„Метафори“ - изложба на Илија Прокопиев во студио PrivatePrint

17.09.2019 00:52
„Метафори“ - изложба на Илија Прокопиев во студио PrivatePrint

„Метафори“ на Илија Прокопиев е изложба со процесен карактер, која ќе се случува во наредниот период од две недели. Затворањето на изложбата, на 28 септември, истовремено, го назначува и крајот на процесот на поставување на изложбата.

Авторот, во улога и на куратор на изложбата, ја третира изложбата како процес низ кој таа постепено се обликува. Целото поставување добива карактер на настан отворен за публиката, а кој се одвива по нецелосно осмислен план. Предметноста во изложбата e составена од негови дела создавани во изминатиот период, најразлични предмети и конструкции, кои тој во контекстот на изложбата ги дефинира како метафори.

Со оваа изложба Прокопиев ги доразвива гледишта на сопствената практика како движечка, фрагментарна и непостојана, подвлекувајќи дека практикувањето на уметноста во културните периферии или во општества со слаба културна инфраструктура се катализира преку личното искуство.

Изложбата „Метафори“ на Илија Прокопиев е дел од програмата „Изложби од соседтвото“ на Студиото PrivatePrint и е кофинансирана од Министерството за култура на република Северна Македонија.

Работно време
Секој ден од 12 до 18 часот
Затворање: сабота, 28 септември 2019, од 12 до 18 часот