Кратка историја на мојата врска со Мерлин Монро

19.09.2019 00:12
Кратка историја на мојата врска со Мерлин Монро

Мерлин Монро е првата жена во која се заљубив како дете. Бевме дома, кај другарка ми Маја, и телевизорот беше вклучен, нејзините гледаа филм, јас и М. во аголот од собата ја вежбавме питагорината теорема во тефтерот на нејзиниот постар брат. Маја беше помала од мене две години. И наеднаш, тие сцени.

Мерлинка и Тони Кертис, и американската верзија на нашиот Чкаља. Џери Луис. Обата мртви сега.

Јас зјапам во екранот. Магнет. Мојата прва месмеризација со малиот екран. Ноќта ја сонував. Всушност се будев во сонот неколку пати, испотена... и шепотев „Мерлин, ах Мерлин...“ После имав забрана да гледам телевизија. Додека траеше забраната се прашував дали Мерлин ме чека во кафената кутија, дали само во телевизорот кај Маја или и кај нас дома, дали е сама или отпатувала со Џери?

Кога се укина ембаргото, жедно го вклучив телевизорот додека немаше никој дома, и чекав да заврши училишната програма, да се појави Мерлин.

Така чекав три месеци, Мерлин не дојде, и еден ден, јадевме цреши со Маја во дворот зад куќата и во еден безвременски миг почувствував дека некаде од пределот над папокот, два прста погоре, мојата љубов кон неа во вид на мало новогодишно балонче со сина боја, излета низ еден процеп на папокот и летна угоре кон крошната на црешата и дупнато од една гранка, се издиша. И остана да виси закачено на гранката, а мајка ми ми рече да не гледам натаму. Тоа со Кенеди не знам дали беше пред или по мојата љубов.

Гиф: Matthieu Boure

ОкоБоли главаВицФото