1003 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:03
Колкумина од вас сонувале да станат режисери и да снимат свој филм? Колкумина од вас снимиле филм на својот мобилен? Првиот меѓународен фестивал за филмови снимени на мобилен телефон „Мобил Фестивал“, веќе ги објави условите за пријавување на фестивалот.
На Првиот Фестивал на филмови правени на мобилен телефон „Мобил Фестивал 2010“, сите тие ќе можат да ја покажат својата духовитост и иновативност во однос кон документирањето на настани, ситуации и ликови кои се колоритот на нашето секојдневие.
Можностите на мобилниот апарат во комбинација со желбата за создавање на филмови, се главните мотиви за компанијата КТ Филм & Медиа и Младинскиот Културен Центар од Скопје го организираат Првиот интернационален фестивал на филмови снимени на мобилен „Мобил Фестивал“. Целта им е да промовираат нов медиум за лансирање на нови филмски форми и да се створат услови кои ќе мотивираат млади автори, да снимаат и документираат факти и ситуации со својот мобилен.
Мобилниот телефон веќе не е само обично средство за комуникација. Со многуте дополнителни технолошки алатки, тој е и средство за креативно изразување. Со вградената камера веќе секој може да сними сопствено видео што е огромна демократизација на филмскиот медиум, најскапата и логистички најсложената уметност.
Во таа смисла снимањето на филмови на мобилен телефон е форма за израз наменет за сите, кои лесно можат да ги надминат сите ограничувањата и да ја раскажат својата приказна.
Фестивалот ќе се промовира во рамките на „Cinedays“ од 11 до 18 Ноември, а официјалната селекција на филмови ќе се прикаже на 19 Ноември, во МКЦ. Ќе бидат прикажани филмови од македонски автори како и филмови правени на мобилен, кои биле учесници на европски и светски фестивали од ваков вид. Фестивалот е отворен за сите коишто имаат мобилен апарат и направиле или имаат желба да направат со него видео запис за нешто кое им ја разбудило креативната енергија . Условите за пријавување и испраќање на филмови за учество во официјалната конкуренција се достапни на страницата на Мобил Фестивал – www.mobilefestival.net.
„Мобилните телефони се повеќе стануваат средство со кое се обезбедува материјал за киното на иднината. Со овој фестивал сакаме и во Македонија, да креираме и создадеме простор каде голем број филмаџии и филмофили, аматери и професионалци, ќе можат да го прикажат својот филм“, вели Димитар Николов од продуцентската и дистрибутерската компанија КТ Филм & Медиа, која е главен организатор на фестивалот.
Пристигнатите филмови ќе бидат селектирани, а најдобрите ќе бидат оценети од жири комисијата составена од Саша Станишиќ - режисер, Сашо Мацановски-Трендо, публицист, и Дејан Трајкоски, новинар и филмски критичар. Главната наградата што ќе ја додели Мобил Фестивал ќе го носи името „Лале“, во чест на неуморниот филмски работник и ентузијаст, автор на безброј документарни филмови и едукатор на огромен број млади автори од сите области на уметноста, Ратка Илиевска – Лале.
Мобилен телефон ZTE со HD перформанси е главната награда обезбедена од компанијата Promotel, а ќе има и награда за најиновативен филм, едногодишна бесплатна пост-пејд претплата од главниот спонзор One.