Во споредба со Орбан, Путин е почетник

21.09.2019 00:16
Во споредба со Орбан, Путин е почетник

Гаспар Миклош Томаш е роден во романскиот град Клуж, во Трансилванија од каде во 1981 се отселил заради политички причини. Во Унгарија стана еден од водечките дисиденти. За време на комунизмот и подоцна, до средината на деведесеттите години соработувал со Виктор Орбан. Се разидоа кога сегашниот лидер на Фидеш драматично сврте на десно. Од 1989 до 1994 година претставник во унгарскиот парламент на Сојузот на слободните демократи во чиешто основање и самиот учествувал. Тој е еден од најпознатите унгарски интелектуалци во Трансилванија.

Разговаравме во Приштина, каде одржа предавање на познатата Летна школа на која годинава учествуваа повеќе од сто млади од 37 држави.

Дали е Унгарија уште демократска?

Апсолутно не. Нема ни трага од демократија

Дали е тоа илиберална држава?

Не е илиберална во класична смисла. Тоа е автократија со извесна толеранција. Ве трпи додека не стекнете сила да ја преземете власта. Критичките гласови можат да постојат. Како најпознат критичар на режимот, на пример, не сум во затвор. Јас сум еден од последните интелектуалци кој зборува за политиката во Унгарија. Сите други молчат. Не затоа што се заплашени, туку затоа што веќе нема надеж. Затоа луѓето што сакаат промени сега молчат.

Значи, тоа е илиберална демократија...

Орбан не го користи тој израз. Тоа е изум на западниот печат. Фаирд Закарија пред дваесетина години, на пример, пишуваше за илинералната демократија. Орбан зборува исклучиво за илиберална држава. Во неговиот речник нема демократија. Тој зборува за моќна национална/етничка држава, која не ги признава човековите права и уставот. Орбан никогаш не се крие зад маската демократ. Тоа е типично автократски систем, заснован на турскиот модел, со таа разлика што овде луѓето не ги праќаат во затвор. Противниците не се прогонуваат, туку се купуваат. Кој не се дава да биде купен, станува мета на медиумски напади. Имено, сите медиуми се под контрола на владата. Бесплатно се понудија на медиумската компанија на Орбан, Кесма. Таа опфаќа 467 медиумски куќи и 19 државни телевизиски канали. Дури и приватните телевизии се под контрола на власта. За да ја заплашат сите тие по ред ја напаѓаа новата, млада либерална партија, Моментум. Затоа што наводно е промигрантска, а тоа не е точно. Горчлива иронија е тоа што опозицијата денес се согласува со Орбан за сè што тврди Орбан. Дури и кога се работи за борбата против мигрантите.

Коишто во Унгарија воопшто и ги нема?

Се разбира дека не, затоа што на границата има ограда. На таа ограда се заснова целиот систем. Од 10 вести од странство, 8 или 9 по правило се поврзани со криминалните активности на мигрантите низ Европа. Таква е моментално медиумската надворешна политика. Тоа не е шега!

Дали Унгарија се враќа во времето на еднопартискиот систем?

Не. Владејачкиот Фидеш практично веќе не постои, нема членство, ниту конгреси или состаноци. Ништо.

Значи на Орбан не му е потребна партијата?

Се разбира дека не, нему му треба само апарат. Локалната управа се темели на градоначалниците, кои главно сите се на Орбан. Делуваат како некакви партиски секретари. Така е полесно. Некогашната политичка мобилизација сега ја наследи демобилизацијата. Во државата нема никаква политичка борба или расправа. Веќе 15 години Орбан не дал ниедно интервју на некој невладин медиум. Никогаш не се појавува некаде заедно со опозицијата, дебатата со неа е забранета. Унгарија е завиткана во целосна политичка тишина. Но затоа многу гласни се владините лажни вести и (расистичката) пропаганда. Тие ги оправдуваат убијците од Крајстчрч и Ел Пасо. Таква е сега официјалната идеологија на владата, која ја следи тезата на Рено Ками за тнр. големо преместување...

...според кое небелите дојденци сосема ги потиснале белците во Европа?

Да. Рено Ками (Renaud Camus) и Жан Распај (Jean Raspail) се остро настроени против мигрантите, тие стана главни идеолози на режимот на Орбан. Во едно интервју Ками го претстави како голем мудрец на денешницата. Во Франција е маргинален фашист, а во Унгарија го претставуваат како нешто најдобро што го има Европа. Неговата идеја за големото преместување (great replacement) веќе долго е мејнстрим во Соединетите држави. Следбеник на таа идеја е и Доналд Трамп.

Неодмана едно американско списание нашиша дека Доналд Трамп не ја прави Америка голема, како што постојано повторува, туку всушност ја унгаризира...

Можеби тоа е точно, иако разликите се многу очигледни. Во Унгарија веќе нема автономија на универзитетите. Сите културни установи и музеи се под непосредна контрола на владата. Орбан контролира дури 39 научни установи, кои станаа државни институции. Токму заради таквата политика луѓето масовно си заминуваат. Вратата е отворена и кој веќе не може да го поднесе тоа што се случува, едноставно си заминува. Во најголем број заминуваат млади интелектуалци и малдите, обучени работници, кои се најмобилни и најбунтовни. Заминуваат најмногу во Европа, а и во Соединетите држави. Средната класа, своите деца од мали ги подготвува за заминување. Ги запишува во двојазични училишта, особено оние во кои се учи германски. Не затоа што ја сакаат Германија, туку затоа што сакаат да работат во Германија.

Орбан неодамна го распушти и Институт 56?

Сите некогашни институции се еднставно уништени. Институтот 56 го вклучија во крајно десничарската организација Веритас. Тоа е фашистички пропаганден тинк тенк. Институтот кој се занимаваше со востанието и советската окупација во 1956 година беше прогонуван со децении. Сега веќе го нема. Укината е дури и канцеларијата за заштита на спомениците. Архивите ги фрлија во ѓубре. Унгарија е единствена држава во светот каде веќе нема уредена заштита на спомениците. Од зградата во Будим ја исфрлија националната библиотека и народната галерија. Официјално, затоа што на владата ѝ е потребна зградата. Укинат е и Институтот за социологија. На Унгарија не ѝ е потребна социологија. Со закон се забранети родовите студии. Учењето за тие теми сега е илегално.

Како што е илегално да се биде бездомник?

Да, тоа е злосторство. Кој спие на улица, може да добие три години затвор. Дури и полицајците главно не ги прогонуваат бездомниците. Ако видат некого на улица, се прават дека не го гледаат. Тоа дури и за нив е премногу. Но, таквата политика, се разбира, меѓу Унгарците е многу омилена. И се разбира, сиромашните се главно Роми. Таквата политика намерно предизвикува социјални тензии. Власта е на страната на угледните, богати луѓе, кои заедно со неа се борат против мрачната сила на сиромашните. И против мигрантите.

Затоа Унгарците сакаат таков водач?

Не, Орбан не е омилен, воопшто не е.

Дали се плашат од него?

Дури ни тоа. Се работи пред сè за почитување, но без чувства. За нив, тој е пред сè способен и ефикасен водач. Но, што прави тој? Ја уништува државата. Здравството е во урнатини. Лекарите бегаат во странство. Болните уште од шест часот наутро во редови чекаат за хемотерапија. Образованието е во распад, јавниот транспорт, исто така. Владата не ја врши својата улога туку само ја утврдува својата власт. Тоа е сè. Не ја интересира судбината на обичните граѓани. Средниот слој и онака на располагање ги има приватните училишта и болници. Всушност, само уште средниот слој гласа на изборите.

Но и покрај тоа, Орбан победува?

Да, иако на изборните места излегува само малцинството. Мнозинството останува дома зашто нема промени. Орбан отворено најави дека ќе биде премиер барем до 2030 година. Моментално нема конкурент, затоа стана некако прифатлив. Иако сите знаат дека е најкорумпираниот политичар во светот. И веројатно е најголем богаташ во Источна Европа.

Како е тоа можно?

Државната принуда презема разни компании. Државните фирми се партизирани и доделени на негови луѓе, препишани на членовите на неговото семејство и на пријателите.

Како што тоа го прави Владими Путин?

Во споредба со Орбан, Путин е почетник. Овде е стопати полошо. Унгарија е во сопственост на западни и арапски компании од Заливот, Јордан, Египет, Турција. Советник на Орбан е, на пример, Аднан Полат, кој е советник и на претседателот Ердоган. Иштван Тиборч, зетот на Орбан има бизнис со него. Полат седи во премиерската ложа кога Орбан доаѓа во парламентот. И она што не е во сопственост на странски компании и западниот капитал, е во сопственост на Орбан и неговите луѓе. Нема независни унгарски капиталисти, ниту унгарски олигарси. Постои само еден. Виктор Орбан.

Колкаво е неговото богатство?

Огромно. Има илјадници и илјадници хектари земја, градови, хотели, палати. Семејството на Орбан ги контролира градежните фирми и 467 списанија, како и неколку десетици радија и телевизиски станици. Сите локални списанија излегуваат со иста насловна страница. Можете ли да замислите? Околу 85 отсто од содржината на тие списанија е сосема иста. Се разликуваат само некои локални вести. Главните теми се подготвени во централата и потоа дистрибуирани по цела држава. Државната агенција МТИ сите вести ги праќа бесплатно, затоа тие се исти на сите радио станици. Кај многу дури и гласот на спикерот е истиот... Единствената работа што ја прави државата е изградбата на фудбалски стадиони. Веќе има изградено над 200, што е огромен број за толку мала држава.

Дали премерот е навистина толку голем љубител на фудбалот?

Се разбира дека е, но тоа е не пресудно. Фудбалските навивачи станаа некаква неформална мрежа на крајната десница, ултраси и слични хулигани. Поддржуваат сè што е крајно десно. Пред некое време во Унгарија делуваше официјално регистрираната нацистичка партија Ероу Крос. Нејзиниот водач Ференц Шаласи неодамна во интервју рече дека ја изгубиле силата затоа што „ сè што зборуваме ние зборува и Орбан“. Затоа партијата веќе ја нема. Сите нејзини членови се му се придружија на Фидеш.

Дури и бискупот Ласло Кис – Риго е сопственик на фудбалски клуб во Сегедин?

Тоа е најекстремниот десничар меѓу сите духовници. Држи антисемитски говори и со својата иредентистичка политика ги плаши соседите.

Црквата го поддржува Орбан?

Да, иако всушност нема никаква политичка моќ. Верници нема многу. Црквите се главно празни.

Парадокс е што бискупите постојано зборуваат за христијанските вренодности, а истовремено ги мразат мигрантите?

Христијанските вредности значат дека треба да се мразат Евреите и муслиманите. Тоа се денес европските христијански вредности.

Бискупите велат дека папата не е во право кога ги брани мигрантите?

Папата Франциск е омразен во Унгарија, како и Ангела Меркел. За него зборуваат дека е масон, агент на Сорос и комунистички либерал. Новинарот Золт Баер, еден од основачите на Фидеш, личен пријател на премиерот и некаков официјален владин пропангадист, неодамна изјави дека папата е дементен идиот, одвратен старец и обично гомно. Таков е официјалниот државен журнализам. Кој, покрај омразата кон папата и мигрантите бара и уште понемилосрдна борба против Ромите и геј луѓето. Тоа е опасно хушкање.

Дали тоа ја вклучува и борбата против Џорџ Сорос? Дали е готово со него во Унгарија?

Фондацијата на Сорос веќе нема никакво влијание. Откако пред шест години ја напушти Унгарија нема влијание. Сорос не сакаше да ги загрозува луѓето што добиваа негови пари. Парите сѐ уште се достапни, но веќе никој не ги зема зашто се плашат од одмаздата на владата. Парламентот донесе закон насловен „Сопрете го Сорос“. Тој закон сега забранува финансирање невладини организации од странство. Кратенката НВО стана синоним за зло. Во медиумите пишуваат дека борбата за човекови права е борба против државата. Однесувањето на тој половина параноичен, ксенофобичен, антилиберален и антиинтелектуален режим многу потсетува на настаните во Германија во триесеттите години на минатиот век.

Владата дури го отстрани и споменикот на Имре Наѓ, кој стоеше пред парламентот?

Преходно исто така го отстранија и споменикот на Михоли Кароли. Станува збор за двајца големи Унгарци, водачи на демократски револуции, онаа од 1918 и, се разбира отпорот против Советите во 1956 година.

Поминаа точно триесет години од погребот на Имре Наѓ. На тогашната церемонија како студент зборувал и Виктор Орбан.

Тој говор е потполно неважен, а сега стана речеиси митолошки. Го претставуваат како голем настан и доказ за величината на Виктор Орбан.

Можеби би сакал да стане втор Имре Наѓ?

Не, затоа што Наѓ никогаш не бил особено омилен меѓу Унгарците. Никогаш не бил ни меѓу првите десет, а не е ни денес. На прво место по омиленост сè уште е првиот секретар на унгарската партија, Јанош Кадар.

Како?

Па како што Николае Чаушеску сè уште е многу омилен меѓу Романците? По падот на комунизмот, секаде на Исток завладеа тврд капиталистички режим кој сиромашните го обвинуваат за материјализам зашто сакаат повеќе отколку што можат да си дозволат. Затоа 1989 година, кога сè почна да се урива, за многумина е годината на катастрофа. И тоа се разбира, нема никаква врска со симпатиите кон социјализмот, као што некои би сакале да го претстават. Имено, капитализмот со својата трка по профит и сè поголемата ненеднаквост, упорно го уништува моралното ткиво на општеството, ги зголемува социјалните разлики и ја укинува солидарноста.

Будимпешта трескавично се подготвува за стогодишнината на трианонскиот мировен договор од 1920 година. Во таа прилика пред парламентот ќе биде откриен посебен споменик, посветен на трагедијата од Трианон. Што сака Унгарија да порача со тој споменик?

Споменикот всушност ќе биде под земја, во темнина, во некаков тунел. На него ќе има список на сите територии кои некогаш ѝ припаѓале на Унгарија, па и словенечкото Пекумурје. А главната намена на споменикот секако е пропагандата против Романија. Сето друго е неважно, само како некаков додаток. Кон Словенците нема некој посебен однос. Културно се толку блиску до Унгарија што тука нема никакви страсти. Меѓутоа, непријателстовото кон Романија е бескрајно. Трагикомичен пример: унгарската фудбалска репрезентација неодамна играше против Португалија. И навивачите таму во Лисабон викаа: „Ве мразиме гомна романски!“ Зашто немаат други пароли. Секоја година, Орбан со целата влада оди во романска Трансилванија, каде живеат Унгарци и им зборува за историските неправди. Тоа секогаш е неговиот најважен говор во годината.

Дали тој споменик е дел од будењето на идејата за голема Унгарија?

Таа идеја не постои. За иредентизмот е можно да се зборува иако тука не станува збор за ревизија на мировниот договор и границите. Сè заедно е само пропаганда. Тука, пред сè, се работи за помошта на унгарските малцинства во областите кои ги изгубило некогашното кралство со Трианон. На пример, Будимпешта изгради фудбалски стадион во Дунајска Стреда во јужна Словачка, им помага на Унгарците во Лендава, на роднините во романската Трансилванија. Сака да биде присутна во областите кои некогаш биле Унгарија. Се работи за некаква симболична преокупација на некогашните територии, што инаку државата ја чини стравично многу милијарди форинти. И владата во тоа е успешна. Мнозинството Унгарци во Романија го обожуваат Орбан. Од далеку, ако немаш работа со него секојдневно, лесно е да го сакаш. Проблемот на Унгарците во Романија е што не ја познаваат реалноста во Унгарија.

За нив е неаков херој?

Тоа не се триесеттите години на минатиот век. Ова не е време на херои, ова е време на кловнови. Борис Џонсон е кловн, Доналд Трамп е кловн, дури и Емануел Макрон во извесна мера е кловн. Тоа не е сосема возможно да се тврди за Орбан, кој инаку сака да се шегува, но сепак е некаков тврдокорен тип од стар ков. Ја обнови некогашната моќ на Унгарија и тоа постојано го повторува. Државата е независна, не слуша никого, повоторно зборува со свој глас. И упорно го потпалува антиевропското расположение.

Така се враќа кон старите традиции?

Унгарија отсекогаш била антизападна, затоа денес Турција е толку популарна во Унгарија. Во 19-от век, кога Европа на Балканот се соочуваше со Турците, целата јавност беше на страната на Отоманците. Тогаш, на пример, буржоазијата од Будимпешта на Мехмед му подарила сребрен меч. На берлинскиот конгрес, Гула Андраси се обидувал да ја спаси Турција зашто била противник на Западот. Познавам луѓе кои заради Трианон никогаш не отишле во Франција. Имено, тие мислат дека Франција нè мрази. За многумина Унгарци, Франција е проклета држава. Кога гореше Нотр Дам, некои аплаудираа со воодушевување. Каков апсурд! Слични антипатии сега негуваат и против Германија затоа што е премногу либерална кога станува збор за мигрантите. Им пречи нивната култура на Добредојде (Willkomenskultur).

Но тоа и понатаму е парадокс: Орбан постојано ја критикува Европската унија, а истовремено без размислување зема пари од неа?

Што има необично тука? Сите земаат пари од непријателите. Никој не ги одбива парите на големите корпорации. Орбан има среќа што во Европа никој не зборува унгарски. Тоа е негова голема предност. Кога во странство би ги читале неговите весници, сè би им било јасно. Во Брисел воопшто немаат поим што се зборува и пишува во Унгарија. Европа е декадентна, лишена од секаква култура. Орбан во Киркизија зборуваше дека таму се нашите вистински предци. Дека сме историски поврзани со средна Азија, со Монголците, со Хуните, Татарите. На пример, сега Унгарија е полноправна членка на светското здружение на турски народи. Таа идентификација со истокот оди многу длабоко, дел е од официјалната пропаганда. Ние сме потомци на Атила, вели Орбан. Затоа секој трет Унгарец се вика Атила. Тоа е убедливо најомиленото име.

Тимоти Гартон Еш, неодамна напиша дека Орбан со Европа танцува некаков танц на паун.

Тоа го кажа Орбан, а не Еш, тој само го цитира. Тимоти ми е пријател, иако и тој има проблем што не зборува унгарски. Кога би знаел што всушност се случува овде и што сè се пишува, Европа би врескала од огорченост. На пример, дванаесет германски дописници известуваат од Романија. Еден од нив ја покрива и Унгарија затоа што зборува унгарски. Само две списанија во светот имаат дописници што зборуваат унгарски и двајцата се од Австрија. Тие двајца знаат што значи тој танц на паун. Лаги и шепурење. Дома зборува едно, а во Европа сосема друго. Дома може да каже што сака зашто надвор никој не го разбира. Заради таа јазична бариера, Унгарија денес е една од најтаинствените држави. Јазикот изолира и штити.

Дали Унгарија ќе остане во ЕУ?

Тоа воопшто не го интересира Орбан. Тој пред сè сака да му даваат пари и да го остават на мира. Борбата против ЕУ му треба само за да покаже дома дека може да им се спротивстави на големите. Стопати е поинтелигентен и поитар од западните политичари. Манфред Вебер или Урсула вон дер Лејен не можат да се носат со него. Многу е попаметен од нив.

Дали Фидеш ќе остане во Европската народна партија?

Фидеш го нема, не постои. Фидеш е Орбан. Целата власт е во рацете на само еден човек.

Ќе остане ли во таа партија?

Тоа воопшто не е важно. Се разбира дека ќе остане зашто таму му е поудобно. Но во секој случај ќе победи. Ако остане, ќе се зборува дека не се осмелиле да го исклучат, а ако пак го исфрлат, со прст ќе се покажува на тоа дека нивната игра била нечесна. Не сака да зависи од големите, негува односи со сите. Вешто балансира помеѓу Владимир Путин и Западот. Го прими и Доналд Трамп. Сега во Будимпеѓта доаѓа и Ангела Меркел.

Дали е вистина дека на неодамнешната прослава на американската амбасада му пеел легендарниот Пол Енка?

Го променил текстот на познатата песна „My Way“ на Френк Синатра, така што во неа се појавило името на Орбан.

Кои се всушност негови сојузници во Европа?

Во овој момент само српскиот претседател Александар Вучиќ. Министерот за надворешни работи, Петер Шијарто, на пример, учествуваше во изборната кампања на Вучиќ и многу гадно ги навредуваше неговите противници. Тоа беше непосредното унгарско влијание на изборната кампања. Во Словенија, голем сојузник на Орбан е Јанез Јанша, кој сега не е на власт. Многу се интересни односите со Македонија. Побегнатиот Никола Груевски, некогашниот премиер, кој доби политички азил во Будимпешта е советник на министерот за надворешни работи и постојан гостин на сите приеми. Хрватска е непријател, а Србија главен сојузник. Со таквите врски, Будимпешта сака да докаже дека е регионална сила. Унгарија е политички изолирана и нема вистински пријатели. Тоа е лошо за мала држава. 

Потпретседателот на италијанската влада, Матео Салвини е сојузник на Орбан?

Нивните идеологии се разминуваат. Имено, Салвини сака мигрантите да ги распоредат по цела Европа, теоретски и во Унгарија, на што Орбан одлучно се спротивставува. Тој е за Европа без мигранти.

Што е со односите со Јарослав Качински? Уште една сродна душа?

Добро се разбираат, може да го покани кога било. Иако со него нема за што да разговара, бидејќи Полјакот не знае англиски...

Карикатури: Marian Kamensky

Извор: Delo

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото