Матие Бурел - Гифови

18.09.2019 13:04
Матие Бурел  - Гифови

Матие Бурел (MATTHIEU BOUREL) е француски уметник кој живее во Берлин. Создава рачни, дигитални и анимирани колажи. Работи со стари фотографии, разместувајќи ги на различни начини со цел - остварување силни визуелни комбинации.

Неговата работа започнала од опсесијата на собирање разни слики од книги и стари списанија. „Обично бирам портрети кои имаат нешто длабоко во себе, нешто поврзано со драма - лице со насмевка но истовремено комбинирано со нешто страшно или вознемирувачко. За гледачот, кој е навикнат да го гледа портретот како само еден израз, да го ставам пред портрет кој комбинира сѐ одеднаш.“

Така обичен портрет на жена може лесно да го освежи своето значење кога ќе се удвои. Навидум бескрајното повторување на одредени елементи понекогаш ги коментира општествените структури, реферира на човековото однесување, и ги отстранува слоевите маски сѐ додека не остане ништо друго освен можната вистина, вообичаено исполнета со иронија.



Друга тема која го интересира Бурел е идентитетот, обележан со неговото отсуство или мултиплицирање.

Со своите дела Бурел интервенира во умот и сеќавањата на публиката, изместувајќи ја реалноста, збогатувајќи ги или неповратно елиминирајќи ги световите во кои ѝ е удобно да живее. Мешајќи ги елементите често се обидува да евоцира приказна која е моќно презентирана пред гледачот и „евоцира лажна историја или поттикнува носталгија за временски период кој никогаш не постоел“.

„Кога сум успешен, сите елементи заедно се склопуваат, со иронија и тензија, а сите други реалности се отстранети; останува само гледачот како учесник внатре во сликата, со сопствени кодови и врски. Тогаш приказот ја носи тежината на нечија лична реалност. Најважно, конечниот приказ всушност добива значаен евокативен квалитет кој не би можел да го изразам на друг начин.“




Повеќе за Матие Бурел: http://www.dojo.electrickettle.fr/

Слични содржини

Графички Дизајн / Култура / Уметност
Активизам / Графички Дизајн / Уметност / Настан
Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Графички Дизајн / Уметност

ОкоБоли главаВицФото