Новинарство и демократија

17.09.2019 00:41
Новинарство и демократија

Волтер Кронкајт еднаш има напишано дека „демократијата не може да функционира без новинарство“. Апсолутно имеаше право и заради тоа мораме да одговориме на нападите кои денес ги трпи новинарството. Нападите доаѓаат од три страни – од Вол стрит, милијадерите, Силиконската долина и од Доналд Трамп и мора да се преземат конкретни мерки за да ги спречиме.

Вистинското новинарство се разликува од трачарење, од пропаганда и „кликбејт“ кои денес доминираат со вестите. Вистинското новинарство, според Џозеф Пулицер, е напорна работа на известување кое се „бори за напредок и реформа, никогаш не ги толерира неправдата или корупцијата и секогаш се бори против демагозите“. Пулицер вели: „Новинарството секогаш мора да се спротивставува на привилегираните класи и крадците на јавните пари, никогаш не смее да недостасува сочувство со сиромашните, тоа секогаш мора да остане верно на јавното добро, никогаш не смее да се задоволи со просто печатење вести, секогаш мора да биде потполно независно и никогаш не смее да се колеба дали да ја нападне неправдата, како онаа во вид на предаторската плутократија, така и онаа во вид на предаторската сиромаштија“.

Кога имавме вистинско новинарство, имавме и разоткривање и соочување со злосторствата како Вотергејт што доведе до антикорупциски реформи. Кога недостасуваше вистинското новинарство, злосторствата како измамите со хипотеките проаѓаа незабележано и неказнето за да на крајот доведат до катастрофална економска криза која ги уништи животите на милиони Американци.

Вистинското новинарство бара значителни финансиски средства. Една од причините зошто денес во Америка немаме доволно вистинско новинарство лежи во тоа што на многу медиуми им се скратуваат средствата од истите оние сили кои го ограбуваат нашето стопанство.

На пример, две корпорации од Силиконската долина – Фејсбук и Гугл, контролираат 60 отсто од целиот пазар на дигитално рекламирање. Тие ја искористиле монополската позиција за да медиумските куќи им ги одземат приходите од рекламите. Истражувањето што неодамна го спроведе Алијансата за медиуми открива дека во текот на 2018 година, приходите на печатот опднале, а дека истовремено Гугл заработил 4,7 милијарди долари од известување за кое не платил.

Во исто време, корпоративните конгломерати и лешинарите од хеџ фондовите ги купија и ги консолидираат осиромашените локални весници и ги опустошија нивните редакции – цело време плаќајќи им огромни плати на менаџерите. На пример, предложеното спојување на Генет со куќата на Гејтхаус медиумите стотици изданија ќе стави под контрола на една мега корпорација и ќе ги укине „синергиите“ во вредност од 300 милиони долари - што е корпоративен еуфимизам за отпуштања. Мет Пирс, репортер на Лос Анџелес Тајм констатира дека „новиот директор на Генет/Грејтхаус уште првиот ден на работа ќе добие четири и пол милиони долари во бонуси и акции.

Овие трендови резултираа со десеткување на новинарството. Во текот на последните 15 години, повеќе од 1400 заедници ширум земјата ги изгубија своите локални весници врз кои во известувањето се потпираа локалните телевизии и радио станици, како и дигиталните портали за вести. Од 2008 година, редакциите на весниците изгубиле повеќе од 28 000 вработени, а само минатата година биле отпуштени 3200 медиумски работници. Денес, на еден новинар доаѓаат шестмина луѓе што работат во ПР-от, неретко туркајќи ја корпоративната приказна.

Токму во моментот кога ни се потребни повеќе новинари кои ќе пишуваат за кризата во здравството, за климатските промени и за економската нееднаквост, телевизиските пропагандисти добиваат десетици милиони долари да брборат за фриволните политички трачеви, додека локалните весници се сотираат.

Негативните последици од овие трендови е лесно да се предвидат: како што констатира зедничкото истражување на Универзитетите Нотр Дам и Илиноис, кога ќе се испразнат новинарските редакции, вкупната цена што ја плаќаат даночните обврзници – расте зашто има сè помалку новинари кои ги контролираат трансакциите на власта. Истражувањето што го спровела организацијата Фокус за сиромаштијата, открило дека милиони Американци едвај спојуваат крај со крај, но новинарските редакции со мали буџети упорно го игнорираат овој проблем.

Навистина, кога кога ќе го прочитаме воведникот на Мајами Хералд за Џефри Епстајн или храброто известување на Чарлстон газет мејл за опијатската криза, се уверуваме дека сè уште добрите репортери успеваат да ги надминат препреките и да произведат квалитетно новинарство што ги контролира моќните, ја разоткрива корупцијата и ја преиспитува статус кво состојбата. Но исто така знаеме дека овие успеси премногу често се исклучок, наместо да бидат норма.

Исто така, знаеме и дека благодарение на Доналд Трамп работите стануваат уште полоши. Трамп е патолошки лажливец кој во својот мандат упорно ги демонизираше новинарите што се осмелуваа да ги раскринкаат неговите лаги. Работата да биде уште полоша, тој новинарите ги нарече „непријатели на народот“ во смислен обид да ја уништи самата идеја за слобода на новинарството.

Авторитарното малтретирање на Трамп на медиумите е сосема неприфатливо и тоа мора да се осуди и отфрли. Но да нема забуна: тоа само по себе нема да ја реши кризата на новинарството. Натамошното ширење на олигархиските модели на работење во медиумската индустрија може работите да ги направи многу полоши.

Денес, по децении на консолидација и дерегулација, една мала група компании контролира сè што гледате, читате и симнувате од интернет. Имајќи го тоа предвид, не би смееле да допуштиме уште поголем дел на слободните медиуми да потпадне под контрола на грст корпорации и „добронамерни“ милијардери кои можат да ги користат своите медиумски компании за казнување на критичарите и сокривање на сопствените активности од контролата на јавноста.

Не треба да нè изненадува тоа што телевизиските станици кои зависат од фармацевтските реклами вредни четири и пол милијарди долари годишно, секојдневно претставуваат розова слика на нашиот дисфункционален здравствен систем, но никогаш не овозможуваат чесно претставување на предлозите како универзална здравствена заштита, иако анкетите покажуваат дека убедливо мнозинство на Американците го поддржува овој предлог.

Корпоративните медиумски организации, спонзорирани од рекламите за фосилни горива со задоволство ќе обезбедат платформа за гости кои нагласуваат дека нашата олигархиска економија е навистина извонредна; меѓутоа, како што покажуваат истражувањата, истите овие медиуми неретко го намалуваат значењето на климатските промени кои се резултат на дејствувањето на нивните спонзори.

Медиумските платформи во сопственост на Дизни и Џеф Безос подготвено ќе ги промовираат филмовите на Дизни и плановите на Безос за истражување на вселената, но не можеме од нив да очекуваме доследно и агресивно да известуваат за борбата на работниците за подобри надници во компаниите на Дизни или кај Безос. Всушност, во еден случај видовме дека Вишингтон пост, весник во сопственост на Безос, се обиде да казни новинар кој побарал поголеми плати во весникот.

Одново мора да изградиме и да го заштитиме разновидните и навистина слободни медиуми за да можат вистинските новинари да ја извршуваат својата критичка работа што ја сакаат и која е неопходна за функционирањето на демократијата.

Кога ќе станам претседател, мојата администрација ќе спроведе мерки кои ќе ја реформираат медиумската индустрија и ќе овозможат подобра заштита за независното новинарство на лоално и национално ниво.

За почеток ќе ги укинеме обидите на администрацијата на Трамп да ја олесни консолидацијата на корпоративните медиуми. Нема да одобруваме предлози како новиот план за спојување на CBS со Viacom во гигант тежок 30 милијарди долари.

Долго се спротивставував на медиумската консолидација и бев единствен од само шеснаесетина членови на американскиот конгрес кои се спротивставија на катастрофалниот Закон за телекомуникации од 1996 година, кој забрза овој процес. Мојата администрација ќе стави итен мораториум за одобрувањето на спојување на големи медиумски корпорации, кој ќе важи сè додека не бидат познати последиците на ваквите трансакции за нашата демократија.

Во духот на постоечките федерални закони, ќе бараме од големите медиумски корпорации да откријат дали нивните трансакции ќе вклучуваат и отпуштање на голем број новинари.

Исто така, ќе бараме вработените да добијат прилика да ги откупат медиумските платформи преку акции пред да дојде до какви било идни спојувања – што е иновативен модел на работење кој првпат е испробан токму во медиумската индустрија.

Во федералните агенции ќе спречиме донесување одлуки за медиумска консолидација и дерегулација кои би можеле да имаат негативни последици за малцинствата и жените. Како што констатираше непрофитната организација за контрола на работата на медиумите „Free Press“: „Жените и расните малцинства се недоволно застапени меѓу сопствениците на дозволи за емитување“. Оваа група истакнува дека тоа е последица на фактот што Федералната комисија за комуникации (FCC) одобрила спојувања на медиумски компании, а „не зела предвид како таквата концентрација на сопственост влијае врз шансите за жените и припадниците на расните малцинства“.

Кога нашата администрација ќе постави ново, прогресивно раководство во FCC, ќе ги поништиме сите досегашни одлуки на администрацијата на Трамп кои ги загрозуваат традиционалните правила за сопственост на медиуми. Трамп дозволи истовремено да се поседуваат весници, телевизиски и радио станици; исто така тој одобри поседување на поголем број ТВ станици на ист пазар. Штетата од ваквите одлуки би можела да биде огромна: „Теориски овие промени би овозможиле еден емитер истовремено да биде сопственик на повеќе локални весници и на вашите две најголеми локални ТВ станици и при тоа да управува со уште неколку други станици преку договори за учсетво – претворајќи ја вашата заедница во град со само една редакција“, велат од „Free Press“.

Ние ќе го направиме токму спротивното: повторно ќе ги воспоставиме и зајакнеме правилата за сопственоста над медиумите и ќе го ограничиме бројот на станици што можат да бидат во соопственост на големи корпоративни емитери. Исто така, ќе им наложиме на федералните агенции да го истражат влијанието на консолидацијата во печатот, телевизиите и дигителните медиуми, за да одредат дали е неопходна понатамошна антимонополска акција.

Покрај тоа, ќе го спроведеме мојот План за демократија на работното место, кој ќе ги зајакне храбрите напори на медиумските работници да формираат синдикати и колективно да преговараат со работодавачите. Јас повеќе пати јавно сум ги поддржал напорите на новинарите да формираат синдикати. Синдикатите не само што се борат за палтите и придонесите на медиумските работници, туку можат подобро да ги заштитат вработеите од корпоративните политики на кои целта им да ги спречат новинарите да ги истражуваат сопствениците на медиумите и нивните огласувачи.

Конечно, кога станува збор за Силиконската долина, ќе поставам нов главен обвинител, како и службеници на Федералната трговска комисија кои построго ќе ги спроведуваат законите против гигантите како што се Гејсбук и Гугл, за да ги спречат да ја користат својата огромна пазарна моќ за канибализирање и мамење на медиумските организации. Монополската моќ на овие гиганти особено им наштети на малите независни медиумски платформи кои не поседуваат корпоративна инфраструктура што би им овозможила да се одбранат.

Исто така, мора да пронајдеме и нови начини да ги зајакнеме медиумските организации за колективно преговарање со монополистите на интернет, а треба да го разгледаме воведувањето на данок на таргетираните реклами, како и користењето на средствата од овие даноци за финансирање на непрофитните медиуми насочени кон заштита на јавните добра. Ова би бил дел од поширок проект на супстанционално зголемување на фондовите за финансирање на јавните медиуми кои собираат вести на локално ниво, на начин на кој многу други држави веќе ги финансираат независните јавни медиуми.

Првиот член на нашиот Устав експлицитно ја штити слободата на медиумите затоа што основачите го разбирале значењето за демократијата на новинарството. Не можеме да дозволиме повеќе од два века од потпишувањето на уставот, корпорациите , милијардерите и демагозите да ја униѓтат четвртата власт, ниту смееме да им дозволиме сериозното известување да го заменат со „инфотејнмент“ и пропаганда.

Мора да преземеме соодветни чекори и ако го направиме тоа, знам дека ќе успееме. Можно е да се обноват медиумите за какви што сонуваа Волтер Кронкајт и Џозеф Пулицер и какви што денес на Америка ѝ се попотребни повеќе од кога и да е порано. Тоа и ќе го направиме.

Слики: Eda Gecikmez

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото