ме удри по задникот. Оној горе што седи на клупата со раката во панталоните додека ми упатува некои гнасни зборови или што се кара со мене дека не сум го послушала како треба правилно да трчам. Или таксистот што застана со колата на пат за кејот и излезе да ме застане за да ми дава совети за трчање.
Никогаш нема да престанам да трчам, но никогаш не се чувствувам безбедна.
Илина Арсова
Средба со беззабиот „ренџер“
Лето 2019, Наплатна станица НП Галичица. Вработениот, кој себеси се нарекува „ренџер“, со цигара во устата приоѓа:
- „Кј си ма? Каде вака?“
- „Одиме да качуваме на карпите.“
- „Која ти е оваа?“
- „Пријателка“ - велам, сеуште културна кон овој дрзок и непрофесионален човек.
Тој, лицето на националниот парк, го фрла отпушокот на улица и ми вели:
- „Аууу што би ви правел и на двете.“
Ми се гади од муабетов, му велам: „Како не ти е срам старчуго без заби“ - а тој уште толку полн со себе: „Ам шо ми фалит, за лижење не требет заби!“
Sandrine Bleu
Не можеш да добиеш заштита ни од тие што треба да те штитат!
Вечер, школски двор во Центарот на градот, со другарка пиеме пиво и си муабетиме. Доаѓаат неколкумина видно помлади млади момчиња и почнуваат да дофрлаат. Доаѓаат поблиску и велат, сакаат да се запознаеме; културно им велиме дека не сакаме, дојдени сме да си направиме муабет. Почнаа со навреди и едниот, видно изнервиран зошто сме се „занесувале и дигале“ дојде блиску до мене и ми удри бокс! Да, бокс, од нигде никаде!
Бев шокирана, сите бевме шокирани. Тие се разбегаа а ние двете правец во Полициска станица, да пријавиме.
Таму беше уште една голгота: зошто сме надвор, зашто сме биле сами, ама сигурно ли ништо не сме направиле, а зошто не сме дома во ова време...
Како студентки по право и тоа како се изнервиравме од однесувањето на полицаецот, бидејќи повеќе беше заинтересиран зошто сме ние надвор, отколку зошто некој од нигде никаде е насилен и удира.
И затоа, не само што не можеш да се заштитиш од мачо ликови туку не можеш да добиеш заштита ни од тие што треба да те штитат! Ќе си добиеш лекции кои ниту си ги барала ниту е нивна работа да ги делат!
П.С. Школото беше Јосип Броз, полициската станица Беко, мачо момците можеа да бидат пресретнати за минута, но полицајците избраа мене да ме малтретираат уште час и половина.
Сибел Амет
Сите вознемирувачки искуства ги чувствувам како еден мачен и бескрајно долг ден
Сите вознемирувачки искуства ги чувствувам како еден мачен и бескрајно долг ден кој започна со обид за силување на осум години. Па комшијата што си го дркаше зад грмушка додека ми правеше муабет. Па професорот на факултет кој ме поучи: ако доаѓам на предавања може ќе си фатам дечко. Па свиркање од чичковци на Битпазар. Па уште еден дркаџија во 19ка. Па полицаецот што ми земаше лични податоци и ме адна на фејсбук после 10 минути. Па таксистот што ме враќаше дома со другарките и ме фати за колено на искачање и ми побара број и од тогаш секое враќање дома навечер е со клучот во рака за недај боже.
Отспиј. Утредента пак од почеток.
Кон вториот дел.
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
#СегаКажувам #КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj
Слики: Michelle Kingdom