„Зловесен дол“ - краток научно-фантастичен филм

16.09.19 13:57

  Алекс Прагер (Alex Prager, 1979) е американска фотографка и режисерка препознатлива по нејзината кинематографска фотографија со хиперреална естетика на стариот холивуд. Нејзините фотографии пред сѐ користат сценски актери, модели и аксесоари за да креира детално дизајнирани мизансцени. Во нејзините дела често користи тренирани актери во сценирани поставки, кои глумат двосмислени мелодраматични наративи во разнобојни костими. Со време, Прагер ја проширила својата практика на филм. Во својата филмографија ги проширува реалностите на своите фотографски дела, допирајќи ги темите на отуѓувањето во современиот живот.

Во 2011 го режирала „Допир на злото“, видео серија со дел од најдобрите филмски негативци таа година за Магазинот Њу Јорк Тајмс, за која освоила Еми награда во 2012. Помеѓу останатите нејзини признанија е наградата Пол Хаф од Фоам Музејот на фотографија во Амстердам во 2012. Нејзините дела можат да се најдао во институции низ светот како Музејот на модерна уметност во Њу Јорк, Витни Музејот на американска уметност во Њу Јорк и Елгиз музејот на современа уметност во Истанбул. Живее и работи во Лос Анџелес.

Во овој триминутен научно-фантастичен филм, Прагер успева да постигне повеќе од повеќето блокбастери. Филмот брзо воспоставува атмосфера и тон со мрачната музика, неконвенционалните кадри и исечоци од весници расфрлани по тротоарот кои му кажуваат на гледачот дека светот е преплавен со андроиди со напредна вештачка интелигенција. Кејт Бланшет го глуми главниот лик-андроид. Филмот е уникатен и ефективно пренесува комплексна приказна. 

 

Извор: https://www.alexprager.com/

ОкоБоли главаВицФото