Разговор за „македонцките работи” со Димитар Бечев

20.09.2019 16:30
Разговор за „македонцките работи” со Димитар Бечев

1.Најпрво да ви честитам за штотуку објавеното второ издание на историскиот речник. Се појавува точно десет години по првото, кое само по себе беше одличен прилог кон серијата историски речници на земјите на Европа што се објавуваат последниве децении од Роуман и Литлфилд. Најочигледната новина е, секако, насловот, односно „клучниот” атрибут кон името. Кои се поважните модификации или дополнувања во содржинска смисла? Веројатно повеќето се однесуваат на последнава деценија, односно на периодот меѓу првото и второто издание.

Ви благодарам. Сегашното издание има околу 20% повеќе содржини од претходното. Освен ажурирањето на податоците, со оглед на многу важни настани што се случија во Македонија последниве десет години, целта ми беше да го проширам и опсегот на личности претставени во речникот. Особено внимание им посветив на групи кои обично не се доволно застапени во националниот наратив: политички и општествени дејци од различна етничка припадност (Албанци, Турци, Роми, Евреи, итн.), а исто така и жените. Во новото издание ќе видите и тематски статии за прашања како што се граѓанското општество, корупцијата и екологијата. Секако, внесов и важни политички и културни појави од последната деценија како „антиквизацијата”, протестното движење од 2015-2017, договорот од Преспа, засиленото присуство на Русија и Кина во политиката и економијата на Северна Македонија и Балканот воопшто.


2. Оваа серија историски прегледи на Европските земји ми е позната од поодамна, пред сè поради ангажманот на една моја словенечка пријателка, Леополдина Плут Прегељ, коавторка на Историскиот речник на Словенија. Во 2018 тој речник го доби и третото издание, што сведочи за популарноста на оваа серија, но и свесноста на издавачите дека сите историски прегледи – дури и кога нема „драматични” промени, како името – се изложени на промени. Дали во второто издание на речникот има такви промени поврзани со подалечни историски настани?

Радикални промени нема. Но сепак се потрудив да ги збогатам информациите – пренесени во синтетизирана форма. Има доста дополнувања во библиографскиот дел на самиот крај на речникот. Сиве овие години имаше доста нови книги и научни статии на разни европски јазици за различни аспекти на македонското минато и сегашност.

3. Освен коавторката на словенечкиот речник, и многу други имиња во оваа серија укажуваат дека во најголем број на случаи, се работи за автори или коавтори етнички или културолошки поврзани со земјата за која пишуваат. Дали за вас беше предизвик да пишувате за Република Северна Македонија? Претпоставувам дека ова прашање не го добивате прв пат, посебно со оглед на долготрајните и сè уште нерешени прашања околу одредени аспекти на историјата и историски личности што ги делиме со Бугарија – вашата земја.

Се разбира дека е предизвик, но исто така мислам дека е и шанса. Без да тврдам дека моите видувања се последниот збор за ред сложени прашања, сметам дека надворешната перспектива е вредна. Имајте предвид, на пример, дека авторот на историскиот речник за Бугарија е Рејмон Детрез, исклучително темелен и добро информиран проучувач на балканската историја со потекло од Белгија. Меѓу останатото, Детрез е автор и на прекрасна монографска студија посветена на животот на Григор Прличев. Што се однесува до бугарско-македонските историски несогласувања, во многу од статиите ги претставив двете гледни точки, оставајќи им на читателите можност да донесат свои заклучоци. Апсолутната неутралност и објективност е веројатно мит. Секој од нас е производ на социјалната средина од која произлегува, но се стремев да задржам извесна дистанца од полемиките околу Македонија. Конечно, дозволете ми да истакнам дека мојата перспектива се разликува како од бугарскиот, така и од македонскиот историски канон. Претпоставувам дека не малку од тезите што ги изразувам на одделни места во речникот (на пример, во проширениот предговор) би предизвикале приговори и во Скопје и во Софија.

4. Апсолутно се согласувам околу вредноста на надворешната перспектива и се надевам дека ќе стане повообичаена пракса во нашето (Балканско) опкружување. Такви „надворешни” перспективи помагаат да се излезе од вообичаениот дискурс, а посебно ми е драго што велите дека ни едната ни другата страна целосно не би се согласиле со многу од изразените мислења. Во тој контекст, што беше за вас најголемата придобивка од работата на овој речник? Тука мислам пред сè на она што го научивте преку истражувањето и резимирањето на мноштво погледи на една навистина комплексна историја.

Најголемата придобивка е поцелосно разбирање на историјата на Македонија од 1944 до денес. Југословенскиот приод е клучен за градење на националната култура и институции, но често се занемарува од идеолошки сображенија. Всушност, пред моето издание од 2009-та имаше и речник на авторите Валентина Георгиева и Саша Конечни (од 1998). Таму имаше безброј статии за античкиот период, како и за 19-иот век, но речиси ништо за југословенската Македонија. На ист начин функционира и бугарската историографија. Втората придобивка за мене е што имав можност освен политичката историја да се осврнам малку повеќе и на економската и општествената историја – како на Република (Северна) Македонија, така и на целиот географски регион, односно Македонија и Балканот, што значи, да разгледам многу прашања и теми кои се малку поинакви од редовните полемики, како оние околу идентитетот на Македонците.


5. Кои се идеалните читатели на овие речници? Каде обично се наоѓаат овие книги? Каде би сакале да ги видите? Кому би можеле да му бидат од полза?

Овој вид книги се наменети пред сè за академската публика. Обично ги наоѓаме во универзитетските библиотеки. Кога некој истражувач има потреба да провери одредени информации или да направи библиографска корекција, соодветен историски речник може да биде од корист. Најчесно кажано, не очекувам интерес кај пошироката јавност. Од друга страна, често гледам дека речников се појавува како референца на онлајн платформи како Википедија, што значи дека е консултиран од повеќе читатели.


6.
Кои теми што ги допревте при работата на оваа публикација би сакале подлабоко да ги проучите – а не можевте поради форматот на публикацијата?

Веројатно економската, општествената и културната историја на Северна Македонија од поново време. Но не смееме да заборавиме дека мојата улога беше да синтетизирам и да пренесам информации од историографски трудови веќе достапни, а не да истражувам подлабоко.


7. Како гледате на вашата публикација во контекст на работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија?

Не гледам некоја особена врска. Мојот проект нема допирни точки ниту со иституции во Скопје, ниту со тие во Софија. Би ме радувало некои од моите колеги во комисијата да го прочитаат или барем да го консултираат речникот, но не очекувам дека би можел да стане основа за каков било заеднички наратив за минатото. Го поздравувам дијалогот меѓу историчарите од двете страни.

Истовремено, се плашам дека работата на Заедничката комисија е обележана со судир меѓу две непомирливи гледишта – односно кое гледиште ќе надвладее над другото. Искрено се надевам дека не сум во право.

8. Со оглед на вашето долгогодишно проучување на македонската и бугарската историја – а со тоа и на многуте сè уште отворени прашања – што сметате дека се најголемите предизвици во поглед на нивното „решавање”? Како да им пристапиме за да дојдеме до „заеднички јазик”?

Најголемиот предизвик е националистичкиот менталитет, што влијае и на методолошкиот пристап. Ставот дека националниот идентитет е нешто вечно и непроменливо во времето и просторот. Оттаму и некритичното проектирање на современата реалност во минатото – и обратно – на историски феномени во сегашноста. За среќа, некои од моите колеги во комисијата се доволно свесни за овој проблем и чувствувам дека имаат идеи како може да му пристапиме. Но на ниво на институциите, а со тоа и на ниво на општеството во целина, владее конзерватизмот.

Историските митови – при што под „митови” не подразбирам невистини, туку наративи-парадигми кои ги дефинираат границите и опишуваат корените на една заедница – се менуваат и ревидираат многу тешко.


9. За разлика од „заедничкиот јазик” како метафора, во заклучок би ве прашала како успеавте толку добро да го совладате македонскиот јазик во буквална смисла, и во усна и во писмена комуникација? Ова фасцинира токму поради блискоста со бугарскиот, бидејќи, како што на сите лингвисти, преведувачи и писатели им е познато, токму таквата блискост е често најголемата пречка за целосна флуентност.

Да, во право сте. Во основата на ова е љубопитноста. Кога човек е реално заинтересиран за „другиот”, подготвен е да учи и да разбира.


Д-р. Димитар Бечев е професор на Универзитетот на Северна Каролина, а исто така и Виш научен соработник при Институтот за општествени и хуманистички науки - Скопје (ИОХН-С). Автор е на бројни научни трудови, како и на публикации за пошироката јавност, за прашања поврзани со историјата и современите политички и општествени состојби на Балканот, во Турција и Русија, вклучувајќи ја книгата Rival Power: Russia in Southeast Europe (Yale UP, 2017). Д-р. Бечев има докторат од Универзитетот на Оксфорд.

Разговорот го водеше Анета Георгиевска-Шајн, историчар на уметност, Вашингтон.

Н.Б. Прашањата за Д-р Бечев беа испратени на македонски јазик, а добиените одговори преведени од бугарски (со проверка од соговорникот).

Линкови:

https://rowman.com/ISBN/9781538119617/Historical-Dictionary-of-North-Macedonia

https://www.amazon.com/Historical-Dictionary-Republic-Macedonia-Dictionaries/dp/0810855658

https://www.amazon.com/Historical-Dictionary-Macedonia-Valentina-Georgieva/dp/0810833360/ref=sr_1_3?keywords=historical+dictionary+of+macedonia&qid=1568413651&s=books&sr=1-3


Фотографии: Иван Илиев

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Балкан / Теорија
Општество / Европа / Балкан
Општество / Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото