Зошто сите озборуваме, а презираме гласини?

20.09.2019 00:16
Зошто сите озборуваме, а презираме гласини?

Научниците претпоставуваат дека меѓу 65 до 90 отсто од секојдневните разговори се вртат околу луѓе кои не се присутни. „Луѓето озборуваат со уживање кое може да се спореди со храна или секс“, пишуваат научниците во една студија.

Но само мал број луѓе признаваат дека сакаат озборување. Според една анкета која ја објавува германскиот Завод за статистика, половина од испитаниците велат дека озборуваат поретко од еднаш месечно или никогаш. Само 11 отсто од луѓето признаваат дека го прават тоа секојдневно. Озборувањето е речиси еднакво посветено на соседите, колегите, роднини или пријатели, нешто помалку на шефовите, а најретко на животниот партнер.

Моралниот код на повеќе општества осудува зборување за други луѓе зад нивниот грб. „Озборувањето се гледа исклучиво како саможиво однесување со цел да се манипулира со луѓето, да се влијае врз нив со лоши намери“, пишува во една холандска студија со наслов „Зошто луѓето озборуваат“.

Но всушност, тие разговори со шепот се подобри од нивниот имиџ. Не само што се човечки, туку се и смислени. „Низ озборувањето учиме кој е потенцијално добар партнер за соработка, а од кого треба да се држиме подалеку“, вели психологот Јан Енгелман кој ја истражува оваа тема на Универзитетот Беркли во Калифорнија.

Кој ќе биде примен во групата, а кој останува надвор? Тоа во текот на еволуцијата било прашање на живот и смрт. Пресудно за преживувањето било на време да бидете предупредени кои се предавниците, измамниците, егоистите...

Озборувањето во таа смисла ни помага да одлучиме кого ќе примиме во својот круг. Дури и малите деца на овој начин се штитат од егоистичните врсници кои не сакаат ништо да делат или со кои не е забавно дружењето, утврдува Енгелман во една студија.

А што ако зборуваат за мене?

Озборувањето не помага само за да се одвои житото од каколот и така да се одберат адекватни членови на групата. Озборувањето на другите исто така претставува и сврзно ткиво на групата. Се јакне социјалната врска меѓу озборувачите кои во доверба се отвораат едни кон други.

Но, се озборува и во рамки на цврста група. Не е ли тоа лошо? Не баш. Бидејќи оној кој ќе ги повреди нормите на групата за да стекне лична предност мора да смета со тоа дека другите ќе зборуваат за него.

Стравот дека би можеле да станете предмет на озборување, ги мотивира членовите на групата да се однесуваат фер кон другите. Конечно, доколку правилата екстремно се прекршат, личноста може да биде и исфрлена од групата.

Во минатото пресудно за преживувањето било на време да бидете предупредени кои се предавниците, измамниците, егоистите...

Дали од тоа произлегува дека озборувачите ја имаат на ум добробитта на целата група? Не е толку едноставно. Научниците нашле причини кои ги мотивираат луѓето на озборување. Освен размената на корисни информации, озборувањето навистина може да се користи како манипулација.

Кога некому зборувате за отсутна личност, тогаш влијаете врз мислењето на таа личност. Така се шират предрасуди и гласини кои брзо можат да добијат размери на мобинг. Не е чудо што озборувањето го бие лош глас.

Додуша, повеќето луѓе немаат лоши намери кога озборуваат. Најчестиот мотив е едноставната радост поради малку гласини за некого. Забавно е да се разменуваат нови трачеви, тоа го отргнува вниманието од секојдневието и им овозможува на луѓето да минат исполнето време, пишуваат холандските истражувачи.

Но, иако речиси сите озборуваат, барем понекогаш, сите ќе ви речат дека тоа не е добро. „Можеби не сакаме кога другите озборуваат бидејќи би можело да се работи за нас. Нашата репутација тогаш повеќе не е во наши раце, повеќе немаме целосна контрола“, вели Јан Енгелман.

Го презираме озборувањето затоа што ние самите би можеле да бидеме метата? Се сеќавам дека за својот колега од почетокот на приказната секогаш мислев- кога пред мене зборува вака за другите, како ли зборува за мене кога ќе излезам од просторијата?

Можеби таа непријатна помисла ме поттикна, ако е можно, никогаш да не му дадам причина да ме озборува. Се однесував најдобро што знам. И со тоа неговото озборување навистина ја исполни целта на еволуцијата.

Слика: Raquel Aparicio

Извор: https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото