Сега кажувам: Каде не одам! (3)

19.09.2019 00:37
Сега кажувам: Каде не одам! (3)


Ивана Галапчева
Студентските домови не се легла на проституција

Како студентка, долго време живеев во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје. Во фирмата каде што работев бев ангажирана да работам ноќна смена, што ми одговараше зашто ми го ослободуваше денот за предавањата на факултет. Но, незгодниот момент беше тоа што мораше секој ден да се враќам дома во раните утрински часови. Некогаш добивав превоз од колеги, но најчесто или пешачев (што е страшно и опасно на свој начин) или се враќав дома со такси. Во неколку прилики таксистите што ме возеле ми барале број, се нуделе да се „повозиме“, да ме посетат во соба итн.

Она што еднаш навистина ме исплаши е таксистот кој беше толку настојчив што во еден момент го фати бес од моето одбивање и ја заклучи задната врата со автоматското управување на возачкото седиште. Извика неколку закани додека јас тивко пробував да ја отворам вратата. Откако се издува, успеав да кажам нешто утешително и да бидам доволно смирена за да го наведам да ја отклучи вратата.
Оттогаш, кога се враќав дома со такси го кажував името на улицата, без да го споменам студентскиот дом. Јазикот ме спасуваше, зашто зборував литературен македонски (што ми беше важно во студиите); но што е со сите оние девојки кои дијалектот ги „издава“ дека не се од Скопје, што значи дека се провинцијалки, девојки што „лесно даваат“.

П.С. Многу пати сум начекала и група млади момци од Скопје во дворот на студентскиот дом како денгубат на клупите, им довикуваат на девојки и се трудат да се вметнат во некоја журка, со цел потоа „лесно да добијат“. Разберете еднаш засекогаш: студентските домови не се легла на проституција.


Мери Христоска
Веќе не одам во читална навечер

23:30 часот. Се враќав од читална од ГТЦ. Се враќав пешки зошто тогаш живеев во зградите кај Зелен пазар. Кога го поминував Жена парк, осетив дека некој ме следи. Решив да не паничам и продолжив да одам, надевајќи се дека ќе замине на друга страна. Веќе бев пред Сообрание кога почувствував како сè повеќe се приближува. Почнав да забрзувам, забрза и тој. Пред да свртам десно во уличката кај мене, почнав да трчам. А тој почна да ме брка. Ме фати баш пред влез и почна да ме влече кон него. Беше облечен во црно и носеше капа. За среќа, се фатив за кваката од влезната врата и цврсто се држев. Почнав да врескам, но никој не дојде да ми помогне. Среќа ме пушти за неколку секунди и замина со трчање.

Утрото соседите ме прашаа зошто било тоа викање и дека „сама сум си го барала“ што сум се движела сама касно.

Од тогаш не одам во читална навечер.

Румена Бужаровска
Спиев со секира и гребло пред врата

Еден мој сосед сметаше дека тоа што сум сама жена во викендица е провокација и мојата добрососедска учтивост ја прочита како покана за секс. Ми праќаше пораки на сите можни платформи, на кои не му одговарав, секако, и многу ме исплаши бидејќи бевме сами во населбата. Решив дека нема да ме избрка стравот од таму, но ноќе спиев со секира и гребло пред врата и долго пазев да не му се појавувам пред очи.


Јана Јакимовска
Веќе не седнувам на предно седиште во такси

Не сакав да седнувам на задно седиште во такси, зашто сметав дека таксистот не ми е слуга.

Стојам на улица и чекам такси. Без да мафнам, ми застанува такси од непозната компанија. Седнувам напред. Ми вика дека сукњата ми е убава и почнува да ме фаќа за колено. Ми е страв да избувнам, но му покажувам нелагода иако се трудам да останам фина. Ме носи до дестинацијата и пред да излезам ми дава приватен број на кој можам да го барам секогаш кога ќе ми треба такси.

Оттогаш веќе не седнувам на предно седиште во такси.


Теа Шалдева
„Вие девојките си го барате“

Мојот страв што го имам да поминувам покрај група од мажи е можеби откога имав околу 8 години. Се сеќавам на еден момент кога девојчето со кое се враќавме заедно дома од школо го стави капутот преку столче и од џебовите испопаѓаа куп камења. Ги носеше зашто ѝ беше страв додека поминувавме покрај една автобуска на која чекаа средношколци. Најчесто ни викаа, свиреа или не маваа со ѓубре.

Исто, се сеќавам дека во грмушките околу школскиот двор имаше манијак и не поминувавме таму кога ќе стемнеше.
Еден таксист ми правеше притисок да му дадам телефон иако неколку пати му кажав јасно дека не го давам бројот.
Друг, кога имав 15 години, ме праша дали имам дечко и му реков дека имам со цел да избегнам непријатен разговор. После тоа ме праша дали се „пипкаме“ со дечкото. Му реков „не“, на што ми кажа дека сум требала да му го откопчам патентот затоа што ќе му се свиѓало.

Трет таксист ме возеше многу доцна накај дома и имаше доста пат. Почна да ми раскажува за некоја девојка која била многу пијана и му заспала во таксито заради што тој морал да паркира и да ја чека да се разбуди. Го прашав зошто не ја разбудил, рече дека немало зошто да ја буди и дека со тоа што заспала си го барала да и направи нешто. „Вие девојките, си го барате.“

(Продолжува)
Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон четвртиот дел


Слики: Michelle Kingdom

Споделете искуство на сексуално вознемирување на јавен простор: непријатни и вознемирувачки искуства од сексуална природа коишто сте ги доживеале на улица, јавен превоз, влез во зграда, лифт, такси превоз... Овие исуства се секојдневни, но не смее да бидат нормализирани!

Идејата на оваа иницијатива не е само да се споделат овие искуства, туку да се покаже колку тоа влијае врз слободата на нашето движење низ јавните простори, начинот на кој ги користиме и колку ги користиме тие јавни простори. На пример, дали претрчуваме или се движиме спокојно, дали одиме пешки во куси релации или трошиме пари за такси, дали се преправаме дека зборуваме на телефон кога се чувствуваме загрозени, избегнуваме некои локации, внимаваме како се облекуваме, носиме средства за евентуална самоодбрана и слично.

#СегаКажувам#КадеНеОдам #TaniTregoj #KuNukShkoj

Слични содржини

Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Општество / Живот
Активизам / Графички Дизајн / Живот / Историја

ОкоБоли главаВицФото