Културата на добредојде има иднина

19.09.2019 00:21
Културата на добредојде има иднина

Бегалци и миграција се темите кои доминираат на многу дебатни емисии. Таму, покрај другите, гостуваат и политичари и експерти кои зборуваат за наводна загуба на контролата и крајни граници на оптоварување. Истовремено, властите регистрирале околу 2000 казниви дела сторени против бегалци и баратели на азил и тоа само во 2018 година, додека десните екстремисти сѐ повеќе се групираат. Во есента 2015-та, пак, сосема други слики од Германија го обиколија светот: бегалци кои се дочекувани со аплауз на железничките станици, со вода и кукли за децата. Таквиот пријателски пристап го викаа култура на добредојде.

Што ли се случи со неа? Дали е заборавена? Нова студија на фондацијата Бертелсман со наслов „Културата на доредојде помеѓу скепсата и прагматичноста“ покажува дека перцепираната култура на добредојде останува цврста и отпорна. Таа е на релативно високо ниво, вели Оркан Косемен, еден од авторите на студијата. 2025 лица биле интервјуирани од страна на институтот Кантар Емнид за различни прашања поврзани со миграцијата. Не требало да го опишат сопствениот став за темата, туку да дадат своја проценка на начинот на кој Германците се однесуваат спрема бегалци или доселеници.

Економија: позитивни тенденции

79 проценти од испитаниците сметаат дека доселениците кои работат во Германија се претежно добредојдени кај властите, за бегалците 71 проценти се изјасниле на ист начин. Доселениците важат за претежно добредојдени и кај локалното население (71 процент), за бегалците 56 проценти имале иста проценка.

За темата недостиг на стручен кадар 41 проценти бараат персоналот да се регрутира од странство. Две третини од испитаниците во доселувањето гледаат позитивен ефект за германската економија. Мнозинството позитивно се изјаснило и за доаѓањето на странски компании во земјата.

Доселеници наспроти бегалци

Студијата покажува дека сликата којашто си ја прави домашното население за доселениците влијае врз културата на добредојде. Во Германија сликата за доселениците не е претежно позитивна. Само 45% од испитаниците веруваат дека нивните достигнувања се признати – што е пад во споредба со 2012 година. Ова може да се должи на фактот дека во последно време во Германија пред сѐ доаѓаат бегалци, се заклучува во студијата. Интеграцијата на бегалците на пазарот на трудот на среден и долг рок ќе донесе само бенефиции за земјата домаќин. При тоа се чини во меѓувреме се заборави на придонесот и ефектот од првата таканаречена генерација на гастарбајтери.

Миграцијата не е црно-бела тема, вели Косемен. „Таа е склоп од шанси и ризици – и така и ја доживуваат луѓето. Затоа, и покрај шансите за економијата кои ги гледаат многумина, има и скептични проценки. Тесно мнозинство од 52% смета дека има премногу доселеници. И на прашањето - дали Германија го достигна својот лимит во однос на ова, испитаниците се поделени. Речиси половина од нив (49%) сметаат дека Германија нема веќе капацитет да прима бегалци. Во 2017 пак имаше поинакви бројки. Тогаш мнозинството, односно 54%, сметаа дека лимитот е достигнат. Од друга страна 37% се на став дека на Германија можеби ѝ е потребно да прифаќа бегалци, бидејќи е хуманитарна земја.

Опаѓање на скептицизмот

Скептицизмот во однос на миграцијата севкупно е во опаѓање во споредба со 2017 година. Негативните ефекти од миграцијата сѐ уште се перцепираат, но со тенденција на намалување: 71% во доселувањето гледаат товар за социјалната држава, 69% гледаат конфликт меѓу доселениците и домашното население, 64% стравуваат од проблеми во училиштата, а добри 90% сметаат дека недоволното познавање на јазикот за доселениците е пречка за нивна интеграција. Тие сакаат да видат поголема иницијатива во овој дел.

Младите се поотворени

Иако Германија со децении е доселеничка земја, културата на добредојде е млада, вели експертот за миграција Косемен. „Германија е млада доселеничка земја со млада култура на добредојде во двојна смисла. Од една страна, бидејќи дури во последниве 15 години се препознавме како доселеничка земја. Од друга страна, бидејќи помладата популација во Германија е многу попозитивно настроена кон миграцијата отколку постарите.“

Тоа го потврдува и резултатот од студијата: перцепцијата и проценките на младата генерација под 30 години во однос на миграцијата значително се разликуваат од старата генерација. Според младите, миграцијата носи многу помалку товар, и во однос на социјалната држава и кон недостигот на станови. Тие се фокусираат на шансите. „Ова се должи на фактот што бројот на лица со миграциско потекло кај оние на возраст помеѓу 15 и 30 години е некаде 30%, додека кај постарите тоа е околу 20%“, се вели во студијата. Исто така, контактот и справувањето со различностите на младите им е сѐ повеќе секојдневие.

Позитивна перцепција нема само кај младите: 67% од испитаниците сметаат дека миграцијата го прави животот поинтересен. 64% во доселувањето гледаат средство за надминување на проблемот со стареење на општеството. Речиси 90% посакуваат државата да се погрижи на бегалците во Германија побргу да им се овозможи да работат.

Извор: https://www.dw.com/

ОкоБоли главаВицФото